Со навреди кон дното
Објавено во Рецензии
on 24 - 06 - 2016 Автор: Александар Пешев[Рецензија: Шарената Ирена Ристиќ на лице место исплукана и треширана]
Имаме објава која употребува низа вулгарности со што молскавично го достигнува дното, не само во поглед на професионалните стандарди, туку и во поглед на културата на говор. Употребата на кованицата „треширана“ во насловот, дури е најмалку спорната работа во текстот кој е видно насочен кон лични дискредитации, навреди и омаловажување.
Линк до оригиналниот напис: Шарената Ирена Ристиќ на лице место исплукана и треширана
Датум и време на објавување: 22.06.2016, 23:23
Датум на рецензирање: 23.06.2016
Рецензент: Александар Пешев
ДИСКРЕДИТАЦИЈА
Главата го исполнува тоа што насловот го ветува. Неосновано се коментира дека актерката е неуспешна и дека пропаднатиот проект што го водела вредел речиси милион долари. Нема наведено извор на ваквите информации ниту, пак, истите се атрибуираат кон конкретен извор во форма на изјава, што во основа значи дека имаме квалификации и класична навреда.
По споменувањето на инцидентот во кој Ристиќ се соочила со повозрасна жена, која наводно „ја истуширала со сок“, објавата повторно ниже коментари: дека проектот „Контравести“ доживеал фијаско и повторно од непознати извори се тврди дека за проектот биле потрошени милион долари. Спинот кој се изведува од коментарите го шири опсегот на квалификациите од индивидуална кон дискредитација на меѓународна организација:
„И после Американците барале телевизиските новинари да не се занимавале со коментари и ставови а УСАИД финансира квазиполитички бламажи од простачки политички карактер против една политичка страна во македонија“.
Ваквиот израз создава сомнеж за политичка пристрасност на објавата. На читателот му се нуди неиздржан коментар преку кој со обидот за дискредитација се добива слика дека Американците, наводно, ја напаѓаат политичката опција која во текстот се презентира како оштетена. Се продолжува со коментари, кои не се издвоени од остатокот од текстот во кој веројатно има само два-три факти.
„Толку беа долни и мизерни што и газдарицата на телевизијата на која тоа се емитува изјавуваше дека е тоа катастрофа и дно“.
Доколку овдека се мисли на објавата на сопругата на директорот на „Телма“, која се огласи на социјалните мрежи во врска со проектот „Контравести“, тогаш имаме дизинформација – според достапните информации, таа формално не фигурира како „газдарица“ на ТВ „Телма“.
НЕДОЛИЧЕН ТОН
Наспроти укажувањата во Кодексот на новинарите дека „новинарот мора да ја негува културата на говорот и етиката и неспојливо со новинарската професија е непримерната комуникација со јавноста“ (член 15), во написот се нижат квалификации закитени со кованици како „трип“ и „треш“ кои немаат место во новинарски текст, објавен на каков било медиум.
Но, тоа е само една од низата професионални одредби кои воопшто не се почитуваат во објавата. Имаме квалификации и видни навреди, како, на пример:
„Шарената Ирена Ристиќ живее во его трип дека се станува селеберти преку ноќ и во филм, опкружена со своите, дека е доволно да плукаш познати за да станеш важна како нив но – на улица ја сведуваат на мерката која и е природна, а тоа е општествен треш, или по нашки – социјално ѓубре“.
Евидентно е дека нема почитување на граматиката и на правописот, но уште поевидентно е дека имаме низа коментари кои создаваат впечаток дека авторот се обидува да ги одбрани нападнатите политичари, што е уште еден показател за политичката пристрасност на текстот. Недвосмислено имаме кршење на член 11 од Кодексот:
Новинарот ќе се придржува и на општо прифатените општествени стандарди на пристојност и почитување на етничките, културните и религиозните различности во Македонија.
Кон ова и забелешката дека во целата објава може да се идентификуваат само два факта: првиот дека Ристиќ има објава за инцидент на социјалните мрежи, а вториот дека проектот „Контравести“ веќе не оди во етер. Сè друго претставува мислења, квалификации и коментари кои се интегрираат во објавата, со што се повредува уште една професионална одредба:
Новинарот треба да прави разлика меѓу фактите и мислењата, меѓу веста и коментарот. (Член 13)
(НЕ)КУЛТУРА НА ГОВОР
Покрај главниот „виновник“, во текстот се прави уште еден пропратен напад и тоа кон новинарите Оливера Трајковска и Бранко Геровски, повторно со употреба на недолични изрази, со што објавата бргу се влече кон дното не само во поглед на непочитување на стандардите туку и во поглед на културата на изразување.
Потоа повторно имаме израз кој остава впечаток како да се брани ВМРО-ДПМНЕ, со забелешки дека „ударната тупаница“ на „Контравести“ не избирала зборови против партијата, но дека проектот финансиран од странски фондови пропаднал. Ваквото навидум ситење го засилува сомнежот за политичка пристрасност до ниво на политичко навивање, ситење и омаловажување на критичарите.
Во финишот на текстот се копа низ профилот на Ристиќ и се издвојува објава која е насочена кон спин дека „гордо изјавува ‘Сите сме ВМРО’“. Нема докази дека е направен обид за обезбедување изјава од прозваната актерка, што укажува на мотивот за нејзино оцрнување.
На крајот, коментарите насочени кон дискредитација на ставовите на актерката се трансформираат во лични навреди кои не вреди да се пренесуваат. Со тоа, веќе е сигурно дека објавата го достигнува дното, во секој поглед.
Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).
ИНФОГРАФИК
ВИСТИНИТОСТ
делумно
делумно
делумно
ИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ
има евидентирани извори
неофицијални
нерелевантни
не може да се утврди
еднострани
СЕОПФАТНОСТ
несеопфатнo
можеби се прикриени информации
ПРИСТРАСНОСТ
делумно прикажува вистина
извртување на вистина (спин)
не може да се утврди
наклонетост
политичка пристрасност
КОМЕНТИРАЊЕ
има коментаторски елементи
интегрирано со фактите
ПЛАГИЈАТ
не може да се одреди
ненаведен автор
КВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ
дезинформира
некреативен
сензационален
несоодветен
тенденциозен
ФОТОГРАФИЈА
има
соодветна
манипулира
ненаведен автор(извор)
ГОВОР НА ОМРАЗА
навредлив говор
нема говор на омраза
не потикнува на насилство
не дискриминира
УРЕДЕН ЗА ВЕБ
читлив
нема мултимедијални елементи
нема контекстуални линкови
стилски неуреден
неповрзан со тагови