Спин скриен зад божемната грижа за прислушуваните
Објавено во Рецензии
on 20 - 07 - 2016 Автор: Југослава Дуковска[Рецензија: САД и ЕУ притискаат за Јанева, но не и за криминалот врз 20.000 граѓани]
Кога главната теза на текстот е манипулативна и во основa дезинформација, тешко дека за тој текст може да се даде дури и преодна оценка. А, токму таков е текстот што е предмет на оваа рецензија. Иако може да се каже дека се работи за занаетски коректно изработен осврт на актуелна политичка тематика, уважувајќи го правото на новинарот и на редакцијата да застапуваат конкретни политички ставови и мислења, сепак не може да се занемари фактот дека на читателите на таков начин им е поттурена невистина, со нескриена намера да се влијае на јавното мислење во склад со пропагандниот дискурс на владејачката политичка гарнитура.
Линк до оригиналниот напис: САД и ЕУ притискаат за Јанева, но не и за криминалот врз 20.000 граѓани
Датум и време на објавување: 12.07.2016, 22:24
Датум на рецензирање: 19.07.2016
Рецензент: Југослава Дуковска
Иако вистинитоста е само еден од параметрите по кои се анализира еден новинарски производ, тој секако е еден од клучните. Се работи за едноставна логика бидејќи суштината на информирањето, на новинарството, е точното, прецизното и навременото информирање за настаните, луѓето, идеите. Во овој случај, тврдењето од насловот на текстот: „САД и ЕУ притискаат за Јанева но не и за криминалот врз 20 илјади граѓани“, не се темели врз факти туку е произволно тврдење, односно заклучок до кој од самиот текст не дознаваме како е дојдено. Анализирајќи ги изјавите на претставиците на САД и на ЕУ кои досега се искажани во врска со македонската политичка криза, до таков заклучок воопшто не може да се дојде.
ВЛАДЕЕЊЕ НА ПРАВОТО ПОДРАЗБИРА НЕПРЕЧЕНО ФУНКЦИОНИРАЊЕ НА СЈО
Написов е објавен по последната посета на заменикот помошник на државниот секретар при американскиот Стејт департмент, Викторија Нуланд, која, меѓу другото, го изјавува следново:
„Нејзината работа (на обвинителката Катица Јанева,н.з.) е витално важна за носење на вистинското владеење на правото, одговорност и чист правен систем на оваа земја, нешто што е есенцијално ако Македонија сака да ги постигне своите евроатлантски аспирации“.
Впрочем, веројатно нема човек во државата кој не е запознаен со основните причини поради кои политичкиот Договор од Пржино и предвидел формирање на Специјално јавно обвинителство, во чиј назив стои „Јавно обвинителство за гонење кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникацијата“. И, според тоа, во негова надлежност спаѓа и истражување и утврдување на вистината околу обемот и околностите на прислушувањето, кое, како што повторно самиот наслов вели, било незаконско, па според добиените факти и сознанија, да поднесува обвиненија кои, во крајна линија, би требало да донесат првна компензација на жртвите на прислушувањето.
ДАЛИ САМО ПРИСЛУШУВАЊЕТО Е КРИМИНАЛ?
Не треба многу памет за да се заклучи дека кога дипломатските претставници на САД и на ЕУ бараат исполнување на политичкиот договор во Македонија, тие, всушност, инсистираат на решавање токму на тој криминал во кој, според податоците што ги изнесе СДСМ, биле оштетени, односно незаконски прислушувани, 20.000 граѓани, преку инсистирањето работата на Специјалното јавно обвинителство да биде поддржана и потпомогната од сите политички фактори во државава. А, тоа е токму спротивно од она што стои во насловот на текстот.
Меѓутоа, во написот стои следново:
„Засега од СЈО нема информации колку точно граѓани се прислушувани и дали се тие известени дека се жртви или оштетени при прислушувањето за да можат да ги остварат своите права во рамките на кривичната постапка или пак да побараат отштета. Никој од горепаоменативе (САД, ЕУ, н.з.) не прашува зошто овие 20.000 граѓани не се известени и не можат да ја остварат својата правда поради тоа што СЈО досег не го расчисти прислушувањето иако тоа е негова должност и надлежност, што само по себе може да биде кривично дело. Дали ова значи дека и САД и ЕУ го поддржуваат ваквото попречување на правдата?“
Со ова се инсинуира дека Специјалното јавно обвинителство имало некоја друга функција, а не расчистување на случаите на масовно прислушување и на криминалот што ќе произлезе од прислушуваните материјали, што е нелогично веќе на прв поглед.
