verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Сите дилеми околу измените на Законот за нотаријат и улогата на медиумите

on 16 - 01 - 2016       

 

Нотари и адвокати. Фото: колаж
Што се менува кај нотарите и адвокатите. Фото: колаж

 

Деновиве во јавноста се дебатира за измените во Законот за нотаријат, но многу мал број медиуми одговорија на интересот на јавноста и во своите програмски содржини ја разработија оваа материја.

 

Пишува: Светлана Вељановска, доц. д-р по меѓународно право

 

Професиите како што се адвокатурата и нотаријатот  по закон  се дефинирани како самостојни и независни јавни служби со  јавни овластувања. Извршителот, исто така, има јавни овластувања како именувано лице од страна на министерот за правда. Како такви се однесуваат на сите граѓани на една држава и токму од тие причини сите евентуални промени во ова сфера, по правило, ќе се одразат на огромна популација.

Бидејќи и медиумите имаат, исто така, улога на сервис на граѓаните, што значи и тие допираат до огромна популација, добро е информациите што се однесуваат на предложените законски измени во споменатите сфери да бидат дел од нивната програмска содржина, разработени и презентирани на соодветен начин за нивната публика.

Деновиве во јавноста се дебатира за измените во Законот за нотаријат, но многу мал број медиуми одговорија на интересот на јавноста и во своите програмски содржини ја разработија оваа материја. Јавната дебата што се одвиваше во Собранието на РМ како ретко кога предизвика внимание на претставниците на заинтересираните, очекувано, пред сѐ, на адвокатската и на нотарската бранша, но и на професорите од областа на правото што ја следат оваа материја, а можевме да ги видиме и преставниците на Стопанската комора, поголемите јавни претпријатија, (ЕВН, на пример) и други кои сакаа и ги изнесоа своите ставови во врска со предложените измени во Законот за нотаријат.

За тие што не беа во можност да ја следат јавната дебата на собранискиот сервис, а сакаат да се информираат преку другите медиуми што било тема на дискусија, мора да констатираме дека немаа голема можност да добијат вистинска слика за дебатата.

Ова се неколку од насловите во медиумите каде колку-толку има можност да се прочита што, всушност, мислат нотарите, адвокатите и извршителите за овие предлог-измени во Законот и зошто е добро или не тој да биде изменет.

Меѓутоа, има медиуми кои наместо со аналитички текстови се занимават со нешто сосема друго:

Како да е од суштински интерес за нивните  читатели, гледачи или слушатели, кој ќе стане нотар (што е легитимно право на секој што ги исполнува условите) или на каков начин ќе се практикуваат јазиците во законските акти (нешто што, впрочем, е регулирано со други законски прописи во државата).

Зошто сметам дека е потребна поголема вклученост на медиумските работници во оваа дебата и каков би можел да биде нивниот придонес?

 

  1. Кога станува збор за проблематика која засегнува, односно, се однесува на бројна популација, на виделина мора да излезе улогата на медимите како сервис на граѓаните од двата аспекти: да ги информираат за тоа што се случува, но и да го слушнат и да го пренесат во етерот нивното мислење.

Не е лесно да се прават анкети за проблематика која бара стручно објаснување и не трпи паушален одговор, но, сепак, не смее да се игнорира фактот дека граѓаните (кога е тоа потребно) ги знаат своите права и не сакаат да бидат донесени пред свршен чин кога за правна работа ќе се обратат кај нотар, а тој ќе ги извести дека со нив мора да има и адвокат како правен застапник, а тие се свесни дека причината поради која се на нотар е неспорен договор со две страни кои немаат никаква забелешка (неспорно наследување, купопродажен договор и сл.)

Во ваков случај, добро е да се чуе нивниот став во етерот. Можеби ќе дојде и до ушите на предлагачот на законските измени, па можеби ќе го поттикне да размисли околу ова прашање.

 

  1. Ставот на Адвокатската комора дека присуството на адвокат е потребно поради зголемување на степенот на правна сигурност не е аргумент кој не може да се оспори (што беше во голема мера и направено на јавната собраниска дебата од страна на стручната јавност).

Сепак, медиумите се тие кои треба да ги информираат граѓаните дека тоа ќе им понуди и уште нешто што нема да ги „воодушеви“, а тоа е, најверојатно, зголемување на трошоците, иако предлагачите на законските измени тврдат дека, всушност, ќе дојде до поделба на средствата помеѓу нотарот и адвокатот (односно, адвокатот ќе земе дел од нотарската награда).

 

  1. Или ставот на Нотарската комора дека независноста на нотарот се доведува во прашање (што не е нималку ласкава забелешка за предлагачот на измените), но, исто така, и дека се ограничува уште едно право на граѓаните, а тоа е правото на лично застапување пред нотарот во постапки каде смета дека не му е потребен правен застапник.

Инаку и досега секој граѓанин имаше право, доколку сака, пред нотарот да се појави со адвокат.

 

  1. Не смее да се игнорира ниту ставот кој ги презентираше Меѓународната унија на нотари, која смета дека со воведувањето правен застапник пред нотар се нарушува интегритетот на оваа професија, односно тоа може да резултира и со укинување на членството на Нотарската комора на РМ од оваа меѓународна организација.

 

  1. Претпријатијата кои многу често ги користат услугите на извршителите (ЕВН) преку нотарските канцеларии, кои ги подготвуваат решенијата за извршување, беа сосема јасни кога на јавната собраниска дебата истакнаа дека станува збор за обрасци што се подготвуваат според шаблон и се практика која нивните правни служби ја практикуваат без никакви проблеми.

Необично прозвучи нивната загриженоста за граѓаните, но сосема оправдано ако се знае дека комплетните трошоци паѓаат на товар на тој што ја плаќа задоцнетата сметка. Овојпат, покрај каматата, тука мора да бидат пресметани и трошоците што компанијата ќе ги потроши за адвокатското застапување доколку се прифати задолжително ангажирање адвокат.

 

  1. Дебатата наметна и коментари од типот дека кога веќе се работи за правна заштита на граѓаните, тоа треба да биде за секоја сума, а не како што сега се определува минимална сума од 20.000 евра вредност за недвижен имот.

Сите овие дилеми произлегуваат од јавната собраниска дебата, која треба да е појдовна точка за новинар(к)ите подетално да ја разработат оваа проблематика и на своите консументи да им понудат продукт што ќе им овозможи да се информираат за што станува збор.

Фазата на јавна расправа пред законот да влезе во собраниските клупи е моментот каде може да се вклучат и граѓаните, а медиумите треба да им го овозможат тоа.

Кога понатаму дебатата ќе се пресели помеѓу пратениците, многу е потешко (од досегашното искуство – речиси невозможно) да се слушне гласот на јавноста и претежно ставовите се од аспект на политичките интереси на пратеничките групи. А, како што стојат работите, лоби-групите на адвокатската и на нотарската комора ќе бидат тие кои ќе одлучат што е подобро за граѓаните.

Адвокатската професија како  базична за давање правна помош, смета дека изгуби многу од сопствените позиции во правниот систем со воведувањето на нотаријатот во нашата земја. Овие 16 години, колку што функционира нотаријатот, олеснета е работата на судовите за неспорните оставински предмети и за нив воведувањето лиценца и проверката на знењето по определен временски период е апсурд без преседан.

Ова се само дел од бројните дилеми што треба да ги постават новинар(к)ите во сферата  на јавниот интерес и преку нивните програмски содржини да ги информираат граѓаните. Ова е значајно, меѓу другото, и поради фактот што станува збор за професии кои во центарот на нивниот ангажман ја имаат правната сигурност на граѓаните (јавниот интерес) и на неа се повикуваат во секој момент. А, истата таа улога ја имаат и медиумите како средства за јавно информирање: да им овозможат пристап до информациите на заинтересираните граѓани што се однесува на секој нивни читател, слушател или гледач, особено кога станува збор за вакви суштествени теми, како што е остварувањето на правото во правниот промет на секој поединец.

 


Оваа анализа е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Анализата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на анализата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.

Претплатете се за најнови вести