verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Судските пресуди, мерките на власта и постапките на медиумите

on 18 - 01 - 2014       
Правда и медиуми: јавна личност паднала на земја, обвинета е дека била пијана и судот ја пратил на рехабилитација, а таблоидите, се разбира, известиле на свој начин. Фото: Марија Џонсон

Правда и медиуми: јавна личност паднала на земја, обвинета е дека била пијана и судот ја пратил на рехабилитација. A, таблоидите, се разбира, известиле на свој начин. Фото: Марија Џонсон

 

Медуимите во служба на портпаролот (или како најлесно да се убеди јавноста дека судиите треба да судат по ист аршин: донесете правилник и кажете им на медиумите дека тоа е најдоброто решение)

 

Пишува: Доц. д-р Светлана Вељановска, доктор по меѓународно право

 

Да се тврди дека со правилник ќе се научат судиите да изрекуваат казни со ист аршин е исто како да верувате дека волшебното стапче е решение на сите проблеми!  Камо да беше така лесно и едноставно!

 

Најлесен начин за добивање на информации од било која сфера се официјалните прес- конференции кои се свикуваат од страна на некоја државна институција. На новинар(к)ите им се пласираат информации за активностите на соодветното министерство, државен орган, или Владата и тие на тој начин го пополнуваат просторот кој им е даден од страна на уредникот или редакцискиот колегиум на медиумот. Не можеме да спориме дека за да се заработи месечната плата потребно е да се има определен квантум на прилози, но каков е нивниот квалитет и што им се нуди на консументите, е друго, многу посуштинско прашање.

Кога портпаролот на Владата излегува со констатација дека се

 

,,констатирани аномалии во кривично-правниот систем, каде што за исто кривично дело не само во рамките на различни апелациски подрачја, туку и во ист суд се изрекувани различни казни, што ги доведуваат граѓаните во нееднаква положба пред судовите (Утрински весник)

 

или ако тврди дека

 

,,Низ повеќе анализи било забележано дека има сериозни аномалии и недоследност во одмерувањето и изрекувањето на казните од страна на судиите и судовите, во зависност од тоа каде се одвива судската постапка, кој суд суди и кој судија суди, а освен тоа и досудената просечна казна во предметите се наоѓа многу под долната граница на опсегот(интервалот) на предвидената казна пропишана со закон –како што е објавено во Нова,

 

 

кај секој дипломиран(а) новинар(ка), кои ги изучувале теоретските и практичните правила на новинарството треба да се разбуди желбата да се постави прашање што за оваа констатација смета судската  фела, но и министерот за правда, кој, според Законот за судовите, е должен да го овозможи работењето на судовите, но и да создаде услови за ефикасно водење на постапките, донесување на праведни пресуди и заштита на човековите права и слободи (Закон за судовите). За жал, ниту еден од пренесените извештаи од пресот на Владата одржан на 12 јануари 2014 година (а не беа малку – повеќе од 20, што значи информацијата привлече интерес на медиумите) не резултираше со дополнителни анализи за (не)оправданоста на ваквиот чекор на ,,независната“ законодавна власт vis-a vis „независната“ судска власт.

 

Што се добива ако  се постави вистинското прашање?

 

Во темелните вредности, во членот 8 од Уставот на Република Македонија, меѓу другото стои и дека владеењето на правото и поделбата на законодавната, извршната и судската власт се постулати од кои не треба да се отстапува и легитимно е да се верува дека најголем дел од новинар(к)ите се запознаени со тоа. Во истиот овој државотворен акт во членот 100 регулирани се правата и обврските на судиите. Покрај имунитетот (привилегираниот третман во поглед на определени закони), кој е неспорен, ниту еден судија не може да биде повикан на кривична одговорност за искажано мислење и одлучување при донесување на судските одлуки. Врховниот суд и Судскиот совет, кои се споменуваат како место каде ќе се донесе правилникот за „унифицирано судење,“ се формирани токму со цел да се избегне диригираното судење од еден центар.

 

 

Верувам дека голем дел од актуелно вработените во судовите низ земјава, па и голем дел од новинар(к)ите, паметат дека веднаш по осамостојувањето во Република Македонија беше востановен Републичкиот судски совет како институција која имаше обврска да ги предлага судиите кои Собранието ги избираше или разрешуваше. Седумте членови на Републичкиот судски совет беа избирани токму од Собранието на Република Македонија и од тие причини се сметаше дека третата, судската власт, не е независна како што во Уставот е декларирано. Воведувањето на европските стандарди во судството со Стратегијата за реформи во судството од 2005 година претставува пресвртница  кога се формира и Судскиот совет како самостоен и независен орган кој ја обезбедува и гарантира самостојноста и независноста на судската власт.

Кога медиумот добива информација дека

 

„за кривичното дело неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од 50 анализирани пресуди  изречена е казна во просек од околу 14 месеци, а со закон предвидената казна е од 0 до 180 месеци  или за тешка кражба во просек се добиваат 10 наместо 180 максимално дозволени месеци“ (Нова)

 

па ако е и на прес конференција, не смее, а да не го постави прашањето што се случува во правосудниот систем во земјава? Уште посериозно треба да бидат анализирани следните наводи на портпаролот:

 

„за кривичното дело тешка кражба апелационите судови во Гостивар и Штип изрекувале два пати помали казни од апелационите судови во Скопје и Битола, за кривичното дело злоупотреба на службената положба и овластување просечната казна која се изрекува во Гостивар е три пати пониска од просечната казна која се изрекува во Штип, за кривичното дело загрозување на безбедноста во сообраќајот во судовите во Скопје и Штип се изрекуваат затворски казни, а во Битола и Гостивар не се изрекуваат затворски казни, за кривичното дело кражба просечната казна во скопското апелационо подрачје е значително повисока од просечните казни кои се изрекуваат за истото дело во Битола, Гостивар и Штип“ (Нова) .

При анализа на сите извештаи од пресот на владиниот портпарол индикативен е уште еден момент. Само неколку од нив ги пренесле анализите кои биле направени од страна Владата (Македонија 24, Нетпрес), додека други, како на пример, (Утрински, Нова Македонија) пренесуваат само  дека Владата на својата седница создала правен основ за да може со правилник да ги одмерува казните и токму тој правилник е централната тема на реформата во оваа сфера на судството! Притоа, воопшто не им е дискутабилно и не се прашуваат каква реформа е тоа! Никој не го доведува во прашање фактот дека со правилник ќе се прават реформи за вака суштински проблеми.

 

 

Исто така, кога медиумите најавуваат сериозна реформа во рамките на кривичното законодавство, а истата ја поткрепуваат со изјавата на портпаролот дека

 

Според измените во Кривичниот законик, претседателот на Врховниот суд ќе ги донесува условите за пресудите по претходно мислење од Адвокатската комора“ (Нетпрес)

 

„На тој начин ќе се обезбеди поголема правна сигурност за граѓаните и ќе се спречи субјективизмот во изрекување на кривични санкции од страна на некои судии или судови. Сериозно ќе се стесни просторот за манипулации или за определени некоректни однесувања на некоја странка што учествува во судската постапка“ (А1он)

 

не им паднало напамет дека Адвокатската комора нема никакви надлежности во делот на донесување на законите по ниту еден основ (освен можеби како секој граѓанин кој може да го изнесе својот став). Адвокатурата е самостојна и независна јавна служба која обезбедува и дава правна помош а, Адвокатската комора е облик во кој се организираат адвокатите со цел да ги регулираат меѓусебните релации во фелата. Никаде во обврските на Адвокатската комора како правно лице не стои дека треба да биде консултирана при донесување на закони, ниту, пак, дека некој државен орган има обврска за тоа. Како вакво „здружение на граѓани кои се занимаваат со определена дејност“ ќе помогне да се стесни просторот за манипулација во судските постапки? Не верувам дека има експерт од областа кој ќе даде одговор на ова прашање, а верувам дека не знаат ниту  новинар(к)ите кои ја пренесоа веста. Напротив, токму адвокатската професија е најозлогласена кога станува збор за искористување на сите можни начини да се  одолговлекуваат судските постапки поради што долго време правосудниот систем на земјава е на тапет во извештаите на Европската комисија  во поглавјето 23 поради неажурноста на судиите и долгото времетраење на судењата (Извештаи на Европската комисија за напредокот на Република Македонија 2008-2013).

 

Деградација на судиите како професионалци

 

Формулацијата пренесена од А1он, Нова, Македонија 24 дека

 

„со овој правилник почнува суштинска реформа во правосудниот систем во Македонија и се обезбедува поправилен и објективизиран систем на изрекување на кривичните санкции“

 

се разбира, дадена како дел од изјавата на владиниот портпарол, ги обременува во голема мерка информациите кои треба да пристигнат до граѓаните како крајни корисници на веста.  Кој е тој поправилен и пообјективизиран систем на изрекување на казни. Дали овој сегашниот е помалку правилен или помалку објективизиран? Навистина е проблем кога новинар(к)ите без резерва ги пренесуваат пресовите  и создаваат слика во јавноста дека сѐ ова на што се темели досегашниот судски систем  во делот на изрекување на казните не е во ред и дека се ќе се реши само со тој фамозен правилник каде ќе им се каже на судиите како треба да пресудуваат и колкави и какви казни да изрекуваат.

Обврска на секој судија е да одлучува непристрасно со примена на законот врз основа на слободна оценка на доказите. Не е дозволен (или како што стои во Законот за судовите – се забранува) никаков облик на влијание врз независноста, непристрасноста и самостојноста на судија во вршење на судиската функција по било кој основ и од кој било субјект. Законодавецот предвидел санкции за судиите кои нестручно и несовесно ќе  ја извршуваат функцијата  (Закон за судовите). Како тоа не знаел дека со правилник многу поедноставно и полесно ќе го реши овој проблем?

Judex-от  (судијата) во сите правни системи е задолжен да го изрекува правото во секој конкретен спор. Во минатото судиите пресудувале и во недостаток на законското право, користејќи ги обичаите, практиката и други начини да ги заштитат граѓаните. Во стариот Рим судијата бил личност за кој се сметало дека ја изрекува божјата волја (Coram iudice et in alto mare in manu dei soli sumus –  пред судијата и на отворено море сме во божји раце). Затоа новинар(к)ите не смееле да се стават во функција на  обичен пренесувач на вест без да постават барем неколку суштински прашања:

  • Дали овој начин на давање препораки од страна на законодавната власт не е мешање во независноста на судството?
  • Не е ли ова директно мешање во судницата каде судијата има неприкосновено право да го практикува законот ?
  • Што се подразбира под дискредитација на професија?
  • Дали се размислувало за последиците од ваквата реформа?

Секое од посочените прашања може да биде поставено од страна на новинар(к)ите и врз основа на тоа да се дојде до одговор дали Правилникот за  начинот на одмерување на казните е или не е мешање во третата, судската  власт, од страна на законодавната, владата. Во спротивно, медиумите стануваат дел од т.н. манипулација со јавноста и во служба на властите, а не во служба на граѓаните – што по дефиниција треба да бидат.


Оваа анализа е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Анализата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на анализата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести