verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Стеван Дојчиновиќ: Страшно е кога државата ја користи тајната полиција да ги следи новинарите

on 1 - 11 - 2016       
Овој напис го има и на: Англиски
Стеван Дојчиновиќ, лидер на КРИК: Теми за корупција има колку сакаш
Стеван Дојчиновиќ, лидер на КРИК: Теми за корупција има колку сакаш

 

Клучно е кога некој поединец ја сака државата и си ја работи работата. Тоа е посилно отколку кога државата ќе ги уапси поранешните министри. Битни се поединците кои се јаки, кои ќе истапат баш кога е време. После, доцна е за сè. Да се апси мртов коњ, нема ефект

 

Пишува: Владо Ѓорчев

 

Можеби помалку или повеќе параноичен, но Стеван Дојчиновиќ, главниот уредник на КРИК, еден од највлијателните медиуми во Србија, е истражувачки новинар во вистинска смисла на зборот. Тоа го забележавме при нашата студиска посета на неколку истражувачки медиуми во Белград во рамките на проектот на ЕУ „Истражувачко новинарство за поттикнување реформи“. Tој важи за голема ѕвезда во својата земја, како и за „предавник број еден“ што се однесува до провладините медиуми. Исто така, од нив е нарекуван и „соросоид“ и „антидржавен елемент“.

Мрежата за истражување криминал и корупција (КРИК) е непрофитна невладина организација основана за унапредување на истражувачкото новинарство во Србија. Организацијата ја основаа тим новинари кои со години се занимаваат со разоткривање на криминалот и на корупцијата и кои се повеќепати наградувани за својата работа.

КРИК е дел од меѓународната новинарска мрежа „Организација на новинари кои се борат против криминалот и корупцијата“ (Organized Crime and Corruption Reporting Project (OCCRP), која е составена од непрофитни истражувачки центри и од независни медиуми од дваесетина земји од светот, од Балканот и од Источна Европа, сè до Централна Азија. ОЦЦРП го помогнал основањето на КРИК и му помага во неговиот развој.

Како што вели Дојчиновиќ, во фокусот на нивната работа се криминалот и корупцијата кои ги опфаќаат сите сфери на општеството. Нивната цел е да им помогнат на читателите подобро да го разберат начинот на кој криминалот и корупцијата влијаат на нивните животи. КРИК настојува да обезбеди детални истражувачки приказни, како и најнови вести од оваа област. Покрај тоа КРИК на својата веб-страница изгради и база на документи, која е вреден ресурс за новинарите и за јавноста.

 

ЛЕСНО ДО ТЕМИ ВО КОРУМПИРАН СИСТЕМ

Како е да се биде истражувачки новинар во Србија?

Стеван: Од една страна, лесно се стигнува до тема, затоа што Србија и Македонија се на исто ниво, па имаат многу корупција. Од друга страна, има голем притисок врз истражувачките новинари и често против тие новинари се водат кампањи во провладините медиуми, а се случуваат и закани. На пример, пред извесно време, новинарката на нашата редакција Драгана Пеќо доби закани преку социјалните медиуми. Тоа веднаш го пријавивме во полиција. Значи, има константен притисок врз новинарите за да не можат да ја работат својата работа. Инаку, постојат многу теми, буквално каде и да боцнете задолжително има некоја приказна. Па, затоа кај истражувачките новинари има еден голем плус и голем минус во целата таа приказна. Исто така, секогаш постојат луѓе кои сакаат да го поддржат истражувачкото новинарство, како што се поголемите донатори. Нас нè поддржуваат и граѓаните и тоа не само на социјалните мрежи со тоа што ќе ни дадат добри коментари, туку и финансиски, нè финансираат со тоа што донираат мали донации. Како и да е, ако сакате краток одговор, тоа е дека е возбудливо да се биде истражувачки новинар во Србија.

 

И за Вас во Србија зборуваат дека сте предавник, соросоид, слична е приказната со Македонија.