При пишувањето на ова не се земени предвид познатите факти дека СЈО е основано со законска одлука на Собранието на 15 септември 2015 година и дека оттогаш, за 10 месеци, интензивно работи на предмети од својот домен, не пречекорувјќи никакви зададени рокови. И дека, со оглед на обемот на материјалот по кој постапува, реално е да се заклучи дека не било можно да се процесираат сите случаи на прислушување, а со тоа ниту да се известат сите можни жртви на прислушувањето. А, кога сме веќе кај попречувањето на правдата, вреди да се цитира првиот шесттмесечен извештај за работењето на СЈО на специјалната обвинителка Катица Јанева, во кој е наведено некои од опструкциите во нејзиното работење од страна на државни органи кои требало да соработуваат со обвинителството:
„… ова јавно обвинителство се соочуваше со одредени тешкотии од аспект на меѓуинституционална соработка и голем дел од институциите покажаа непочитување на барањата на ова јавно обвинителство адресирани врз основа на овластувања и права дадени со закон, а воедно и непочитување на претходно воспоставената практика“.
Оттука навистина е нејасно од каде беше извлечен заклучокот дека САД и ЕУ не само што не притискаат за криминалот сторен на штета на прислушуваните лица, туку премолчано поддржуваат опструкција на правдата!
КОЈ ЈА ОПСТРУИРА ПРАВДАТА ЗА ПРИСЛУШУВАНИТЕ?
„Дали сите овие странски претставници кои непрестајно повикуваат на поддршшка на пработата на Катица Јанева во предметите што ги води за наводен криминал на политичарите врз основа на прислушуваните материјали што ги предаде Заев ќе го повикаат специјалното обвинитество да се занимава и со заштита на прислушуваните 20.000 граѓани и да го расчити прислушувањето во име на владеење на правото и неселективната правда?“
Во оваа реченица уште еднаш се истакнува нелогичноста на основната теза: дека работата на СЈО има некоја друга, политичка агенда, а не расчистување на криминалот поврзан или кој произлегува од нелегалното прислушување. Но, исто така, се поттура уште една, поопасна теза – дека политичарите, инволвирани во случаите што ги води СЈО се некакви жртви на политички заговор, поддржан од меѓународните претставници и дека Специјалното обвинителство не би требало да се занимава со нив туку само со тоа колку граѓани се прислушувани и како тие да се заштитат од сторената неправда.
„Засега од СЈО нема информации колку точно граѓани се прислушувани и дали тие се известени дека се жртва или оштетени при прислушувањето, за да можат да ги остварат своите право во рамките на кривичната постапка или пак да побараат отштета“.
Во ниту еден момент, ниту еден претставник на меѓународната заедница ниту, пак, специјалната обвинителка Јанева и другите претставници на СЈО не изјавиле дека прислушуваните граѓани нема да бидат заштитени, дотолку повеќе што СЈО, соочено со константни опструкции и политички притисоци од власта, работи помалку од една година, па е нејасно од каде произлегуваат ваквите обвинувања на негова адреса. Еве што за тоа стои во првиот шестмесечен извештај на Јанева:
„Динамиката предвидена со Општиот работен план не е реализирана според планираните рокови поради фактот што не беа обезбедени сите услови за навремен почеток на работата на ова јавно обвинителство и поради ненавременото комплетирање на обвинителскиот тим. И покрај ваквата состојба, успеав да реализирам дел од предвидените работи од овој план.“
Случајот „Пуч“, кој според овој напис, е клучот за решавање, по аболицијата на претседателот Ѓорге Иванов, е вратен на повторно судење со одлука на Апелацискиот суд во Скопје на 15 јуни, а оттогаш не е закажано продолжување на процесот, период во кој трае штрајкот на судската администрација, како и судските ферии, па СЈО не можел да има никакво влијание врз неговото понатамошно решавање. Но, тоа во овој напис се премолчува. За сметка на овие факти, пак, читателите бесконечно долго се заморуваат со тоа кои се обврските на обвинителите според Уставот, Законот за обвинителите и Кривичниот законик и кои се правата на оштетените, иако тоа никој од СЈО или од меѓународните претставници ниту го оспорил ниту сугерирал дека треба да се стави во втор план.
Од анализата на написот произлегува дека зад коректната форма се крие перфиден спин: да се нападне и да се оцрни Специјалното јавно обвинителство, но и меѓународната заедница за божемна опструкција и за селекција на правдата, така што на читателите ќе им се фрли прав в очи за да не ги видат фактите.
Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).
ИНФОГРАФИК
ВИСТИНИТОСТ
има факти
има и точни и неточни факти
има и веродостојни и неверодостојни наводи
ИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ
има евидентирани извори
официјални
релевантни
повеќе извори
повеќестрани
СЕОПФАТНОСТ
несеопфатнo
прикриени информации
ПРИСТРАСНОСТ
делумно прикажува вистина
извртување на вистина (спин)
лажни информации
наклонетост
политичка пристрасност
КОМЕНТИРАЊЕ
има коментаторски елементи
интегрирано со фактите
ПЛАГИЈАТ
оригинално дело
наведен автор
КВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ
дезинформира
некреативен
сензационален
соодветен
тенденциозен
ФОТОГРАФИЈА
има
соодветна
ни манипулира ни информира - ставена е само како илустрација
ненаведен автор(извор)
ГОВОР НА ОМРАЗА
нема навредлив говор
нема говор на омраза
не потикнува на насилство
не дискриминира
УРЕДЕН ЗА ВЕБ
читлив
нема мултимедијални елементи
нема контекстуални линкови
стилски уреден
неповрзан со тагови