verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Сомневањата околу поздравот на Атиџе до Ердоган требало да се проверат

on 11 - 02 - 2020       

Во написот на Агенцијата Мета се искажува сомневање дали протагонистката во македонскиот документарен филм „Медена Земја“, Атиџе Муратова, во нејзиното интервју за турската Агенција Анадолија, навистина го поздравила турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган. И, ако се погледнат македонската и англиската верзија, такво нешто во видео клипот од интервјуто нема. Авторот на написот од Мета пред себе имал две јазични верзии во кои поздравот на Атиџе го нема и ова ги подгреало сомневањата дека тука нешто не е во ред. Дополнителен момент, кој треба да се земе предвид, е и фактот што турската верзија од интервјуто, дента кога е пишуван написот на Мета, не била достапна за широката јавност, туку само за потребите на претплатниците на Анадолија. И така настанува проблемот.

Линк до оригиналниот напис: Дали турската Анадолија на Атиџе ѝ измисли поздрав и поддршка за Ердоган?

Датум и време на објавување: 30 јануари 2020

Датум на рецензија: 10 февруари 2020

Рецензира: Мирослава Бурнс

Сè се разјаснува со демантот на Анадолија, каде што се објаснува дека поздравот навистина се случил и е објавен во верзијата од интервјуто на турски јазик. Оттука, јасно е дека се работи за недоразбирање, но, исто така, јасно е дека станува збор и за грешка од невнимание, која лесно можела да се избегне ако авторот или авторите од Мета се јавеле кај своите колеги и побарале дополнителни информации.
Анадолија е турска агенција, самото интервју е на турски јазик и јасно е дека тоа може да има и турска верзија, наменета за тамошниот пазар, која може да биде прилагодена и различна од другите јазични верзии наменети за претплатниците и публиките во странство. Не е воопшто чудно или невообичаено едно исто интервју да биде различно обработено за потребите на различни публики. Точно е и дека уредниците на Анадолија можеле во англиската верзија од интервјуто да напомнат дека поздравот кон турскиот лидер е достапен во видео формат во турската верзија од написот, но тоа не претставува нивна обврска. Она што е најважно овде, тоа е фактот што не е извршена проверка преку директна комуникација со Анадолија. И тука сè ќе било расчистено. Но, тоа не е сторено и затоа е дојдено до вакво недоразбирање и грешка.
Покрај ова, не е јасно и зошто се проблематизира тоа што протагонистката на „Медена Земја“ решила да го поздрави претседателот на земјата чија националност ја споделува. Дури и Муратова да има политички став, во тоа нема ништо спорно.
Дополнително, и уште побитно, дали Атиџе навистина упатила поздрав и поддршка за турскиот претседател Ердоган или пак постои обид тоа да ѝ се „накалеми“ на оваа сиромашна македонска Турчинка? Оти тоа не можеме да го видиме во видеото. Исто така, тешко е веројатно дека Атиџе Муратова би упатила поздрави само до турскиот претседател, туку секако би упатила и поздрави до нејзините сонародници – жители на Турција и нејзини роднини таму.
Во горенаведениот цитат има коментаторски елементи кои се лично на авторот на текстот. Нереално е да се очекува дека Муратова ќе ги поздрави оние луѓе, кои авторот на текстот во Мета намислил дека таа „треба“ да ги поздрави. Не можеме да знаеме кого таа би поздравила или не би поздравила и неумесно е да се шпекулира околу тоа. Понатаму, во делот каде се наведува дека таа е сиромашна, се добива впечаток како нејзините права да поздравува или, поконкретно, да го поздрави турскиот претседател, да зависат од нејзиниот социјален статус. Воопшто не е потребно да се наведува дека таа е сиромашна, бидејќи тоа не е релевантно во оваа ситуација кога станува збор за обичен поздрав.
Доколку жената го направила навистина тоа, би требало верно да се пренесат нејзините зборови во текстот или да го има таквиот поздрав во видеото. Вака, лесно е  да се посомневаме дека против нејзина волја таа е ставена во политички контекст.
Написот, за жал, од мува прави слон, односно од еден афирмативен текст за Северна Македонија, за документарецот двократно номиниран за Оскар и за неговата главна хероина се креира сомнеж за политичка злоупотреба на жена, која очигледно има право да биде политички и верски ориентирана според сопствената совест и волја. Постои суптилна стереотипизација, која се состои во тоа дека ако некој е сиромашен, живее во рурални услови, тогаш тој како да не е во состојба да поздравува претседатели, да бара изградба на џамија или да споменува политика.
„Now we are 30 Turkish households. We also need a mosque, don’t we? (Сега сме 30 турски домаќинства. Нам исто така ни треба џамија, нели?)“, гласи титлот на кажаното од Муратова на турски јазик.Според тоа што може да се види, Атиџе не бара отворено да се направи џамија, туку тоа го искажува во друг дух, со прашална форма.
Воопшто не е важно дали Муратова бара или не бара џамија. Тоа воопшто не треба да се проблематизира, зашто е дел од нејзините верски слободи. Дали го кажала како прашање, како констатација за тоа дека бројот на турски домаќинства расте или како повик за изградба на џамија, воопшто не е важно.
Професионално е што Мета го објавила демантот на агенцијата Анадолија во целост, во истата должина како што бил испратен, со краток одговор, кој не го намалува интензитетот на реакцијата од агенцијата која се нашла погодена од објавата.
Овој напис е преземен од проектот “Со критичко мислење до граѓани со медиумска умешност – КриТинк“, кој е спроведуван од Фондацијата „Метаморфозис“ и ЕВРОТИНК. Проектот е финансиран од Европската Унија. Ставовите и мислењата изнесени во овој напис не секогаш ги одразуваат оние на ЕУ. Написите од „Критинк“ се слободни за преземање со наведување на изворот и без измени и кратења.

ИНФОГРАФИК

infoVistinitostВИСТИНИТОСТ

infoVistinitostИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ

infoVistinitostСЕОПФАТНОСТ

infoVistinitostПРИСТРАСНОСТ

infoVistinitostКОМЕНТИРАЊЕ

infoVistinitostПЛАГИЈАТ

infoVistinitostКВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ

infoVistinitostФОТОГРАФИЈА

infoVistinitostГОВОР НА ОМРАЗА

infoVistinitostУРЕДЕН ЗА ВЕБ

Претплатете се за најнови вести