verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Скендер Рауфи: Медиумската битка е најголемата освоена битка!

on 15 - 04 - 2016       
Овој напис го има и на: Албански

Skender Raufi

 

Една кариера  препополна со предизвици, еден живот посветен на борбата за да се стигне до вистината, во корист на јавниот интерес и во рамките на етичкото новинарство. Ова се главните карактеристики на неколкудецениските активности на еминентниот новинар Скендер Рауфи. Тој за „Сервис за проверка на факти“ открива  неколку важни моменти од својата кариера, за да ги постави пред нас како новинарски лекции што би му служеле на секој млад новинар, но и на тие поискусните, како еден водич во патувањето кон вистината.

  

Автор: Џенис Сулимани

Навистина е тешко, но дали би можеле да го заокружите Вашето новинарско искуство во само неколку зборови и како би го формулирале?

Рауфи: Новинарството (првенствено телевизиското), го примив како еден предизвикувачки повик за да го ширам преполниот сок на еден дискурс без „вештачки цвеќиња“, искрен и нов, непристрасен и слободен, но и за да го измерам мојот морал наспроти бедниците што ги сервираше монизмот… И како многу други од оваа генерација, тие пред и потоа, дознав дека оваа донкихотовска мисија бара многу жртвувања, енергија и над сè трпение за да се овековечи. .. И денес, по неколку децении, во еден нов општествен поредок и квазиплурален, за жал, суштината на едно балансирано новинарство, слободно и морално, останува утопија, за да не се каже дистописка фиксација, која ги става на тест генерациите што доаѓаат, за нови инцијативи… Иако ваму-таму ставив по некое камче во овој мозаик на новинарското изразување, останав разочаран и не излегов победник.

Кој настан го паметите од Вашата сензационална кариера и каква поука сте извадиле од него? Дали можете да го споделите со јавноста?

Рауфи: Во мојата кариера има многу настани, што во четири децении новинарска работа, гласно прозвучуваат со деструкти, секогаш политички. Со секоја епизода што би ја издвоил како најгласна, би бил неправеден кон некоја друга слична. Меѓутоа, една од поуките, најодлични и најзначајни, за да сум појасен кон читателот на овие неколку редови, што ја откривам и за да даде до знаење за временскиот лак на мојата новинарска активност, неизбежно е крајот на 1982 година, кога без никаков допис, причина или логика, комунистичката партија на Македонија нареди промена на албанската топономија со македонската. Шкупи стана Скопје, Дибра – Дебар, Керчова – Кичево… Сизифовска работа е да ја опишам тагата на целиот колектив на тогашниот „ТВ Шкупи“, па и мојата во ова мое раскажување. Но неколку колеги, скришум направивме еден договор, за секогаш кога ќе се спомнеше „Скопје“, ние ќе употребевме како „додаток“ (!) „главниот град на Македонија“. По некое време, супревизорите на и така притиснатата програма на албански јазик, го приметија овој „марифет“ и како последица, тројца новинари од тогашната редакција беа суспендирани од работните места, за да ги ангажираат во други телевизиски жанри. Се разбира, јас бев третиот.

Кога се присетувате на времето на Вашата активност како новинар, што го карактеризираше тоа време, а за што Вие мислите дека денес го нема?

Рауфи:  Во споредба со времето што сега го нарекуваме монизам (комунизам), сега, во еден наводно плурален демократски систем, во суштина многу малку нешта се надвор од „окото на циклонот“, значи, надвор од политичкиот надзор. Но, сега супервизори не се Македонците, туку самите Албанци, или поточно вчерашните слуги на дискриминаторските политики, што сметаат дека  „од денес се господа“.  Тие денес се расисти, и повеќе од тоа, со инсталацијата на една „банда пирати“, една „кошница јастози“, незнајковци на новинарството кои ги истакнуваат своите неуки патрони, без морален и душевен код. Албанските политички партии (сервили на македонските), секој ден и повеќе правеа и прават уште подлабоки пукнатинки во медиумите (кои и така се во мал број), во Македонија. Да се каже отворено и албански, овој круг на турбуленција можеме да го нападнеме со малку зборови :„Македонската општа медиумска диктатура, особено и кај Албанците, како што се одвиваат работите, ќе преживее сè додека една генерација, во една блиска иднина (?!), не ги натера да испуштат душа и вака да се отворат вратите на слободното изразување“. Значи, ако во комунизмот новинарството (дури и официјално) се цензурираше, денес, и покрај уставното право, слободата на изразување, на примитивен, варварски и идиотски начин, неофицијално пак се цензурира!

