verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Show Must Go On…

on 28 - 01 - 2016       
Парада за демонстрација на моќта. Фото: скришот
Парада за демонстрација на моќта. Фото: скришот

Абре Mакедонче, за каде се спремаш, борба те чека, борба за Македонија!

 

Пишува: д-р Дејан Доневвонреден професор по етика во новинарството и етика во медиумите

 

Велат дека Балканот има специфична, само за себе својствена нарав, топла, примечива, забавна, но и по малку чудна кога се работи за логичност на преземените постапки, особено тие во политичките кругови. Барем странците така нѐ оценуваат кога доаѓаат кај нас, што како туристи, што како „занемени“ сведоци пред новата туристичка атракција – „Скопје 2014“, а најмногу како посредници во моментите кога не знаеме што точно сакаме или, подобро кажано, кога се заплеткуваме во сопствената безидејност во однос на потрагата по посовршен модел на манипулирање и на лажење на сопствениот народ.

Во овој контекст, за оваа анализа би сакал да се задржам на (не)логичноста во најчесто користениот слоган: „Да си ја вратиме државата“ во последните десетина месеци од страна на политичарите, а особено од аспектот на медиумите во нивното непрофесионално пренесување на изјави од шоуто кое се одржа во рамките на 16. Конференција на Унијата на жените на ВМРО-ДПМНЕ, т.е. пренесувањето на говорот на омраза, популистичките пораки, навредливиот тон, заканите, па дури и дозата на самобендисаност на поранешниот премиер.

За што поточно се работи? Најпрвин за слоганот. Имено, додека власта се смееше и лежерно поставуваше прашања до опозицијата кон кого тоа се однесува овој слоган пред десетина месеци, истото ѝ се случува сега и нејзе: (не)логичен повик за враќање на државата со позната негативна реторика, популизам, без аргументација и полн со омраза повик. Но, нејсе, не е потребно преголемо дискурзивно анализирање во обидот да се прочита намерата. Буни фактот на играње улоги, а уште повеќе привидното глумење на заменети улоги: кој е на власт и од кого се бара враќање на државата, без притоа да се спомене кому треба да се врати таа. Збунувачки дури и за странците, особено за Јоханес Хан (и намерата неговата агенда да се исполни по секоја цена – избори на 24 април!), без оглед на подоцнежните обиди за толкување на неговите изјави.

 

ДА СИ ЈА ВРАТИМЕ ДРЖАВАТА ВО КОЈА ЈАС СУМ НА ВЛАСТ

Но, тоа е така секогаш кога кон политичкото се пристапува во согласност со феноменот на „валкани раце“, т.е. кога се обидувате од калта (читај: политиката), да креирате „подобра иднина за народот“, додека вистинската намера секогаш останува во заднина, за вас. Во таков случај валкањето се проширува и на другите делови од телото и на крај завршувате целосно извалкан. Она што ви треба е добар туш (читај: маркетинг, спин, манипулација) за да можете повторно да бидете исчистен, но не и прочистен, за другите да можат да ве паметат по навидум беспрекорната чистота. Оттука, користите еднонасочна комуникација (без можност за дебата и ТВ-дуели), особено во согласност со принципот на однапред подготвени сценарија на терен, а информациите лиферувани до сопствените медиуми во точен термин. Тоа го правите со доза сомилост, благоречив тон и соодветно избран вокабулар и дикција, додека во заднина на хомо-дуплексот се крие персоната бр. 2 која заведена од моќта која ја има (читај: им ја украде на избирачите) во својата Гебеловска занесеност истото го финализира преку спинување на економските показатели и сомнителната методологија, според која се толкуваат истите, во една толку посакувана розова (не)реалност. Финално, нудите Шопенхауровски привиден одговор на проблемот дека патоказот и патот не одат заедно, па во тој манир не е проблемот во вашите (лоши) решенија, туку дека спротивниот од вас има најлоши и распукувате по него како по најголем душман, а притоа и двајцата сте од истиот тим – Македонија.

При ова останува и понатаму (не)логично кому да му ја вратите државата, ако притоа сѐ уште сте на власт (како партија). Она што е сосема извесно и логично е дека неколкуте министерски места, што како помошници, што како заменици, видно почнаа да ги изнесуваат валканите алишта, но во земја од овој тип каде судството ви е партизирано, истите валкани алишта како и да не постојат, освен во облик на „инфотејмент“. Но, не ќе да е сѐ така смирено. Евидентни се знаците на небулозност, затоа што се меша улогата кој е кој во државата, во смисла на позиција и на опозиција. Или, пак, криминалот е толку горопаден, така што секоја негова форма и пројава е само зачеток за незамисливи дејства кои беа во меѓувреме преземени, а и добро „испеглани“ преку провладините медиуми по секоја „експлодирана бомба на Заев“. И така, наместо медиумите во облик на истражувачко новинарство (кога барем судството и обвинителството не сака да се занимава со нив) да се заинтересираат, добиваме реалност на „исплакнати мозоци“ на партиска машинерија за гласање.

 

ЈАЈЦЕ ОД ВЕЌЕ ИСПЕЧЕНА КОКОШКА

Исто така, спорен е и моментот на повик на избори. Идејата да се испочитува Договорот од Пржино и напорите на странските посредници е една работа, но желбата за нова финансиска авантура под превезот на фер и демократски избори е друга работа: немате и нема да имате прочистен избирачки список во догледно време (неговото прочистување открива низа неправилности и за време на последните избори), како и фактот дека немате слободни медиуми кои се од круцијално значење за одржувањето на демократијата во една земја (саморегулацијата пред деполитизацијата е како да се обидувате да варите јајце од веќе испечена кокошка, освен ако саморегулација не е параван за послушност и за цензура). Тогаш кој лаже и во чие име го прави тоа? Притоа, пред кого и со каква совест и образ го прави истото, префрлајќи ја вината на другиот. На крај, зошто избори ако се нема противник: сениори против јуниори или парада за демонстрација на моќта дека во следниот подолг период ќе имаме комплетен мрак!?

Во овој контекст може да се заклучи дека родео-шоуто продолжува и понатаму и тоа и во економска и во политичка смисла на зборот, а од неодамна и во контекст на спортот – кога жените на ДПМНЕ (не на ВМРО затоа што тоа си има друга теза за своето постоење низ историјата) учеа за кик-боксот од водачот на фалангата, наместо да го понудат својот одговор на една етика на грижата и на одговорноста, наспроти „машката етика“ која важеше досега. Оттука, освен преку аперкати, крошеа и други удари, беа запознати и со ниските удари, на клоцање, шутирање… Затоа, ако не ве бидува во политиката со политичките механизми и средства, пробајте ги советите и вештините за новата дисциплина – спортско политиканство, каде со доследно следење на инструкциите на кикбокс-мајсторот, успешно ќе го расшутирате сопствениот народ, т.е. „предавниците“ од ДПМНЕ доктрина и индоктринација, па и странците. Што се однесува до медиумите, советот гласи: Истото не правете го дома затоа што тоа е погубно по вашиот кредибилитет и реноме! Моделите, а со тоа и стратегиите се менуваат константно низ историскиот след на настаните. Нека константа во вашето дејствување биде професионализмот и со Господ напред во ова донкихотска борба!

 


Оваа анализа е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Анализата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на анализата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.

Претплатете се за најнови вести