verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Специјалниот обвинител – нова „палома“ или почеток на вистинска правна држава

on 11 - 09 - 2015       
Клуб на пратеници и македонската политичка врхушка која го „готви“ специјалниот јавен обвинител. Фото: Мета, колаж: СПФМ
Клуб на пратеници и македонската политичка врхушка која го „готви“ специјалниот јавен обвинител. Фото: „Мета“, колаж: СПФМ

 

Воопшто нема да зачуди медиумска кампања во која специјалниот обвинител ќе биде оцрнуван, друштво ќе му прават идните министри кои на предлог на СДСМ ќе влезат во владата, а речиси е сигурно дека на медиумите што ја поддржуваат власта нема ни да „припари“ идниот преоден премиер, додека претседателот на ВМРО–ДПМНЕ, Никола Груевски, ќе го гледаме секојдневно како сече ленти и отвора селски чешми.

 

Пишува: Сеад Ризвановиќ

 

Со последните изјави на претседателот на опозицијата, Зоран Заев, и на премиерот Никола Груевски во однос на договорот за специјалниот јавен обвинител, се чини дека двете страни никогаш не биле поблиску до решение.

Наспроти информациите дека владејачката ВМРО-ДПМНЕ била против предлогот да се создаде цело одделение на обвинителот и се инсистирало тој да биде единка под надлежност на сегашниот обвинител, во јавниот настап по повод 8 Септември, премиерот Груевски кажа дека обвинителот требало да има помошници и потребна инфраструктура за своето дејствување. Премиерот не пропушти да каже дека договорот за обвинителот треба да се почитува така како што е напишан, ни повеќе, ни помалку, со што свесно постави граница дека идниот специјален обвинител треба да има ограничен мандат.

Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, пак, самоуверено порача дека специјалниот обвинител ќе биде избран и никој не треба да има дилеми по тоа прашање. Дури и неупатените набљудувачи на политичката сцена по оваа изјава на Заев веројатно ќе разберат дека силата во неговите пораки не доаѓа од внатрепартиската моќ на СДСМ, туку од моќната рака на меѓународната заедница која овојпат силно притиска за имплементација на Договорот од Пржино.

Неуспехот на нарачателот на кумановските случувања да предизвика подлабока криза и да го оттргне вниманието од ефектот на опозициските „бомби“, веќе со сигурност го наметнува фактот дека пораката на Заев ќе биде ефектуирана и дека Македонија наскоро ќе добие специјален јавен обвинител кој ќе ги истражува можните криминали во телефонските разговори. Но, сега се наметнува друга дилема: кои ќе бидат ефектите од изборот на тој обвинител и кои се можните ефекти од неговата работа?

 

РЕАЛНИ МОЖНОСТИ И НАДЛЕЖНОСТИ НА СПЕЦИЈАЛНИОТ ОБВИНИТЕЛ

Со изборот на обвинителот следува и избор на министер за внатрешни работи, кој ќе биде предложен од СДСМ, а одобрен од ВМРО-ДПМНЕ. Така се создава еден нов синџир за спроведување на законот кој не би требало да биде под влијание на власта. Веројатно дека креаторите на Договорот од Пржино претпоставиле дека на ваков начин ќе се овозможи непречена истрага за сегашните функционери, меѓу кои и за премиерот Груевски.

Но, како што предупредува професорот Шкариќ и низа други експерти, на крајот на тој синџир се наоѓаат судовите кои ќе треба да арбитрираат по однос на можните кривични пријави. Да се потсетиме, тоа се истите судови кои во овие девет години носат низа апсурдни одлуки во корист на власта, какви што беа „Пајажина“, „Ровер“, судењата на претседавачот во Општина Центар, Мирослав Шиповиќ, и на лекарскиот синдикалец Дејан Ставриќ. Иако овие случаи беа посочени како политички од Стејт департментот, сепак, тоа е само индиција за врвот на ледениот брег на македонската политичка (не)правда.

Нормално е дека власта преку истите судски канали ќе се обиде да ги опструира сите истраги на специјалниот обвинител и неговите одлуки ќе бидат маргинализирани. На таков начин ќе се создаде опасност од целосна парализа на процесот за истражување на криминалите од прислушувањето, а целиот процес ќе треба да се стави во колосек на заборавот и на спин-мастерите од владината пропагандна кујна. Веднаш по назначувањето на обвинителот ќе почне „копањето“ по неговото минато, можните врски со СДСМ и кампањата на дежурните медиуми во кои ќе треба и лично да се оцрни личноста на обвинителот.

Судската одлука со која прислушуваните материјали не можат да се земат како доказ и тајмингот на процесот против „Макпетрол“ покажуваат дека власта не се грижи многу за имиџот кон меѓународната заедница, ниту искажува загриженост дека странците ќе протолкуваат оти таа сака да го избегне спроведувањето на политичкиот договор. Така, воопшто нема да зачуди медиумска кампања во која специјалниот обвинител ќе биде оцрнуван, друштво ќе му прават идните министри кои на предлог на СДСМ ќе влезат во владата, а речиси е сигурно дека на медиумите кои ја поддржуваат власта нема ни да „припари“ идниот преоден премиер, додека претседателот на ВМРО–ДПМНЕ, Никола Груевски ќе го гледаме секојдневно како сече ленти и отвора селски чешми.

 

ПРОШИРУВАЊЕ НА МАНДАТОТ НА СПЕЦИЈАЛНИОТ ОБВИНИТЕЛ И ФОРМИРАЊЕ СПЕЦИЈАЛЕН СУД

Спротивно на желбите на премиерот и нејасниот обид за ограничување на надлежностите на специјалниот обвинител, неговата работа треба да биде надградена и проширена. Специјалниот обвинител треба да прерасне во одделение на обвинителството кое ќе се зафати со сите поголеми случаи во изминативе децении, а кои не биле процесуирани на вистински начин. Тука треба да се најдат случаите со „Алмако“ и со „Македонска банка“, продажбите на ОКТА и на ЕСМ, како и низата сомнителни купувања на компании во изминативе години. Се разбира, приоритет на обвинителот треба да биде и случајот со мито во продажбата на телекомот, а „специјалниот“ ќе треба да се позанимава и со работата на неговите колеги обвинители и судии.

Никој не треба наивно да верува дека вистинските ефекти од работата на обвинителот ќе се почувствуваат за време на владеењето на актуелната политичка гарнитура, па евентуалната промена на власта ќе треба да донесе и ветер во едра во работата на обвинителот. Но, кога ќе се создадат услови, со оглед дека не е предвиден со договорот, Македонија мора да добие и специјален суд, каде ќе се процесуираат сите горенаведени случаи. Само со избор на вистински неутрални и независни обвинители и судии, Македонија може да се надева на почеток на држава во која владеењето на правото ќе биде неприкосновен принцип за сметка на сегашното владеење на интересите на мала група властодршци.

Навистина е жално што и сегашниот политички договор, како и претходниот за 24 декември, е донесен под силен притисок на меѓународната заедница. Иако никој не очекува дека оној кој врши насилство ќе прифати да биде казнет за тоа, сепак се очекуваше еден поактивен одговор од македонската јавност.

Никогаш не се очекува свест за стратешки прашања од просечен граѓанин, но флагрантните кршења на законите, Уставот, слободите и на правата на луѓето, требаше да предизвикаат поостра реакција во државата која претендира да биде европска, во географска и во духовна смисла.

Можеби дел од јавноста, кој се задоволува со паркче во маалото или платичка од 200 евра за детето и/или внукот, не може да ја увиди опасноста од беззаконието, но поопасно е што не се согледува опасноста дека со продолжувањето на сегашната состојба не само што нема да има паркче или слабо платена работа за детето, туку ќе нема ниту држава која може да исчезне поради бледата и анемична реакција на луѓето, несвесни за околностите на својата државност.

 


Оваа колумна е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Колумната e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на колумната е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести