verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Штрајковите и протестите се можни само во демократски услови

on 6 - 10 - 2014       
Едногласна одлука за штрајк - паузиран штрајк. Еден од минатите протести на СОНК. Фото: СОНК, 2014

Едногласна одлука за штрајк – паузиран штрајк. Еден од минатите протести на СОНК. Фото: СОНК, 2014

 

На актуелната власт не ѝ недостасува искуство во провоцирањето на незадоволство кај народот и затоа се плаши некој да не ја „копира“. Притоа, заборава дека незадоволството произлегува од резултатите на владеењето и на чувството во јавноста дека се скратуваат многу демократски придобивки

 

Пишува: Љубомир Костовски

 

Дали нашиот народ нема традиција преку штрајкови и протести да се избори за некои свои права или слободи кои смета дека му се скусени или целосно одземени? Или народот нема – кураж? Ова се прашања кои одвреме-навреме се појавуваат во медиумите, последен пат по „провалениот“ обид СОНК, мнозинскиот Синдикат на работниците од образованието, науката и културата да се избори за своите права со прекин на работата, закажан за 29 септември годинава. Претходно нивните барања беа игнорирани од страна на социјалниот партнер, па дури синдикалците беа и изложувани на јавен потсмев од страна на министерот за образование, додека на теренот врз синдикалците е применуван силен пресинг и организирани се контра-штрајкови, едно од обележјата на владеењето на актуелната владина гарнитура.

 

ЛЕХ ВАЛЕНСА И БАГЕРОТ ОД КОЛУБАРА

Кога се пишува за некоја тема како што е традицијата или ефектите од работничките штрајкови во земјава, за колегите новинари е битно малку да ѕирнат во поблиската историја, да ги разберат процесите и да знаат дека и за штрајкот е битна организацијата, експликацијата на барањата пред својата (членството) и надворешната јавност, а тука е секако и традицијата. Во основа голем дел од синдикалните движења во светот се компромитираат во текот на времето, но се раѓаат и нови, се менуваат методите, а наспроти изнесените скептични ставови, но некои наши весници, каков што во овој случај е Утрински весник и тоа од перото на главната уредничка, дека штрајковите не смениле никогаш ништо, да споменеме дека во светот се менувале и системи со работнички штрајкови (да се сетиме на Лех Валенса и протестите во пристаништето во Гдањск или на улогата на фамозниот багер од рудникот Колубара во рушењето на Слободан Милошевиќ). Хендикеп е, секако, што на оваа тема нема поопсежна литература, при што дел не е објавена, иако долго е работенаа (на пример Историјата на македонското синдикално движење“ од покојниот новинар Ристо Шуплиноски). Но треба да постои меморија за она што нависитна на овој план се случуваше барем последните две-три децении.

Во таа смисла, по своите ефекти и масовност, најпознат е секако штрајкот на работниците од „Рудници и железарница“, фирма која во време на излегувањето на штрајкувачите на улица броеше 12.000 работници (види овде). Истиот, практично, ја сруши Владата на Милка Планинц(!), која неколку месеци потоа мораше да поднесе отставка на својата функција (сојузен премиер), заради неуспехот во замрзнувањето на платите. А, тоа „кршење“ на една влада, практично и на една земја, имаше директна конекција со штрајкот на Железарците од февруари 1986 година. Планинц имаше Долгорочен план за економска стабилизација, условен од меѓународните кредитори, заради враќање на долгови кон странство по репрограмирање на близу 8 милијарди долари во 1983 година. Директор на „Топла валавница“, од каде штрајкот доби искра, тогаш беше Минчо Јорданов! Се донесе одлука за зголемување на платите за некој кус процент, ама одлуката на СИС (Сојузен извршен совет – тогашната Влада) не дозволи таа да се исплати, па работниците, на повик на Комитетот за општонародна одбрана и самозаштита (!), кој делеше летоци и подбуцнуваше, формираа колона која замина кон Собранието на РМ директно од работничката менза, по паузата за појадок. Се делеше ладен оброк (!) за да се издржи напорниот ден, белким. Овој штрајк – според некои – беше уперен и против само што поставената влада на Глигорие Гоговски, последната во тогашна Социјалистичка Република Македонија.

 

РАБОТНИЦИТЕ СО ВИСОКИ ПЛАТА НЕ САКААТ – БОНОВИ

Најдолгиот штрајк во некогашна Југославија се случил во Македонија, во градот Кратово, уште тогаш место на директорување на подоцнежниот претседателот на Социјалистичката партија Македонија, Љубислав Иванов – Ѕинго. Оваа фабрика за брусеви и брусни платна (една од двете во Југославија), со извонредни приходи и плати, која бодеше очи во градот познат по тенките пликови, требаше насила да се спои со другите фабрики во Кратово, сите, нели, под капата на Ѕинговиот „Силекс“, познат по „камбоџанскиот“ стандард (бонови место плати) и дисциплина. Но, работниците оценија дека некој се настрвил на нивниот приход и го одбија тоа, сметајќи дека нема никаква причина цел град да биде еден комбинат под капа на едно семејство и си го подржаа раководството. Штрајкот траел 82 дена (не 42 како што се вели некаде) и е подолг од претходниот најдолг штрајк во Југославија, во еден рудник во Велење (52 дена).

„И тогаш се употребуваа истите методи. Имаше штрајкбрехери, ембарго за пристап на новинари од други делови на Југославија, имаше етикети. Се обидов со тогашниот директор на ’Иднина’ да стапам во контакт, но морал да се отсели поради притисоците и сега живее во Германија. Но, не било секогаш вака апатично. Речиси половина од штрајковите во некогашна Југославија се случиле во Македонија, вкупно 140“изјави неодамна на едно предавање директорот на ФООМ, Владимир Милчин, а за што потсетуваат со свои написи и бројни колеги како Манчо Митевски (види овде) или Ѕвездан Георгиевски (види овде).

Посебно беше остар притисокот од власта, на тогашната врвна политика (Ѕинго беше миленик на покојниот Лазар Колишевски, кој ги држеше конците во рака на сѐ во Македонија), ама штрајкот успеа и фабриката подоцна, повеќе заради одбегнување на конфликтите со „Силекс“, се спои со словенечката „Змеј“ и сега така функционира.
Ова со кратовски „Илинден“ беше класичен штрајк, бидејќи, штрајкот подразбира постоење на синдикална организација (или на работничка организација од сличен тип) како менаџер на процесот, штрајкувањето како прекин на производството, а излегувањето надвор од кругот на компанијата е оправдан само ако проблемот и се наоѓа таму, кај некој од социјалните партнери. Другите видови на незадоволство, колку и да се масовни или „грлати“ се сметаат за протести, за граѓански изразувања на незадоволство.

 

КАРИЕРА СО „ГАСНИ КОМОРИ ЗА ШИПТАРИ“

Еден од значајните, секако, е протестот што го организираше ВМРО-ДПМНЕ и во кој зедоа учество како студенти речиси сите актуелни политичари од оваа партија, а против наставата на албански јазик во Педагошката академија. Протестот траеше 30 дена, беше сместен во Жена Паркот и беше исполнет со националистички пароли, некои и преполни со верска нетрпеливост (да се сетиме на паролите „гасни комори за Шиптарите“). Покрај студентите, овој протест (стартуваше во февруари 1997 година, беше навестување на падот на владата на Бранко Црвенковски на следните избори – види овде ) во него учество зедоа и членови на универзитетското раководство (ректорката Кипријанова), а ним, на демонстрантите, им се дозволи дури и да говорат пред пратениците за тоа што тие навистина бараат. Дали е денес тоа замисливо. Да споменеме дека актуелниот премиер Никола Груевски со нож им ги исече шаторите на штрајкувачите – стечајци откако им даде лажни ветувања и не им даде шанса да се посоветуваат меѓу себе или договорат за натамошните активности. Стечајците и натаму не се задоволни!

Она што паѓа во очи во времето на плурализмот е дека штрајкови и протести имало главно само во времето на СДСМ и коалициите во кои била оваа партија. Тоа, секако, не е одраз на актуелните економско-социјални состојби, туку на фактот дека во првиот случај тоа биле времиња кога се респектирало правото на штрајк или протест, додека тоа право грубо е нарушувано кога на власт била ВМРО-ДПМНЕ и нејзините коалициони партнери.

За да бидеме доследни дека и за новинарите важи оти „историјата е учителка на животот“, да се потсетиме дека заради честите работнички штрајкови во време на СДСМ беа донесени – со помош на странски кредитори – програмите ФЕСАЛ1 и ФЕСАЛ2. Тие донесоа реални растоварувања во областа на социјалата! Потоа, СОНК имаше еден успешен штрајк без да се излегува на улица во времето кога министерка за образование беше Софија Тодорова (СДСМ) и траеше три дена. Во периодот после 2002 година, со промена на раководството на СОНК, се штрајкуваше подолго. Еден од тие штрајкови од крајот на јануари и речиси до крајот на февруари 2004 година траеше предолго, откако по првата средба меѓу социјалните партнери ставовите беа приближени максимално и се бараше можеби мал компромис. Да не беше паѓањето на авионот со претседателот Трајковски, тој штрајк веројатно и нема да се прекинеше! (види овде).

 

ПЕРО СТОЈАНОВСКИ НЕ ДАВА КАФЕ

СОНК се обиде да штрајкува и во периодот кога на власт дојде ВМРО ДПМНЕ, партија која претходно ги подржуваше наставниците штрајкувачи. Ама, популарниот Дојчин Цветановски, кој им ги истенчи нервите на многу министри од претходните влади, не наиде на отворени врати кога сакаше да преговара за продолжување на колективните договори кај оние за кои мислеше дека ќе дочекаат со „тазе кафе“! Имено, министерот Перо Стојановски не беше Манасиевски и не само што беше тврд преговарач и што веднаш одби преговори, туку потоа побара наставниците (значи и учениците) да си ги одработат деновите минати во штрајк (види овде) т.е. деновите без настава од 24 ноември до 2 декември 2008 година)! И, еве, сега ги имаме актуелните настани со односот на власта кон правото на штрајк на СОНК, кој ги „запали“ и меѓународните синдикални институции. Но, државата стори сѐ да спречи еден легитимен штрајк, дури и со класични штрајкбрехерски методи и закони.

Практично, имаме веќе една очекувана ситуација ВМРО-ДПМНЕ да го користи демократскиот амбиент најчесто со ад-хок формирани организации, како што беше познатата „Светлина“ (која протестираше со недели против приватизацијата на ЕСМ), да го блокира животот на граѓаните и да ја намали сликата за компетентноста на централната влада, а кога оваа партија е на власт да не дозволува да има, што се вели, ниту „ш“ од штрајк.
Оттаму, за да дојдеме до вистинските заклучоци за ефектите од штрајковите и протестите треба да се осврнеме на општиот амбиент а не да го обвинуваме народот, кој немал традиција или да оцениме дека штрајковите не менуваат ништо. Текстовите кои се потпираат на таквите „аргументи“ само треба да го отстранат и онака намаленото ниво на адреналин кај народот кој живее во неслобода.


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести