verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Рецензија: Светска банка со пооптимистички прогнози за македонскиот од глобалниот економски раст

on 20 - 06 - 2013       

Проблемот со оваа вест е што претставува спин. Насловот едноставно не е точен. Светската банка нема „пооптимистички прогнози за македонскиот од глобалниот економски раст“. А и не би можела да има бидејќи овогодишната прогноза за македонскиот раст е 1,4 отсто, а за глобалниот 2,2 отсто.

Светска банка со пооптимистички прогнози за македонскиот од глобалниот економски растЛинк до оригиналниот напис: Светска банка со пооптимистички прогнози за македонскиот од глобалниот економски раст

Датум и време на објавување: Четврток, 13 Јуни 2013, 12:48

Датум на рецензирање: 16.06.2013

Рецензент:  Владимир Петрески

Вистинитост: Веста се темели врз полугодишното издание на Светската банка „Глобални економски изгледи“ (анг. Global Economic Prospects – June 2013) во кои Банката ги објавува проекциите за економски раст на глобално, регионално и национално ниво за најголем број од земјите во светот.

Тврдењето во насловот не е точно. Банката едноставно нема „пооптимистички прогнози за македонскиот од глобалниот економски раст“. Спинот продолжува и во првата реченица во поднасловот:

„Светската банка очекува слаб глобален економски раст, додека прогнозите на Банката за македонската економија се нешто пооптимистички.“

Авторот на веста самиот си „влегува во уста“кога ги објавува бројките во кои е наведено дека прогнозите за раст на македонската економија се 1,4 отсто, додека прогнозите на глобално ниво се 2,2 отсто.

Неточно е и следново тврдење:

„Растот ќе го предводат развиените држави кои заедно ќе имаат прогнозиран БДП од 5,1 отсто оваа година, се вели во извештајот.“

Тоа е побиено во самата вест веднаш во следната реченица која вели:

„Ризиците за развиените економии се ослабнати, но ќе имаат раст од само 1,2 отсто оваа година.“

Ова е збунувачки за читателот. Во една реченица се вели дека развиените држави ќе го предводат растот со 5,1 отсто, за веднаш потоа да се каже дека развиените економии ќе имаат раст од само 1,2 отсто. Се разбира, грешката е во првата реченица. Тука не станува збор за „развиените држави“, туку за земјите во развој (developing-country growth – како што се вели во извештајот) за кои се проектира раст од 5,1 отсто годинава и 5,6 отсто и 5,7 отсто во 2014 и 2015 година.

Извори на информации: Светската банка, како извор, е, се разбира, релевантен. Но, прашање е како се искористени податоците од оваа публикацијата на Банката. Со цел да се спинува веста и да се прикаже нагорната проекција од 1 на 1,4 отсто раст за македонската економија заборавено е сè друго. За да се види како стојат проекциите за македонската економија бездруго е неопходно да се информира и да се направи компарација со проекциите за земјите од соседството и од регионот. Банката дури има и кратенка за групата земји во која и ние припаѓаме SEE6 (ЈИЕ6), односно 6-те земји од Западниот Балкан, кои сѐ уште не се членки на ЕУ: Македонија, Албанија, Црна Гора, Србија, БиХ и Косово.

Еве како изгледаат проекциите за раст за овие земји за годинава: Црна Гора 0,8 отсто, Албанија 1,8 отсто, Косово со 3,1 отсто и Србија со 2 отсто. За БиХ нема проекција заради ограниченоста на податоците. Ако вака споредбено се погледнат податоците со земјите во нашата група, тогаш проекцијата за Македонија од 1,4 отсто не е толку оптимистичка.

Малку подобра е состојбата ако погледнеме пошироко и ако ги вклучиме и Бугарија, која има проекција од 1,2 отсто и Романија со 1,7 отсто. За Хрватска, пак, која од 1 јули станува членка на ЕУ, во оваа публикација нема ни збор, како и за најголем дел од другите земји земји членки. Податоците за Хрватска отсега треба да се бараат во друга публикација на Банката (ЕУ11-Редовен економски извештај – EU11-Regular Economic Report), каде што се вклучени проекциите за 11-те земји нови членки на ЕУ од Источна и Централна Европа. Проекцијата за Хрватска за годинава е -0,4 отсто. Од некоја причина Бугарија и Романија се вклучени во двете публикации.

Содржајност: Веста воопшто не е содржајна. Податоците што се наведени во неа речиси сите се од првата страница на извештајот на Светската банка, без да се погледне подлабоко, освен кога станувало збор за проекциите за раст за Македонија. Покрај тоа што не е направена горната споредбена анализа со проекциите за другите земји од регионот, не е направена ни анализа за проекциите на другите меѓународни организации – и финансиски и нефинансиски, но организации кои во секој случај се релевантни.