Како го коментирате избледувањето на новинарската етика?

Рауфи: Избледувањето на новинарската етика во Македонија, како што беше истакнато и спомнато во неколку редови погоре, се одразува на борбата за доминација на медиумите од страна на владејачите. Во овој контекст, за да се прошири кругот на овој текст, напишан со чест и без трикови, може да се спомне, парафразиран и во линии што не ја менуваат суштината, одличната контемплација на Кадаре, кој, со еден целосно луциден тон и умно ќе констатира дека „медиумската битка е најголемата освоена битка… можеби поголема и од таа во вистинското бојно поле“. Небитните на албанската политика во Македонија, паметни и истакнати во штети и во профити, ова мислење го направија кредо на нивната активност, бидејќи, како што знаат самарџиите и берберите на ова поднебје, тие, со нивната импотенција за владеење, успеаја да направат цел свет да им се смее и заедно со нив и еден доста голем дел на „новинарите“ што мислат со задница и пишуваат со нозе. За да го заокружиме овој дел, да не заборавиме дека кај албанските новинари, овде, во Македонија, има и одлични писатели, луѓе со морал, храбри… но, ова е тема на која треба да се пристапи долго и широко.

Во последно време, создател на уредничките политики не е јавниот интерес, туку партиските штабови. Како го коментирате овој феномен?

Рауфи: Уредничката политика на медиумите во Македонија, во повеќето случаи не се прави во редакцијата. Создателите на овие политики се центрите на власта и неколку „комесаријати“ или информативни штабови, што на нивните подлижувачи им даваат „директиви“ и „приоритет“ за настаните. Профилот на уредниците (со неколку исклучоци), е една пустошија поради која треба да рониме солзи, а не задолжително да го критикуваме, бидејќи нив толку им фаќа „шупелката“.

Ако овие уредници беа вистински уредници, во поедноставна смисла на зборот, но, пред сè ако знаеја да намирисаат професионално новинарство, немаше да дозволат да го бастардираат до овој неподнослив степен нивниот сопствен занает или „браншата“. Кажано појасно и без никакво двоумење – јавниот интерес денес и овде во Македонија, што треба да биде медиумската алфа и омега, го изгубил патот во дворот на „султан-политичарите“. Овде се става точка, и по некој извичник на овој феномен!

Новинарството е „мост меѓу власта и народот“ или е „четвртата власт“. Зошто?

 Рауфи: Пред неколку денови, еден млад новинар, храбар и „бунтовник“ на ова „замрзнато“ време, енергичен и непродаден (некои би го сметале за идеалист), со целата своја искреност ме прашува: Дали новинарството претставува мост меѓу народот и власта или е „четвртата власт“?! Чесен пријателу, Македонија има само една власт – првата. Втората и третата се божемни власти, додека за новинарството како четврта власт ќе може да разговараме кога ќе ја снема диктатурата што ја зафатила оваа држава. Ти посакувам да постигнеме новинарството, како секаде во цивилизираниот свет, да биде четврта власт!

Како би му ги аргументирале на еден студент по новинарство петте главни нешта, за тој да го доживее новинарството како најдобрата можна професија? 

Рауфи: Студентите што одлучиле да студираат или да се занимаваат со новинарство, ги подржувам во нивната намера, меѓу другото, поради стабилните аргументи што мислам дека се столбови на едно добро општество: 1. Да го зачуваат лично-новинарскиот морал и да стојат далеку од центрите на агитација; 2. Да се балансирани во информирањето; 3. Да се борат за општиот интерес (јавниот); 4. Да го поделат соодветно приватниот интерес од јавниот; 5. Да создадат еден нов свет, без дискриминации, омраза и други нечистотии. Затоа што вреди!

 


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести