verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Советот за безбедност жртва на меѓупартиски препукувања

on 11 - 08 - 2014       
Страницата насловена „Совет за безбедност“ на претседателоот портал, скроз празна. Фото: скриншот од порталот на претседателот Ѓорѓе Иванов, 2014

Страницата насловена „Совет за безбедност“ на претседателскиот портал, скроз празна. Фото: скриншот од порталот на претседателот Ѓорѓе Иванов, 2014

 

Последниве недели, па и месеци, во земјава има низа прашања кои можат и треба да се најдат на дневен ред на седниците на Советот за безбедност (протесите за пресудите од Монструм се само еден проблем кој би бил легитимен за разгледување на седницата на ова тела ако беше формирано).

 

Пишува: Доц. д-р Светлана Вељановска, доктор по меѓународно право

 

Новинарството е одговорна професија која има задача да пренесува информации, идеи, мислења. Новинарот има право да коментира, меѓутоа сѐ во рамките на почитувањето на вистината и вистинитата информација. Ова право, или подобро речено, обврска е озаконета и во Уставот на РМ  во чл 16 каде стои дека:

Се гарантира слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата. Се гарантира слободата на говорот, јавниот настап, јавното информирање и  слободното основање на институции за јавно информирање….

Меѓутоа, се случува за определени прашања медиумите да ја заборават својата улога во општеството, па наместо улогата да информираат и да бидат активни чинители кои ќе дадат свој придонес во нормалното функционирање на општествената заедница на која ѝ припаѓаат, да се обидуваат преку  информациите кои ги пренесуваат да креираат и поттикнуваат определени состојби.

Таков пример во последниот период е обидот да се наметне прашањето за квалитетот на  комуникацијата помеѓу претседателот на Република Македонија Ѓорѓе Иванов и раководството на албанскиот партнер во Владата на РМ.

Неспорно и сосема легитимно е медиумите да покренуваат дебати околу функционирањето на институциите во една држава. Сепак, кога станува збор за највисоката државна функција и Советот за национална безбедност, каде се разгледуваат прашања важни за безбедноста и одбраната на државата, медиумите треба да бидат повеќе од вообичаено свесни за улогата која ја имаат.

 

СОВЕТОТ ЗА БЕЗБЕДНОСТ ТРЕБА ДА ГО ОДРАЗУВА СОСТАВОТ НА НАСЕЛЕНИЕТО

 

За важноста на Советот за национална безбедност говори и фактот што со Рамковниот договор се воведоа измени токму во делот на предлагањето на членови од страна на Претседателот кој треба да обезбеди составот на Советот, како целина, соодветно да го одразува составот на населението во Република Македонија. (Амандман 13 од Сл. весник на Р бр. 91/01.)

По конституирањето на Владата на РМ јасно е дека меѓу членовите во Советот кои таму се по функција нема ниту еден припадник на другите етнички заедници. Најверојатно тоа е причината поради која медиумите ја прифатија играта и влегоа во комбинаториките кој и на каков начин ќе прифати да биде дел од ова тело.

Дневник пренесува изјава на висок функционер на ДУИ дека:

ДУИ треба да има претставник во Советот за безбедност зашто ДУИ не го признава легитимитетот на Иванов, но ја признава институцијата Претседател на државата.

Притоа, овој медиум констатира дека несогласувањето по ова прашање може дополнително да ги наруши релациите помеѓу шефот на државата и партијата ДУИ.

24 Вести ја пренесува изјавата на потпретседателот на ДУИ кој тврди дека оваа одлука не е реакција на најавите дека ДУИ нема да добие позиции во институциите во кои функционери делегира шефот на државата и по пораката од претседателската вила дека речиси е извесно дека новиот член – Албанец во СБ нема да биде човек на Ахмети, сепак одлуката излегува на виделина откако од вилата на Водно стигнаа најави дека Ахмети најверојатно ќе извиси од Советот за безбедност.

И едниот и другиот медиум во насловите на текстовите ударно најавуваат дека има несогласување помеѓу претседателот и партијата на власт и дека ова тело е местото каде ќе дојде до ,,одмаздување“ од страна на претседателот за бојкотот на изборите за претседател на државата. Дневник – ДУИ МОЛЧЕШКУМ ГО БОЈКОТИРА ИВАНОВ, ВО ПРАКСА ЧЕКА ФУНКЦИИ; 24 Вести – Целосен бојкот за Иванов од Ахмети.

