verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Софтверска заштита на правата на авторите во медиумите

on 24 - 10 - 2015       
Авторски права. Фото: Johann Nap, 2010
Авторски права. Фото: Johann Nap, 2010

 

Медиумите имаат огромно влијание во промоцијата на македонската музика и во креирањето на културната перцепција. Од нивното емитување, односно неемитување на музика од македонски автори или изведувачи, зависи и популарноста на македонските музички творци и пејачи.

 

Пишува: Светлана Вељановска, доц. д-р по меѓународно право

 

Со последните законски измени за Законот за заштита на авторските права и сродните права, се воведе софтвер за контрола на емитуваните дела со кој, меѓу другото, треба да се воведе ред и транспарентност во исплатата на надоместоците за авторите.

Обврска да го инсталираат овој софтвер имаат двете организации за колективно управување со авторските права – здруженијата ЗАМП и Македонската музичка индустрија.

Авторите и изведувачите, односно тие што би требало да имаат најголема корист од воведувањето на овој софтвер, од почетокот се понадеваа дека сега конечно ќе се знае кој колку творел и ќе добијат соодветен авторски надомест за сопственото творештво. Но, по првичната медиумска најава, работите застанаа. Прашање што се поставува е дали  недостигот од информации за овие прашања е поради немањето интерес за  известување од медиумите или поради несоодветната реализацијата и имплементацијата на законските измени?

„Комисијата за посредување во авторското и сродните права ќе прави увид и ако системите не се инсталирани, ќе им биде одземена дозволата на здруженијата што ги застапуваат. Министерката Канческа-Милевска апелираше до авторите активно да се борат за своите права.“

Ова го пренесе МРТ на 30 септември и е една од последните информации што се однесуваат на  практичната примена на овие законски измени, кои се донесени уште во април 2014 година.

Кој има интерес да (не) се применат измените во ЗАПСП (Закон за заштита на авторските права и сродните  права)? Оваа проблематика има најмалку три засегнати страни. Првата се авторите за кои, според Министерството за култура, всушност, и се донесуваат измените, втората се медиумите (телевизиите и радијата), кои се непосредни корисници на овие авторски продукти, и третата се стопанските субјекти, кои, според ЗАПСП, имаат обврска да плаќаат определен надомест според тарифник, кој, исто така, е подложен на измени.

Како медиумски беа покриени сите овие аспекти? Ставот на авторите во врска со овие законски измени можевме да го проследиме само во неколку текстови:

Авторските права стануваат безвредни, во кој се пренесува мислење дека со овие измени авторските права стануваат речиси безвредни поради што авторите организираат собирање потписи за измени во ЗАПСП .

„Направија закон каде што многу корисници нема да мора да плаќаат авторски и сродни права, а некои ќе плаќаат само незначителен дел од она што го плаќале досега“

како и тоа дека од тие причини:

„…во тек е потпишување на петицијата со која авторите ќе го изразат својот револт поради фактот што  надлежното Министерство наместо да се грижи за заштита на правата, спротивно на тоа, воспоставува норми во полза на корисниците, со што де факто ги штити оние кои се обврзани да ги почитуваат нивните права. Петицијата е отворена за потпишување до 10 октомври, а неофицијално досега ја потпишале околу 300 автори.“

Во текстот Правата на авторите ќе се заштитат со електронска евиденција стои дека измените се  поради барањето на авторите да се регулира посоодветно начинот на кој се распределуваат средствата за авторските права кои во нивно име ги собираат ЗАМП и ММИ.

Вториот аспект, оној на стопанските субјекти, се стекнува впечаток дека е најмногу медиумски експлоатиран. Пренесен е ставот на Стопанската комора на Македонија, но и оној на Здружението за угостителство и туризам кое смета дека е најзагрозено со висините на новите надоместоци што треба да ги плаќаат неговите членки.

Нивниот став, кој е објавен во медиумите, е дека :

„Треба да дојде до намалување на процентот од приходот собран при организирањето забави, приредби, свадби, што исто така се должни да му го платат на Здружението за заштита на авторски музички права (ЗАПМ), од дефинираните 12, на најмногу шест отсто, како и да бидат вклучени во изготвувањето на измените на Правилникот со тарифа за користење авторски музички дела со цел намалување на давачките. Не сме за неплаќање тарифа кон ЗАМП, само сметаме дека мора да се изнајде рационален модел на пресметка, односно правилно фактурирање.“

Третиот аспект, оној на електронските медиуми, кои, исто така, имаат обврска за плаќање определен надомест, воопшто не е третиран во авторски текстови од новинар(к)ите. Само во еден текст објавен во „Утрински весник“ може да се прочитаат висините на средства што на оваа основа ги плаќале порано и што треба да ги плаќаат сега определени радија или телевизии, при што интенцијата на авторот е дека законските измени се носат за да се заштитат поголемите национални медиуми:

„Така, на пример, ако некое локално радио досега плаќало 300 ден. на годишно ниво, отсега па натаму ќе плаќа 900 евра годишно… Јавниот радиодифузен сервис (МРТ) според стариот закон на уметниците музички изведувачи и продуценти – од приходот требаше да издвои 470.670 евра, а сега максимум 5.940 евра. Националните ТВ- радиодифузери (Сител, Канал 5, Алфа, Алсат и Телма) во просек по 24.567 евра, а сега максимум 5.940 евра.“

Членот 13 од Законот за измени во ЗАПСП бара од страна на организациите за колективно управување со авторското право и сродните права најдоцна до 30 септември да обезбедат систем на електронска евиденција. Доколку тоа не се случи, Министерството за култура, во согласност со своите надлежности, е должно да ја одземе дозволата за колективно управување. Досега немаме информација дали ЗАМП и ММИ постапиле во согласност со законските одредби и ако не постапиле, дали надлежните инспекциски служби го практикуваат ЗАПСП односно неговите најнови измени.

Исто така, недостига транспарентно презентирање на ставовите на авторите, кои освен во веќе посочените текстови, каде самите излегуваат со ставови, воопшто не се третирани од телевизиите и од радијата, чија програмска содржина се нивните авторски творби. Ставот дека медиумите и организациите за колективно управување треба ја почитуваат законската легислатива и да бидат отчетни, ги обврзува и новинар(к)ите проактивно да го разработуваат ова прашање во нивните емисии и програмските содржини на медиумите во кои работат. Можеби место каде треба да се побара одговор на некои од прашањата околу реализацијата на измените во ЗАПСП е Министерството за култура, кое навистина не е надлежно за распределба на средствата, но е надлежно да ги испрати инспекторите да проверат дали се применува законот кој тие го донеле. Кој и да е епилогот на нивното постапување, треба да резултира со информирање на јавноста преку вообичаените прес-конференции ако веќе претходно нема пројавено интерес новинар(к)ите да информираат до каде се и дали воопшто има некакви активности.

 


Оваа анализа е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Анализата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на анализата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести