verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Случајот „Верушевски“: Пренесување и анализирање

on 22 - 07 - 2015       
Овој напис го има и на: Албански
Шематски приказ на пиштолот CZ M-70.

Шематски приказ на CZ M-70, користен во СФРЈ како „мал службен пиштол“.

Медиумската анализа на судски случај бара специфичен пристап, базиран на познавање на законската регулатива и на истражување на судската практика.

 

Пишува: Проф. Мирјана Најчевска, експерт за човекови права

Медиумите треба да ги пренесуваат настаните, да ги информираат граѓаните и да ги доближуваат случувањата до граѓаните. Тоа е многу важно. Каде, што, кој, колку. Што повеќе информации, толку поцелосна слика за случувањата може да стекнат граѓаните.

Меѓутоа, еднакво важно е и да анализираат. Да длабат, да прашуваат, да разјаснуваат и да објаснуваат. „Кога новинарите не прашуваат, лагата многу лесно станува вистина“. Постојат настани кои можат да бидат искористени како студии на случај, како репери за пошироките општествени придвижувања, настани во кои конвергираат поголем број случувања во конкретен момент. Таквите настани треба да бидат искористени за отворање неотворени прашања или, пак, за продлабочување на веќе поставените прашања кои не се соодветно одговорени.

Само на ваков начин медиумот може да се појави освен како извор на информации и како активен чинител во општествените промени и како контролор на власта.

Таков е случајот, на пример, со судењето и со пресудата изречена на 16 јули 2015 година, со која Зоран Верушевски е осуден на три години затвор за недозволено држење оружје (наводно според член 396 од Кривичниот законик).

Случајот беше широко медиумски покриен и медиумите ја пренесоа донесената пресуда, меѓутоа, пред сè, на ниво на многу кратка информација (во најголем дел од медиумите беа дадени кратки извадоци од завршните зборови на одбраната и на обвинението), без поголема анализа и без поставување понатамошни прашања. Верушевски не беше популарен во периодот кога беше на ударна полициска функција (со неговото име беа поврзани дури и индикации за злоупотреба на службената должност). Меѓутоа, тоа нема никакво значење за конкретниот судски случај, примената на правото и, особено не, за политичката конотација на истиот.

Медиумската анализа на судски случај (и особено на случај кој има и политичка заднина или дури и јасни индикации дека се работи не за правен, туку политички процес) бара специфичен пристап, базиран на познавање на законската регулатива и на истражување на судската практика.

Зоран Верушевски. Фото: Meta.mk.

Зоран Верушевски. Фото: Meta.mk.

На пример, дел од медиумите пренесоа делови од завршниот збор на Зоран Верушевски во кој

„…бранејќи се по обвинението за неовластено поседување на оружје. Пред судијата пак ја покажа потврдата со која е регулиранo поседувањето на пиштолот.“

„МВР сите овие години знаеше каде се наоѓа пиштолот. Сведокот на обвинителството потврди дека документот не е временски ограничен. Никој не побарал од мене раздолжување. Овде се работи за административно-правни недостатоци на МВР и УБК.“, рече Верушевски

Меѓутоа, новинарите не отидоа чекор понатаму во поставувањето конкретни прашања или во проблематизирање на судското одлучување.

Во конкретниот случај на Зоран Верушевски, може да се постави прашање до судиите дали при донесување на пресудата ја имале предвид пресудата на Врховниот суд од 5 јуни 2012 година, заведена под Квп.бр.261/2011? Во оваа пресуда Врховниот суд утврдил обврска на МВР да води сметка за оружјето со кое задолжила конкретни луѓе (а кое мора да се наоѓа во евиденциите на МВР) и обврска на МВР да ги покани тие кои должат оружје истото да го раздолжат! Се работи за суштински елемент на постапката без која нема кривична одговорност! Така вели Врховниот суд.