Стеван: Кога последен пат бев во Македонија на еден тренинг, за една недела откако се вратив кај вас објавија текстови за мене дека сум ја уривал владата. Тоа за мене не беше ништо чудно затоа што и во Србија е слично. Да бил некој новинар од Германија, многу би се збунил, но јас знам каква е ситуацијата. Приказната, главно, се состои од податоци за тоа кои ни се донатори, по што се прави фама дека се мешаат во нашата работа. Донаторите, пак, никогаш не бараат некоја посебна тема која ние би ја работеле. Ние пишуваме проекти и бараме пари за истражувачко новинарство генерално, така што не договараме теми со донаторите. Тоа, сепак, се користи против нас како факт и потоа во медиумите сме претставени како западни шпиони кои работат против државата, како и тоа дека сме „соросоиди“. Страшно е тоа што државата ја користи тајната служба да ги следи новинарите и потоа ве следат, ве прислушуваат, ве фотографираат и сето тоа се злоупотребува против мене. Станува полошо кога против мене ќе објават фотографии, на пример, од состаноците со моите извори и тоа е баш страшно. Многу од тие луѓе можат лошо да поминат затоа што соработуваат со мене. Истражувачките новинари секогаш имаа некоја тајна во себе и многу е страшно да се откријат тие извори затоа што потоа може да биде опасно и за нив.

 

Кога ќе објави „Информер“ (таблоид кој се занимава со животот на новинарите и опозицијата, н.з.) некоја информација против Вас, дали се чувствувате загрозен кога излегувате на улица?

Стеван: Не, зависи. Тука, во Белград, кога „Информер“ ќе објави нешто, луѓето по кафулињата, шанкерите, таксистите ми честитаат. Или ме честат кафе. Кога ќе одам малку подалеку, јас сум, на пример, од Крушевац, таму сосетката почнува да се сомнева во мене. Кога сте во голем град, обично излегувате фраер, но „Информер“ служи само за омаловажување. Сепак, не е сè толку бенигно, затоа што секогаш кога ќе напишат некоја лага луѓето почнуваат да се сомневаат во тебе. Тоа не е баш наивно.

 

ВО МАКЕДОНИЈА ЌЕ СЕ АПСИ

Што мислите за политичката состојба во Македонија. Кои се Вашите претпоставки  за тоа како ќе заврши кризата?

Стеван: Дефинитивно ќе има доста апсења, тоа секогаш се случува. Треба да се види што ќе се работи понатаму. Тоа што е проблем и во Србија е проблем и во Македонија. Може да ја критикуваме власта дека не е доволно демократска, дека има корупција, само прашањето е дали нашата работа е да се занимава со политички теми или треба да ја разоткриеме корупцијата, што е најбитно. Дали мислиш дека во Македонија има добра друга опција која може да ги наследи овие дури и да изгубат?

 

Има ли подобра опција во Македонија. Како се гледа на тоа кај вас?

Стеван:  Ако не постојат, тоа е проблем. Јас бев целосно разочаран од нашата опозиција. На пример, тие го поддржаа Мило Ѓукановиќ (премиер на Црна Гора, н.з.) по изборите кои очигледно беа наместени, имаше крадење на гласови… Човекот кој е поврзан доста со корупција, кој е многу полош дури и од нашиот премиер (Александар Вучиќ, н.з.).Тука постојано го критикуваат, а таму даваат поддршка. Кога ќе се промени власта, секогаш некој е уапсен. Затоа сигурно е дека некои луѓе ќе бидат уапсени во Македонија, но тоа се случи и кај нас пред неколку години кога многу министри беа уапсени. Сепак, никој не беше осуден. Значи, имаме вистински апсења и политички апсења. Мене не ме интересира промената на власта по која се апсат министри. Тоа е едно политичко апсење. Мене ме интересира државата чија полиција е доволно храбра да може да го уапси министерот кој е тогаш на власт. Отворивме доста афери поврзани со градоначалникот на Белград, отворивме многу корупциски скандали. Јас сум сигурен дека уште ќе биде на власт, ама тоа е еден лик со голема шанса по промената на власта да биде уапсен. Тогаш тоа нема да ми биде драго затоа што нам ни треба власт кој сега треба нешто да направи.

 

Значи ни треба правна држава?

Стеван: Да, така е. Затоа мислам дека овие ликови, ваши министри ќе заглават во некој затвор, ама тоа нема да ѝ донесе нешто битно на вашата земја затоа што тоа е политичка одмазда. Мислам дека тоа не е клучно. Клучно е кога некој поединец ја сака државата и си ја работи работата. Тоа е посилно отколку кога државата ќе ги уапси поранешните министри. Битни се поединците кои се јаки, кои ќе истапат баш кога е време. После, доцна е за сè. Да се апси мртов коњ нема ефект.

 


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести