verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Што „произлезе“ од Договорот од Пржино за лекторите

on 7 - 12 - 2015       

 

Политичките дупки многу потешко се поправаат со Договорот од Пржино, за разлика од вистинските дупки на улица „Пржинска“. Фото: Општина Кисела Вода, 2014
Јазичните дупки околу Договорот од Пржино и вистинските дупки на улица Пржинска. Фото: Општина Кисела Вода, 2014

 

Недостигот од лекторска обработка на текстовите што се објавуваат од македонските медиуми, особено од интернет-порталите, е повеќе од очигледен во периоди кога одреден збор или израз е актуелен и често се споменува. Така е периодов со Договорот од Пржино и со неколку законски решенија што произлегоа од обврската тој да се исполни и да се спроведе докрај.  Но, документот што е во фокусот на вниманието на речиси секоја редакција во земјава, како и законските решенија што произлегоа од него, низ медиумите можеме да ги сретнеме напишани на повеќе начини. А како треба?

 

Пишува: Лилјана Петрушевска, лектор по македонски јазик

 

Договорот од Пржино веќе извесен период го привлекува вниманието на јавноста, а со тоа, се разбира, и на новинарите и на редакциите. Сепак, колку и да е важен документот што четирите најголеми политички партии во земјава го потпишаа за да се надминат кризата и ќор-сокакот во кои се најде македонското општество, не сите редакции еднакво го почитуваат. Ваков заклучок, за лекторот како читател, а најверојатно и за читателот, произлегува од фактот што името на овој документ различно се пишува. Во ред случаи, го среќаваме напишан „договорот од Пржино“, како што е на порталот на телевизијата „Алсат М“. Некаде, пак, го пишуваат „Пржинскиот договор“, како на „24 Вести“ и на веб-страницата на „Фокус“. Уште полошо, некаде го среќаваме и со мала почетна буква, како кај „Охрид њуз“, па дури и со наводници, како на веб-изданието на „Капитал“, иако наводниците во новинарскиот стил на пишување многу често алудираат иронија, што само по себе значи дека авторот на текстот, а со тоа и редакцијата, можеби го потценуваат или не му даваат важност на овој документ?!

Разногласието во однос на пишувањето на името на документот произлегува, многу веројатно, од недостиг на лекторска обработка на текстовите пред тие да се објават. Имено, кога лектор би ги прочитал текстовите што погоре ги посочивме, би нагласил дека името на документот, според „Правопис на македонскиот литературен јазик“, би требало да се пишува со голема почетна буква, како што е, на пример, кај овие медиуми:

  • Телма“: Објавен Договорот од Пржино
  • Мета“: Договорот од Пржино спроведен до половина, има уште многу работа.

Всушност, во однос на ова прашање, во „Правопис…“ има многу едноставно правило, кое вели:

„Називите на списанија, весници, насловите на книги, уметнички творби, статии, написи, закони, прописи, документи и сл.. се пишуваат со голема почетна буква, а ако се составени од повеќе зборови, со голема почетна буква се пишува и оној збор во називот што и самиот претставува сопствена именка.“

Лекторот, исто така, би посочил дека изразите од типот „пржинскиот Договор“ или „Пржинскиот договор“ се несоодветни зашто во нив присвојната придавка не ја изразува околноста дека договорот само е склучен во Пржино, туку создава, можеби, алузија дека се однесува на Пржино?!

Различен третман во однос на пишувањето во практиката на македонските медиуми имале и имаат и други документи, законски решенија, органи или тела на управата итн. Така, деновиве формираната Анкетна комисија за скандалот со прислушувањето, како што гласи нејзиното официјално име според веб-страницата на Собранието на РМ, некаде новинарите ја пишуваат со мала почетна буква, некаде со голема, а некаде, пак, се среќава и со нецелосно име, што кај читателите создава конфузија зашто анкетни комисии во Собранието постоеле и се формирале и порано, за други цели, па читателот од прво читање или без да го прочита целиот текст не може да биде сигурен за што точно станува збор, односно на која комисија се мисли.

  • Не се избрани членовите на анкетната комисија 24Вести
  • Анкетна комисија за прислушување ќе има, ќе ја води Шилегов Мкд.мк
  • Избрани членовите на анкетната комисија за прислушувањето Локално.мк

Факт е дека премногу честата употреба на големата буква при пишувањето остава своевиден „англиски“ печат врз текстот. Оттаму не е препорачливо во целиот текст името на едно тело или орган на управата, со оглед на тоа што станува збор за општи именки, да се пишува постојано со голема почетна буква, но барем во „главата“ на текстот, како што велат новинарите, односно во воведот, неопходно е тоа име да се напише целосно и со голема почетна буква. Така не само што ќе бидат задоволени јазичните стандарди, туку ќе се избегне и конфузијата што би се создала кај еден неупатен читател, зашто, нели, читливоста и разбирливоста на новинарскиот текст се меѓу најважните принципи на новинарството.

И за законските решенија што се од интерес на јавноста, па поради тоа се споменуваат почесто, би требало да важат истите правила. Тие, имено, би требало барем еднаш во текстот да се напишат со нивното целосно име и со голема почетна буква, а потоа да се посочуваат со „законот“ или поинаку. Но, деновиве актуелните Изборен законик, Закон за Влада, Закон за кривична постапка, кои беа изменети и дополнети поради исполнување на обврските од Договорот од Пржино, и Законот за заштита на укажувачите и Законот за заштита на приватноста, кои произлегоа од него, во медиумите ги среќаваме напишани, како што би рекол нашиот народ, „кому иде“. Мали и големи букви таму каде што треба и не треба, „свиркачи“ наместо „укажувачи“, закон за „бомби“ наместо Закон за заштита на приватноста… Ама, баш сè и сето можевме да прочитаме деновиве во политичките рубрики на македонските веб-медиуми:

Тука треба да се спомене еден друг момент. Имено, точно е дека неофицијално Законот за заштита на укажувачи се нарекуваше закон за „свиркачите“, а Законот за заштита на приватноста се нарекуваше закон за „бомбите“ пред тие да поминат низ неопходната собраниска процедура зашто во моментите додека се создаваа законските решенија сè уште ниту на новинарите не им беа познати нивните официјални имиња. Оттаму, оправдана е употребата на овие неофицијални имиња со мала почетна буква сè додека во јавноста не се објавија официјалните имиња на законите за кои станува збор. Но, оттогаш, не постои ниту една причина што ќе оправда барем во воведот на текстот да не се употреби целосното име на законот, со голема почетна буква.

Вакви и слични примери на разногласие во пишувањето на имињата на законите, прописите, документите, институциите, на лекторската практика ѝ се познати отсекогаш. Всушност, да се напише „влада“ или „Влада“ и кога се пишува со голема, а кога со мала буква, „општина“ или “Општина“ и зошто еднаш со голема, а другпат со мала буква се само дел од прашањата што му се упатени на секој лектор, во секоја редакција, и за кои не верувам дека не му биле поставени на секој лектор што работи со новинари. Точно е дека новинарскиот занает има свои специфики и дека новинарот, пишувајќи, мора да го задржи вниманието на многу други нешта, како и дека не секој умее да процени кога треба да се пишува голема, а кога мала буква, но во новинарството, како професија која има и едукативна компонента, тоа е неизбежно и, всушност, неопходно. Токму оттаму потребата секој новинарски текст, покрај редакторска, да помине и лекторска обработка.

 


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести