verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Шпекулативен текст за заплашување на народот

on 28 - 02 - 2017       

kurir.mk_makedonija_vesti_a

[Рецензија: Ако помине договореното на Заев, збогум на Македонија по 26 години независност]

 

 

Текст полн шпекулации, кој има една цел – заплашување и манипулирање на јавноста. Написот е целосно базиран на непроверени и непотврдени информации, а притоа се шпекулира со сензитивни податоци и тврдења. Единствената намера на текстот е да се оформи негативно мислење за коалицијата помеѓу СДСМ и ДУИ преку пласирање непроверени, но и неточни информации, за тоа што содржи договорот помеѓу двете партии.

http___kurir.mk_makedonija_vesti_aЛинк до оригиналниот напис: Ако помине договореното на Заев, збогум на Македонија по 26 години независност

Датум и време на објавување: 26.02. 2017, 11:54

Датум на рецензирање: 27.02.2017

Рецензент: Симона Атанасова

 

ПАУШАЛНИ ИНФОРМАЦИИ

Во написот се користат фрази како, на пример: „во јавноста излегуваат нови детали“, „во разговорите прифатиле…“, „договорени се“, а всушност ништо од тоа што се тврди не е проверено, а уште помалку потврдено од барем најмалку еден извор.

Уште со самиот наслов, пропагандистички се тврди, манипулира и се заплашува народот дека ако СДСМ и ДУИ формираат влада, „Македонија по 26 години ќе ја изгуби независноста“.

„Во разговорите со ДУИ, Заев и СДСМ прифатиле промена на знамето, химната, грбот. Се разговарало во химната освен Гоце Делчев, Питу Гули, Даме Груев, Јане Сандански да се додадат неколку имиња на албански екстремисти и членови на балистичкото движење како Наим Фрешери, Мефаил Зајази или Џемо Хаса. Прифатено е и барањето за дебата за промена на знамето и државниот грб на Република Македонија со цел државните симболи да ја рефлектираат општествената мултиетничност и етничка рамноправност, како што впрочем е наведено во Платформата на албанските партии“.

Ова се целосно непотврдени информации базирани на шпекулации, што значи дека изнесените тврдења може многу лесно да се и измислени. Затоа што не е понуден ниту еден релевантен доказ, не може да се верува во напишаното.

 

ДЕМАНТ

За овие тврдења не постои ниту еден извор. Ниту од СДСМ, ниту од ДУИ. Медиумот не ги контактирал партите за да ја провери точноста на напишаното, односно да им даде можност на засегнатите страни да ги потврдат или демантираат овие тврдења.

По објавувањето на овој и на слични вакви текстови на повеќе портали, преку соопштение со демант излезе СДСМ, односно една од засегнатите страни. Оттаму истакнаа дека ова се „лаги за тенденциозен обид за подгревање на национална нетрпеливост помеѓу Македонците, Албанците, Србите, Турците“.

„Разговорите за обезбедувањето на парламентарното мнозинство се поставени исклучиво на Уставот на Р.Македонија. Лага се пишувањата на порталите „Република“, „Курир“ и медиумите што ги пренесуваат, за некакви менувања на државното знаме и химна, за некакви осуди на народи за геноциди, за јазични решенија спротивни на Уставот и слични измислици. Сите тие лаги се само тенденциозен обид за подгревање национална нетрпеливост помеѓу Македонците и Албанците, Албанците и Србите, Турците и Албанците, Македонците и Србите…“

 

НАМЕНСКИ „СКРОЕНА“ ИЗЈАВА

Во текстот се пренесува и изјава на портпаролот на ДУИ, Бујар Османи, која е извадена од контекст и погрешно цитирана, а дополнително во  неа има и неточни информации. Намерно или не, Османи е погрешно цитиран, а исто така, не е наведено каде ја дал изјавата ниту, пак, има линк од емисијата, за јавноста да може да го провери напишаното.

Тој не вели дека се договорени сите детали од Законот за јазици со кој ќе се официјализира албанскиот јазик како втор службен јазик во државата ниту, пак, рекол дека со договорот ќе се урне унитарниот карактер на државата. Всушност, во емисијата „Патот кон“ на телевизија „Алсат-М“, тој вели дека законот сè уште се договара и дека допрва треба да се гласа во Собранието.

„Прво, овој процес не е завршен. Ние синоќа поминавме една фаза на преговори. Значи, го хармонизираме текстот меѓу двете политички партии, но сè уште немаме постигнато некој политички договор за соработка што ќе биде услов за одобрување на овој закон. Затоа нема да се изјасниме дека е завршена работата“, вели Османи.

Исто така, неточна е информацијата дека Законот за употреба на јазиците предвидува казни за неупотребата на албанскиот јазик кои изнесуваат до 5.000 евра, за институцијата и за одговорното лице кои нема да ја почитуваат двојазичноста.

Османи во емисијата вели дека законот (кој уште не е изгласан во Собранието) предвидува казна од 3.000 до 5.000 евра за институцијата и 30 отсто казна за одговорното лице.

Според Кодексот на новинари, право и должност на новинарите е да настојуваат да ја спречат цензурата и искривувањето на вестите, а во пренесувањето на информациите тие треба да бидат чесни, објективни и точни.

1.

Новинарот треба да објавува точни, проверени информации и нема да прикрива суштински податоци и да фалсификува документи.
Доколку информацијата не може да се потврди или станува збор за претпоставка, односно шпекулација, тоа треба да се каже и да се објави.
Точноста на информацијата треба да се провери колку што е тоа можно.

10.
Новинарот нема свесно да создава ниту преработува информации што ги загрозуваат човековите права или слободи, нема да говори со јазикот на омразата и нема да поттикнува на насилство и на дискриминација по која било основа (национална, верска, расна, полова, социјална, јазична, сексуална ориентација, политичка…).

16.
Новинарот ќе ги чува угледот и достоинството на својата професија, ќе ги поттикнува заемната солидарност и различност на ставовите и нема да го употреби својот медиум за пресметка со личности, вклучувајќи ги и своите колеги.

 

 


Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

ИНФОГРАФИК

infoVistinitostВИСТИНИТОСТ

има факти

делумно

неверодостојни наводи

infoVistinitostИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ

има евидентирани извори

официјални, неофицијални

релевантни, нерелевантни

повеќе извори

еднострани

infoVistinitostСЕОПФАТНОСТ

несеопфатнo

прикриени информации

infoVistinitostПРИСТРАСНОСТ

делумно прикажува вистина

извртување на вистина (спин)

лажни информации

наклонетост

политичка пристрасност

infoVistinitostКОМЕНТИРАЊЕ

има коментаторски елементи

интегрирано со фактите

infoVistinitostПЛАГИЈАТ

не може да се одреди

ненаведен автор

infoVistinitostКВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ

дезинформира

некреативен

сензационален

несоодветен

тенденциозен

infoVistinitostФОТОГРАФИЈА

има

соодветна

манипулира

ненаведен автор(извор)

infoVistinitostГОВОР НА ОМРАЗА

нема навредлив говор

нема говор на омраза

не потикнува на насилство

не дискриминира

infoVistinitostУРЕДЕН ЗА ВЕБ

средно читлив

нема мултимедијални елементи

нема контекстуални линкови

делумно стилски уреден

поврзан со тагови

Претплатете се за најнови вести