Во дел од медиумите е посветено внимание на завршниот збор на јавната обвинителка и според нив:

„Обвинителката, пак, во својот завршен збор направи анализа на доказите истакнувајќи дека се докажувало делото што му се става на товар. Таа побара од Судот да го прогласи Верушевски за виновен, притоа ценејќи ги олеснителните и отежителните околности. „На обвинетиот му престанало својството на лице со посебна должност и тој имал обврска да се раздолжи од оружјето“, потцрта таа. Пресуда за Верушевски се очекува денеска.“

И овде медиумите не одат чекор понатаму, и новинарите не поставуваат прашање до обвинителката за тоа, според кој закон и според кој член од тој закон е регулирана обврската за раздолжување од оружјето. Во еден медиум дури се појавува информација дека:

„Сведокот на обвинителството потврди дека не е временски ограничена потврдата со која е регулирано поседување на пиштолот.“

Меѓутоа, оваа информација не предизвикува понатамошен интерес и не е искористена за понатамошна анализа, па дури и за вкрстување со некоја претходна изјава, а што веќе сè повеќе се користи во нашите медиуми. Имено, на крајот од 2014 година, тогашната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, изјавува дека:

„…службеното оружје не потпаѓа под законот за оружје. Службеното оружје има целосно поинаков режим на ракување, од оружјето кое потпаѓа под Законот за оружје или популарно кажано приватното оружје.“

Оттука и зачудува што медиумите не ја искористија можноста да постават прашање и за постоењето или отсуството на соодветна регулатива со која би биле покриени ваков вид случаи.

 

Фотографија на пиштолот М-70 од официјалниот веб-сајт на фабриката за оружје Црвена Застава од Крагуевац.

Фотографија на пиштолот М-70 од веб-страницата на фабриката за оружје „ Застава“ од Крагуевац.

Што велат законите и подзаконските акти?

Кога станува збор за судски случаи, подготовката на новинарот подразбира читање закони и подзаконски акти. Имено, само со јасен преглед на законските одредби, новинарот може да ги постави вистинските прашања. На пример, во случајот на Зоран Верушевски, медиумите не поставија прашање за тоа како во случајот може да се примени членот 26 од Упатството за начинот на однесување и меѓусебните односи на полициските службеници, според кој:

„Кога полицискиот службеник е распореден на друго работно место, раководниот работник го раздолжува и го упатува на новото работно место во пропишаниот рок.“

Значи, раздолжувањето не е обврска на службеното лице туку на старешинскиот кадар (впрочем како што и констатира Врховниот суд). На ова се надоврзува и членот 27, во кој, пак, воопшто не се спомнува раздолжувањето на службеното оружје кое е предадено на лицето за кое станува збор:

„Раководниот полициски службеник кога заминува на ново работно место, стручно усовршување, во пензија или е оддалечен од работното место или од други причини е отсутен подолг временски период, ги предава работните задачи на полицискиот службеник кој доаѓа на неговото работно место или кој ќе го заменува.“

Во ова светло веќе се наметнува дури и прашањето дали воопшто постои обврска за раздолжување? Имајќи го сето ова предвид, изненадува фактот дека ниту еден медиум не се обрати до актуелниот министер за внатрешни работи Митко Чавков, со прашање за важечките процедури за раздолжување на службеното оружје, евиденцијата на службеното оружје и причините заради кои од Зоран Верушевски не е побарано да го врати службениот пиштол. Одговорите на овие прашања навистина би можеле да ѝ помогнат на јавноста да донесе заклучок дали се работи за политички монтиран процес или…

Доколку, донесената пресуда се стави во контекст на пошироките политички случувања, секоја анализа на еден ваков случај може да вклучи и низа други елементи, односно медиумите може да бидат пасивни набљудувачи и дистрибутери на информации или активни чинители во општеството, кои ѝ помагаат на јавноста да формира свое мислење за тие случувања, да влијаат, но и да ја контролираат власта и да повикуваат на одговорност на власта.


Оваа анализа е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Анализата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на анализата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести