Создавање паника со нецелосни податоци
Објавено во Рецензии
on 17 - 08 - 2016 Автор: Димитар Тануров
[Рецензија: ПРЕДУПРЕДУВАЊЕ ОД РУСКИТЕ МЕДИУМИ: САД планираат хаос во Македонија, Србија и во Грција!]
Текстот има нафрлено информации и парафразирани изјави од аналитичари, кои никаде не се идентификувани ниту, пак, целосно се разработени нивните наводни тврдења. Вака претставени, изгледа дека текстот има само една цел – да предизвика паника.
Линк до оригиналниот напис: ПРЕДУПРЕДУВАЊЕ ОД РУСКИТЕ МЕДИУМИ: САД планираат хаос во Македонија, Србија и во Грција!
Датум и време на објавување: 12.08. 2016
Датум на рецензирање: 15. 08. 2016
Рецензент: Димитар Тануров
Влезот на објавата најавува дека станува збор за анализа, која српскиот весник „Информер“ ја пренесува од руските медиуми.
„’Турскиот тек’ е опасност за целиот Балкан и САД ќе бидат мирни само ако Атина, Скопје и Белград се откажат од партнерството со Москва и се свртат кон Вашингтон, пренесува српскиот весник „Информер“. Соединетите Американски Држави нема да дозволат продолжување на изградбата на гасоводот „Турски тек“ и се подготвени да организираат нереди по должината на неговата траса, односно во Грција, Македонија и во Србија, анализираат руските медиуми“.
Сепак, во ниту еден дел од текстот не се наведува за кои руски медиуми станува збор ниту, пак, кои се аналитичарите што ги изнесуваат ставовите и на што се засноваат нивните тврдења.
Понатаму во текстот се пренесува дека САД, наводно, се обиделе да предизвикаат војна во Македонија. Информацијата е „плесната“ без да се прецизира за кој период се однесува тврдењето ниту, пак, е детално разработено и поткрепено со факти, а се додава дека тоа било предупредувачка порака за Србија, ако одлучи да го поддржи „Турски тек“.
Во остатокот од текстот нема никаква разработка на претходно изнесените податоци, туку се даваат изјави од турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и од турскиот амбасадор во Русија, по посетата во Моска за заживување на проектот „Турски тек“.
Ваквото нецелосно информирање создава непотребна паника, имајќи предвид дека читателите немаат увид во целосната анализа ниту, пак, имаат претстава кои се аналитичарите и на што се темелат нивните тврдења. При пренесување анализи, секогаш мора да се има предвид дека тие треба да ги содржат сите потребни информации, а во случај да се пренесува само дел од анализата, таа треба да биде линкувана до оригиналот, за читателите да можат изворно да се информираат.
Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).
ИНФОГРАФИК
ВИСТИНИТОСТ
нема факти
не може да се утврди точноста на наводите
не може да се утврди веродостојноста на наводите
ИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ
има евидентирани извори
анонимни
1 извор
еднострани
СЕОПФАТНОСТ
несеопфатнo
прикриени информации
ПРИСТРАСНОСТ
не може да се утврди
извртување на вистина (спин)
не може да се утврди
наклонетост
политичка пристрасност
КОМЕНТИРАЊЕ
ПЛАГИЈАТ
не може да се одреди
ненаведен автор, наведен автор и извор без линк
КВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ
дезинформира
некреативен
сензационален
несоодветен
тенденциозен
ФОТОГРАФИЈА
има
ни манипулира ни информира - ставена е само како илустрација
ненаведен автор(извор)
ГОВОР НА ОМРАЗА
нема навредлив говор
нема говор на омраза
не потикнува на насилство
политичка дискриминација
УРЕДЕН ЗА ВЕБ
читлив
не апликативно
нема контекстуални линкови
делумно стилски уреден
неповрзан со тагови