Да се направело тоа, ќе се видело дека нагорната проекција на Банката за македонскиот раст е неминовна. Имено, само неколку недели претходно и Европската комисија и Европската банка за обнова и развој предвидоа раст за македонската економија од 1,5 отсто. Стандард и Пур`с, пак, во својот извештај во кој го намали кредитниот рејтинг на земјава, излезе со проекција од само 1 отсто. Од друга страна, пак, проекциите на Владата и на ММФ изнесуваат 2 отсто, а на Народната банка на Македонија 2,3 отсто.

Кога ќе се земе сето ова предвид, тогаш оваа проекција на Светската банка и не е толку розова, зашто е пониска од редица други меѓународни институции, како и од прогнозите на Владата и НБРМ. Настрана фактот што претходната проекција на Банката од јануари лани беше направена во прилично тмурни времиња, кога економската состојба во регионот беше уште полоша, а во Македонија се случи 24 декември и имаше протести од страна на опозицијата. Сега, кога тие протести се поминати и кога состојбата во регионот нешто подобра, нагорната проекција беше сосема за очекување. Тоа најдобро го илустрира и главниот економист на Банката за регионов, Жељко Богетиќ, на официјалниот блог.

Пристрасност: Целта на спинот од насловот и на ограничените информации е јасна. Состојбата да се прикаже подобра одошто е. Проблемот е само што веднаш се забележува недостиг од редица информации во веста кои би фрлиле поголема светлина врз вистинската слика, а и во самата вест бројките зборуваат дека насловот не е оправдан.

Како дополнителен додаток на спинот е и фактот што оваа вест беше прва во рубриката „Избор на уредникот“, а се со цел веста да се издвои како етпен важна и како добар знак за националната економија.

Сепак, работите треба да се постават во перспектива. Станува збор за проекција за економски раст, која се менува на секои 6 месеци – нагоре или надолу. Нагорната проекција за 0,4 отсто многу малку кажува за фактичката состојба на националната економија и овој нагорен раст е прилично мал. Проекцијата од 1,4 отсто е, исто така, пониска од речиси сите други меѓународни и македонски институции за да ѝ се придаде толкаво големо значење. Токму затоа и е прибегнато кон спин.

Коментирање: Веста нема коментаторски елементи сама по себе, но за нешто да биде спин не мора да има коментар. Доволно е малку тенденциозност или неточно толкување. А, тоа овде е присутно.

Оригиналност/Плагијат: Веста прв ја објави Економски.мк. Но, онаа на Курир изгледа поинаку – дополнето, но и видоизменето. Сменет е насловот, кој во Економски е сосема реален: „ТАБЕЛА: Светска банка ја подобри прогнозата за растот во Македонија“, но за жал, не е преземена табелата од која барем може да се види какви се проекциите и на другите земји. Целта била јасна – со промена на насловот и со необјавување на табелата да се покаже само она што може да помине како оптимистичко и позитивно и така да се добие можност барем донекаде да помине спинот.

Квалитет на насловот: Најголем дел од спинот е во насловот. Тој претставува најголем проблем во веста заедно со првата реченица во веста.

Целта е вниманието на читателите да насочи кон насловот, а веста е направен на начин да прикрие дека тврдењето од насловот не е точно. Во неа не се кажува какви се прогнозите за другите земји од регионот, каде што може да се види дека прогнозата за Македонија е меѓу пониските, а ги нема и прогнозите на другите меѓународни организации од кои би се видело дека оваа прогноза е повторно меѓу најниските и слично.

Фотографија: Фотографијата е добра и одговара на темата. Сосема е нејасно нејзиното авторство, а не е јасно и чија е нејзината обработка – односно кој го вметнал логото на Светска банка – дали порталот или таа е како таква преземена од некаде.

Заклучок: Веста претставува спин. И тоа прилично успешен спин, зашто таа е преземена од  други портали по нејзиното објавување. Покрај тоа, на веста ѝ е даден и значаен третман во посебна рубрика, која се појавува низ страниците на порталот.

Главниот спин е во насловот со сосема неточното тврдење од кое тој се состои. Но, спинот продолжува и во веста преку изоставување на многу важни компаративни информации, кои во ваква вест неизоставно би требало да ги има за да може да се добие било каква поцелосна слика за тоа какви се, всушност, прогнозите за македонската економија годинава во поширок контекст, како и од каде и зошто доаѓа нагорната ревизија.

Светска банка со пооптимистички прогнози за македонскиот од глобалниот економски раст

 


Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

ИНФОГРАФИК

infoVistinitostВИСТИНИТОСТ

infoVistinitostИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ

infoVistinitostСЕОПФАТНОСТ

infoVistinitostПРИСТРАСНОСТ

infoVistinitostКОМЕНТИРАЊЕ

infoVistinitostПЛАГИЈАТ

infoVistinitostКВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ

infoVistinitostФОТОГРАФИЈА

infoVistinitostГОВОР НА ОМРАЗА

infoVistinitostУРЕДЕН ЗА ВЕБ

Претплатете се за најнови вести