verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Собранието – изгубено и во кризата и во медиумското игнорирање

on 2 - 06 - 2015       
Овој напис го има и на: Албански
Протоколарни средби и меѓународни активности колку сакаш во време на сериозна политика криза колку сакаш. Справување со најважните проблеми нема ни за лек. Фото: Собрание на РМ. Колаж: СПФМ
Протоколарни средби и меѓународни активности во време на сериозна политика криза – колку сакаш. Справување со најважните проблеми нема ни за лек. Фото: Собрание на РМ. Колаж: СПФМ

 

Фактот што кај медиумите нема никаов интерес за работата на Собранието и тоа во време на тешка политичка криза, само ја покажува неговата моментална бесцелност. А, кога највисокиот законодавен и претставнички орган во една земја не е предмет на интерес во јавноста, тогаш нешто сигурно не е во ред со демократијата во таа земја.

 

Пишува: Проф. Мирјана Нјачевска, експерт за човекови права

 

Една од карактеристиките на продолжителни периоди на нарушување на демократскиот систем што, меѓу другото, се манифестира и во дезавуирање на институциите на државата, е отсуството на интерес кај медиумите за тие институции.

Во такви услови, медиумите или не ги спомнуваат овие институции или ги спомнуваат на маргините на други случувања и актери. Во секој случај, медиумите во одреден момент престануваат да ги адресираат, односно да ги предизвикуваат во врска со несоодветното вршење на нивните основни функции/надлежности.

Се чини како медиумите да го прифаќаат како факт нефункционирањето на институциите и едноставно тие институции се надвор од фокусот на нивниот интерес. Меѓутоа, отсуството на написи, анализи и прашања поврзани со (не)работењето на институциите, не само што не ја информира јавноста за фактичката ситуација, туку може да претставува и своевиден облик на дезинформирање. Имено, граѓаните може да стекнат впечаток дека медиумите не пишуваат за овие институции заради тоа што тие функционираат, затоа што нема проблем во нивното работење и ги остваруваат активностите кои се во нивна надлежност.

Во својата контролна улога на власта, медиумите треба да понудат таков вид анализа на работењето на институциите, кое на јавноста ќе ѝ даде доволно податоци не само за остварувањето на законските надлежности на овие институции и на пропустите во работењето, туку ќе ги смести овие податоци и во поширокиот контекст на актуелни случувања.

Една од институциите која е целосно маргинализирана од медиумите во последниот период (особено периодот на отворена политичка криза) е Собранието на Република Македонија.

Паѓа в очи дека, и покрај тоа што станува збор за највисокото законодавно тело во државата и тело пред кое отчет за сопственото работење даваат Владата и низа други институции, во медиумите Собранието се спомнува или во контекст на своето редовно  работење (без никаква врска со актуелните случувања) или како место пред кое физички се одвиваат настани.

Ниту еден медиум не постави прашање како е можно органот на власт кој според Уставот „е претставнички орган на граѓаните и носител на законодавната власт на Републиката“ и кој „…врши политичка контрола и надзор над Владата и над другите носители на јавни функции што се одговорни пред Собранието“, да не се интересира за политичката криза што ја тресе државата, за отворено изнесените барања на граѓаните и за индицираните криминални дејства на Владата?

Минимумот кој би се очекувал од медиумите е:

 

Прво, да направат анализа на точките на дневен ред на Собранието од пуштањето во јавност на првата „бомба“ од страна на опозицијата.

Отсуството на една единствена точка поврзана со обвинувањата на опозицијата, на дневен ред на пленарните седници на Собранието и на состаноците на работните тела на Собранието претставува неспорен факт. Тој факт може да биде толкуван на различни начини, меѓутоа останува податокот дека Собранието не расправало за политичката криза која се случува во државата (а за која се расправа дури и на меѓународно ниво), дека не разговарало за барањата на граѓаните и дека не побарало одговор од Владата за изнесените обвинувања.

 

Второ, да направат анализа на пратеничките прашања кои во овој период (период на индицирани криминални дејства на Владата) се поставени до Владата.

Дали во тие пратенички прашања има елементи кои се однесуваат на политичката криза во која се наоѓа државата (што е многу странично покриено од многу ограничен број медиуми), дали пратениците се заинтересирале да добијат информација од претседателот на Владата за преговорите во кои е вклучен. Дали е поставено прашање за поднесените оставки и за евентуалната потреба од нови оставки.

 

Трето, да постават прашање зошто Собранието не одлучувало за формирање анкетна комисија во врска со прислушуваните разговори, туку тоа е направено на координативна средба на пратеничките групи (кои не претставуваат формално тело, ниту пак имаат надлежност да решаваат за било што)?

 

Четврто, да ги затрупаат пратениците во Собранието со прашања.

 

Медиумите мора да се заинтересираат за ставовите и за мислењата на пратениците за актуелните случувања во државата (а, за кои расправаат дури и европратениците, за кои даваат изјави амбасадорите во Република Македонија, за кои расправа Советот на Европа, а дава мислење и генералниот секретар на ООН), за нивното гледање на политичката криза, за нивните мислења во врска со преговорите, за нивниот став во врска со крвавите настани во Куманово.

Одговорите на пратениците треба да ѝ бидат презентирани на јавноста за  граѓаните да добијат информации за состојбите во Собранието, за нивните избраници и за евентуалното тивко уривање на уставниот поредок со фактичко поместување на власта од оние кои се избрани од граѓаните, кон оние кои треба да бидат прости извршители на волјата на граѓаните.

Ова станува особено значајно во контекст на упорно повторуваното барање за враќање на опозицијата во Собранието. Критичките медиуми, мора да постават прашање зошто е толку важно во ситуацијава да се врати опозицијата во Собранието, доколку станува збор за институција во која не се одлучува. Или, што е тоа што може да се реши со враќање на опозицијата во Собранието во услови кога Собранието го игнорира самото постоење на криза?


Оваа анализа е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Анализата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на анализата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.

Претплатете се за најнови вести