Во оваа асоцијација ќе можат да членуваат и телевизиите и новинарите вработени во нив.  За претседател е избран Иван Мирчевски, генерален директор на „Канал 5“, а за заменик Атанас Кировски, главен и одговорен уредник на „Телма“. Правилникот за работа на асоцијацијата што досега функционираше како групација, според најавите, ќе биде готов за 15 дена.

– Станува збор за асоцијација која, пред сè, има цел да ги сублимира нашите заложби и детектирани проблеми  во системот, во законите – рече Мирчевски на прес-конференција.

Според Кировски, на асоцијацијата не треба да се гледа како на здружение на новинари.

– Не станува збор на никакво здружение на новинари, туку  за асоцијација на приватни медиуми – рече Кировски, коментирајќи го односот со ЗНМ и со МАН.

Според  министерот Ивановски, досегашната соработка со телевизиите ќе продолжела и на ниво на асоцијацијата.

Од новинарските здруженија велат дека асоцијацијата не ја гледаат како конкуренција поради тоа што во неа ќе членуваат и новинари.

– Секој наш член може да членува во други организации. Телевизиите ги штитат правата и интересите на самите телевизии како компании со свој капитал и интереси, а МАН се грижи за професионалните права и интереси на новинарските поединци и индивидуалци – изјави Слаѓана Димишкова.

Насер Селмани, претсетател на Здружението на новинари на Македонија вели дека е позитивно што националните телевизии се здружиле. Тој посочи дека ваква организација недостигала и поради тоа ЗНМ имало тешкотии во соработката со овие медиуми.

– Ние сме подготвени да соработуваме со асоцијацијата и се надеваме дека освен за бизнис-интересите на сопствениците на медиумите, ќе се залагат и за слободата на медиумите и за почитувањето на професионалните стандарди и етика – рече Селмани.

(линк до оригиналната вест)