verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Случајот „Титаник“ неважен, есенцијален изгледот на обвинителките

on 17 - 02 - 2016       
Овој напис го има и на: Албански
Сексизам - уште се занимаваме со тоа. Фото: скриншот/funphotobox
Сексизам – уште се занимаваме со тоа. Фото: скриншот, фото ефект: funphotobox

 

Практикувањето на сексисзмот во новинарството денес, и тоа не само прикриено, туку отворено и засилено до ниво на полова дискриминација, е недопуштено во современите редакции. Фактот што сексизмот и половата дискриминација сè уште постојат и отворено се практикуваат, и тоа од новинари на највисоки позиции во професијата, покажува колку на таа професија ѝ е потребно прочистување и тоа на многу нивоа.

 

Пишува: Силвана Жежова

 

Иако се мисли дека половата дискриминација е својственa за некое минато време, сексизмот во македонското општество е присутен и денес и тоа по многу основи. Можеби одреден период се мрдна од точката на традиционалното, но имајќи го предвид целиот општествен ретрограден процес, сексистичките ставови се вратија на голема врата. Потекнуваат од традиционалните стереотипи за половите улоги, а најчесто е дискриминирана жената.

Мортиша Вечер - crop-resize-final
„Вечер“, колумна од 15 февруари 2016 година

Во многу примери, жената не се оценува од аспект на професионална индивидуа која на одредено место и во дадено време настапува во името на својата професија, туку се третира како објект кој се набљудува низ призмата на изгледот и надворешната појава.

 

ОБЈЕКТИВИЗИРАЊЕ НА ЖЕНАТА И АТАК НА НЕЈЗИНИОТ ИЗГЛЕД

Таков последен случај е колумната на Драган Павловиќ – Латас насловена „Мортиша“, во која, меѓу другото, се зборува и за прес-конференција на Специјалното јавно обвнителство или, попрецизно, за изгледот на обвинителките. Павловиќ во колумната нема спомнато ниту збор за суштината на акцијата „Титаник“, во која се најавија отворање на истражни постапки против поранешните министри Гордана Јанкулоска, Миле Јанакиески и против секретарот на Владата, Кирил Божиновски, туку предмет на анализа е изгледот на обвинителките.

„Се појави Катица Јанева на пресот „Титаник“. Со нова фризура и видно посмирена и поскапа гардероба од порано. Барем се виде каде одат парите на граѓаните. Со четири милиони евра личен буџет и Шеќеринска за советник, не е проблем тоа да се потроши по фризери и бутици“, се вели во колумната.

Според Снешка Илиќ од организацијата „Реактор“, која е дел од Платформата за родова еднаквост, и во овој случај, како и вообичаено, има објективизирање на жената и атак на нејзиниот изглед. Такво објективизирање таа препознава и во речениците:

„Морам да кажам дека обвинителката Ленче Ристоска и мене ме бендиса. Паметно изгледа, спастрена и убава. Ако морам да паднам во нечии раце, последна желба ми е да паднам во рацете на Ленче Ристеска. Некако ми личи на тоа, а и задоволството би било обострано“, од колумната на Павловиќ.

Илиќ додава дека предмет на напад најчесто се жените на клучни позиции.

„Тука жената, како и секогаш, се објективизира и се оди кон атак на нејзиниот личен изглед. Жените, кога се на клучни позиции, добиваат напади за тоа како изгледаат, што во споредба со мажите никогаш не се случува. Објективизирањето на жените е многу чест случај кога тие се на функција“, вели Илиќ.

 

ОМАЛОВАЖУВАЊЕ ВРЗ ОСНОВА НА ПОТЕКЛОТО

Давајќи „осврт на ликот и на делото“ на обвинителката Фатиме Фетаи, во колумната има обид за дискредитација врз основа на потеклото по раѓање. Преку употребата на термините „селски“, „маалски“ се прави обид да се омаловажи нејзиниот настап, без да се спомне ништо за она што таа го кажа на прес-конференцијата.

„Фатиме Фетаи ја нема таа естетика и рафинман. Таа изгледа како маалска сировина, Мортиша од Адамс фемили или уштре повеќе лика и прилика е близнак на Круела де Вил од 101 Далматинец. До толку е во грч и спазми што заканите од нејзините зборови наместо плашење народ повеќе предизвикуваат сожалување за нејзината инфериорност и потребата да го сокрие маалскиот, селскиот сиров материјал да го прикаже како одлучност и моќ“, пишува во колумната.

Според социологот Анета Кузевска Поп-Илиоски, уредниците и новинарите забораваат дека првите три основни функции на нивната професија е едукација, информирање и социјализација, па дури потоа следуваат забавата и сензационалноста.

„Овој познат новинар, кој со години се наметнува како професионалец на нашата медиумска сцена, ни пласира текст кој во одреден свој дел, поради користење на апсолутна слобода на говорот, забегува од новинарскиот професионален аспект. Новинарот престанува да се посветува на професионалниот ангажман на лицата опфатени во текстот и почнува да зборува за своето доживување на истите како припаднички на понежниот пол, во за него препознатлив „мачо-стил“. Воедно, критикувајќи го нивниот надворешен изглед во крајно еуфемистично сексистички стил, придонесува кон квалитативното пропаѓање на новинарството“, смета Кузевска Поп-Илиоска.

 

СЈО ЗАГРИЖЕНО ЗА НАЧИНОТ НА ИЗВЕСТУВАЊЕ

Специјално јавно обвинителство не реагираше на оваа колумна на Драган Павловиќ – Латас, но неодамна испрати допис до медиумите во кој изрази загриженост за начинот на известување на одредени медиуми, поврзано со нивната работа, како и со работата на специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева.

„Ова јавно обвинителство, иако беше изложено на неосновани напади и во претходниот период, покажа висок степен на толеранција спрема лицата што изнесуваа невистини, навреди, клевети и се служеа со говор на омраза насочен кон обвинителството. Со оглед дека бројните апели од наша страна не дадоа резултат, а за да се заштити интегритетот и безбедноста на јавните обвинители и на нивните семејства, ја известуваме јавноста дека во периодот што следува против одредени лица ќе бидат покренати соодветни граѓански постапки за клевета и за навреда, како и кривични постапки за лажно пријавување кривично дело“, се вели во соопштението на Специјалното јавно обвинителство.

 


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести