Разрешена медиумска дилема: Спасовски и Ременски сè уште се министри
Објавено во Новинарски лекции
on 15 - 12 - 2016 Автор: Симона Атанасова
Вкупно 16 медиуми и портали ја објавија речиси истата (дез)информација во која тврдат дека министрите Оливер Спасовски и Фросина Ташевска-Ременски, како и тројцата дополнителни заменици-министри се разрешени од нивните функции кои ги добија како резултат на Договорот од Пржино помеѓу четирите политички партии
Пишува: Симона Атанасовска
Дел од медиумите во изминатите неколку дена по предвремените парламентарни изборите одржани во неделата на 11 декември, објавија шпекулации односно невистини дека министрите и дополнителните заменици-министри од редовите на СДСМ, поставени според Договорот од Пржино, се сменети од своите функции.
Вестите што се објавени, личат како „јајце на јајце“, односно речиси сите се исти, со мали измени во насловите. Ова упатува на фактот дека вака објавените вести доаѓаат од некој центар на моќ, бидејќи веста не е агенциска.
Вкупно 16 медиуми и портали ја објавија речиси истата вест во која тврдат дека министрите Оливер Спасовски и Фросина Ташевска-Ременски, како и тројцата дополнителни заменици-министри се разрешени од нивните функции кои ги добија како резултат на Договорот од Пржино помеѓу четирите политички партии.
Со наслови, како наведените подолу, се врши манипулација на јавноста и тенденциозно дефокусирање.
- Разрешени техничките министри Спасовски, Ременски, Николовски, Кирацовски
- Ременски, Спасовски, Кирацовски, Николовски ги напуштаат канцелариите им заврши инстантно функцијата
- Завршија министерските мандати на Спасовски и Ременски, разрешена и уредничката на МТВ
- Преодната влада веќе не важи, техничките и дополнителните министри во „аут“
- СПАСОВСКИ И РЕМЕНСКИ СИ ЗАМИНУВААТ: Крај за „пржинските“ министри и нивните заменици
- Ситно брои Оливер Спасовски во МВР
- Спасовски и Ременски си ги пакуваат куферите
- Веднаш после изборите разрешени четири министри
НЕПРОВЕРЕНА ИНФОРМАЦИЈА
И ниту еден од овие медиуми не се обиде да ги контактира министрите Ременски и Спасовски или дополнителните заменици-министри Љупчо Николовски, Кире Наумов и Александар Кирацовски. Без никаква потврда на изнесените факти, веста сукцесивно се преземаше од еден медиум на друг и притоа целосно се дезинформираше читателската јавноста.
Освен што нема изјави од засегнатите страни, медиумите воопшто не се ни обиделе да го прочитаат и да го разберат Договорот од 20 јули (анекс на Договорот од Пржино) каде конкретно и јасно е наведено кога престанува мандатот на преодната Влада, воспоставена за организирање на изборите.
Откако се појавија низа шпекулации, како по медиумите така и по социјалните мрежи, „Мета“ ги контактираше министрите од редовите на СДСМ кои категорично потврдија дека не се ниту разрешени, ниту добиле оставки, туку дека си остануваат на министерските функции сè додека Државната изборна комисија (ДИК) не ги соопшти конечните резултати од изборите.
„Како може да нè разреши Владата, кога нè назначило Собранието? Јас сум на работа и ја извршувам министерската функција. Законот јасно кажува дека нашиот мандат престанува кога ќе бидат конечни резултатите од изборите. Кога ДИК ќе одлучи по сите 16 поднесени приговори, кога ќе заврши целата процедура, тогаш барајте нов министер“, вели Спасовски.
„Ако досега гласот и зборот на Никола Груевски биле над законот, тогаш тоа е друг проблем. Она што го кажа партискиот лидер не се конечни резултати. За тоа треба да се произнесе ДИК која сè уште не ги кажала конечните резултати. Нашите мандати како преодна Влада завршуваат во моментот кога ДИК ќе го каже финалниот збор. Јас имам полн мандат и редовно си ги извршувам обврските во Министерството“, вели Ременски.
Поради напливот на невистините информации, со демант се јави и Министерството за внатрешни работи, кое информираше дека информациите објавени во одредени медиуми во врска со престанокот на мандатот на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, се целосна дезинформација и шпекулација.
„Согласно позитивните законски прописи, мандатите на сите министри и дополнителни заменици-министри во Владата на Република Македонија назначени според Договорот од Пржино завршуваат на денот кога ДИК ќе ги потврди конечните изборни резултати. Со оглед на тоа што во Државната изборна комисија сè уште течат постапките по приговорите на политичките партиите, не се исполнети уловите за прогласување на конечните резултати. Со тоа повеќе од јасно е дека министерот Оливер Спасовски е легитимен министер за внатрешни работи“.
А, конечни резултати од изборите ќе има откако ДИК ќе одлучи по сите поднесени приговори за гласањето на изборите, како и за сумирањето на резултатите, кои истекуваат денеска во 19 часот, односно 24 часот. ДИК треба да одлучува по 16 приговори поднесени од СДСМ и од Движењето Беса.
Доколку партиите не се задоволни од одлуката на ДИК по приговорите, тие можат да поднесат и тужби до Управен суд, а на одредени гласачки места може да има и прегласување.
МАНДАТОТ ПРЕЦИЗИРАН СО ЗАКОН
Мандатот, неговото траење, обврските и надлежностите на министрите за внатрешни работи и за труд и социјална политика, Оливер Спасовски и Фросина Ременски, како и на дополнителните заменици-министри се предвидени со Договорот од 20 јули, постигнат помеѓу претставниците на четирите најголеми политички партии ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ и ДПА.
Овој договор беше постигнат откако двапати беа одложени изборите – на 24 април и на 5 јуни, поради неисполнување на дел од обврските од Договорот од Пржино.
Договорот од 20 јули предвидува дека мандатот на министрите и на замениците-министри завршува со објавувањето на конечните резултати од изборите од страна на ДИК.
„Заради организирање на предвремените избори за пратеници во Собранието на Република Македонија, кои ќе се одржат во 2016 година, Собранието на Република Македонија на предлог на претседателот на Владата на Република Македонија, сто дена пред денот на одржувањето на избори за пратеници во Собранието на Република Македонија избира министер за внатрешни работи и министер за труд и социјална политика, на предлог на опозицијата, со мандат кој трае за спроведените предвремени избори за пратеници во Собранието на Република Македонија, по што мандатот им престанува по сила на закон“ (став 1 од членот 1 од измените на Законот за Влада, донесен на 28 јули годинава, врз основа на Договорот од Пржино и на Договорот од 20 јули)
Откако ќе бидат разрешени Ременски и Спасовски, функцијата министри до формирањето на новата влада, треба да ги преземат актуелните заменици-министри во Министерството за внатрешни работи и во Министерството за труд и социјална политика, Агим Нухиу, односно Ибрахим Ибрахими.
Освен на Спасовски и на Ременски, мандатот со објавувањето на конечните резултати од изборите ќе им заврши и на дополнителните заменици-министри, некои од нив предложени од власта, некои од опозицијата. Без функција ќе останат Оливер Андонов, кој е дополнителен заменик-министер во МВР, Диме Спасов во труд и социјална политика, Љупчо Николовски во земјоделство, Александар Кирацовски во администрација и информатичко општество и Кире Наумов во финансии.
Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).