 

ИМА ЛИ ПОТЕНЦИЈАЛНИ ЧЛЕНОВИ АЛБАНЦИ НАДВОР ОД ПАРТИИТЕ

 

Еден друг медиум на малку поинаков начин ја следи целата оваа дебата помеѓу ДУИ и Претседателот на РМ. Алсат М  во неколку  текстови преку изјави на високи функционери во ДУИ и претседателот на државата доловува еден друг аспект за улогата на Албанците во Советот за национална безбедност. Во текстот со наслов Совет за безбедност, Иванов не може да најде членови Албанци медиумот тврди дека

Ѓорге Иванов не успева да најде Албанци за да ги назначи за членови на  Советот за национална безбедност. Покрај бојкотот на ДУИ, која го оспорува легитимитетот на претседателот, станува се по сигурно дека и ДПА нема да делегира свои членови во ова тело. Неофицијално се дознава дека кабинетот на претседателот започнал контакти со професори Албанци, кои не се ангажирани во политички партии, но досега не добил позитивен одговор ниту од нив. Од кабинетот на претседателот не сакаат да одговорат дали нашле Албанци кои прифаќаат Иванов да ги делегира за членови во Советот за национална безбедност.“

Во текстот со наслов Иванов: Советот за безбедност без Албанци предложени од ДУИ Алсат М ја пренесува изјавата во која Иванов вели дека:

Не е ексклузивно право само на политичката партија ДУИ да ги претставува интересите на сите Албанци во Македонија. Во Република Македонија е потребно повеќе од кога било да се надминат теснопартиските и личните интереси. Да ги бојкотирате претседателските избори, а сега јавно да барате функции и да се пазарите за прашања од витален интерес на државата, во најмала рака е неодговорно однесување, потценување на демократскиот капацитет на државата.

Неколку денови подоцна истиот овој медиум ја објавува Реакција од ДУИ на изјавите на Иванов, каде јасно се нагласува ставот на ДУИ дека Албанец кој не е член на нивната партија не може да биде легитимен претставник на албанскиот народ во земјава:

Груби истакнува исто така дека на ДУИ не може да му се негира правото на било кој раководител на институцијата во државата за да предложат претставници, вклучувајќи и Албанци, но во тој случај, тој Албанец ќе го претставува само раководителот на таа институција од која е предложен, како и себеси, но никако и во никаква околност албанскиот народ во Македонија.

Свесно или не се провлекува ставот дека државните тела мора без исклучок да се составени од претставници на победничките партии и дека сите други без оглед на нивната стручност и квалификации не се легитимни и нема да бидат прифатени како компетентни членови на Советот. Според неофицијалните најави, конститутивната седница на Советот за национална безбедност би требало да се случи до крајот на овој месец, па токму од тие причини и вака интензивен интерес и дебата за ова прашање во нашите медиуми.

Медиумите кои известуваат за оваа состојба на (не)соработка помеѓу претседателот на државата и ДУИ насочени кон конкретното тело забораваат дека приказната има и друга страна. Не толку одамна во медиумите можевме да прочитаме дека:

Во препукувањата меѓу партиите како да се заборави дека политиката мора да се анализира од повеќе аспекти и дека најдобро е да се земат во предвид сите чинители на политичката сцена во земјата, а не само субјектите кои во моментот се засегнати со даден проблем или состојба.

Никаде во текстовите немаме можност да прочитаме што мисли опозицијата за ова прашање, посебно опозицијата од македонскиот блок кој е вон парламентот, бидејки ДПА како дел од парламентарната сцена во земјава според неофицијалните изјави не сака да предложи свој член во ова тело.

 

ОПОЗИЦИЈАТА НИКОЈ НИШТО НЕ ЈА ПРАШУВА

 

Прашање кое е легитимно и кое може да се постави од страна на медимите е дали и на кој начин опозицијата (СДСМ) може (и дали сака) да придонесе во надминувањето на состојбите во ова тело. Односно, дали нејзиното неучество во парламентарната дебата му дава можност за калкулирање и пазарење околу составот на Советот за национална безбедност на претседателот на државата.

Составот и надлежностите на Советот за национална безбедност е регулиран со Уставот на РМ. Него го сочинуваат претседателот на Републиката, претседателот на Собранието, претседателот на Владата, министрите кои раководат со органите на државната управа во областите на безбедноста, одбраната и надворешните работи и тројца членови кои ги именува претседателот на Републиката. Претседателот на Републиката е претседател на Советот за безбедност на Република Македонија и тој е задолжен да ги предложи тројцата преостанати членови кои не се по функција туку имаат улога да го претстават етничкиот состав во земјата (чл. 86).

Последниве недели, па и месеци, во земјава има низа прашања кои можат и треба да се најдат на дневен ред на седниците на Советот за национална безбедност (протесите за пресудите од Монструм се само еден проблем кој би бил легитимен за разгледување на седницата на ова тела ако беше формирано). Неговото неконституирање е пречка за тоа и еден од начините да се биде активен општествен чинител е медиумите да го постават и ова прашање : кога ќе се конституира Советот за национална безбедност и дали тој ќе биде поактивен од претходниот состав кој за целиот свој претходен мандат одржа само неколку седници.


Оваа анализа е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Анализата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на анализата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести