verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Сензационализам и вулгарности во написи на „Доказ.мк“

on 17 - 02 - 2020       

Добар дел од текстовите на „Доказ.мк“ не само што дезинформираат, туку имаат и непристојна терминологија, омаловажуваат јавни личности, се служат со сексизам… Ваквите објави се вистинска слика за тоа што сè може да се претстави и протурка како новинарство.

Пишува: Мирослава Бурнс

Опасен и очигледен сензационализам, зачинет со сексизам и пцовки. Ова е сижето на повеќето предизборни текстови на веб-порталот „Доказ“. Уште кога на тоа ќе се додаде и непостоењето на импресум, односно листа на новинари со име и презиме кои стојат зад напишаното, непостоењето на адреса за контакт со медиумот, тогаш тоа дефинитивно претставува црвено светло кое на информираниот, медиумски писмен читател, му сугерира со резерва и сериозна потреба за проверка да пристапува кон читањето на таквите содржини.

Добар дел од насловите на „Доказ“ се  нееманципирани и пишувани со еден приземен речник несоодветен за медиум. Од некои наслови човек може да остане со подотворена уста.

На пример, текстот објавен на 30 јануари 2020 година со наслов: ,,Кожна чанта Луи Витон била одземена од домот на Катица Јанева и два вибратора”, достигнал читаност од дури 2.800 прегледи, што за вест објавена на сите портали и во сите печатени и електронски масовни медиуми, е чудно. Се разбира дека зајакот лежи во деталот за двата вибратора, за кои во насловот се тврди дека се пронајдени во истражната постапка во случајот „Рекет“, а во кој е обвинета ексспецијалната обвинителка Катица Јанева. Оваа информација ја нема објавено ниту на еден друг медиум освен на „Доказ“. Но, кога ќе се прочита текстот, во него нема ништо за вибраторите.

Во текстот објавен на 9 февруари, со наслов ,,Ај не с**и бре! Бектеши: Ако може за АПТЕКА, ќе може и за КАЗИНО надвор од населени места!”, освен скандалозно вулгарниот коментаторски дел, нема ниту еден збор од Бектеши. Значи, во текстот, читателот воопшто не може да се информира што точно Бектеши образложил, тврдел или што непотпишаниот автор спори.

Има и наслови за кои секој коментар е отповеќе,  како на пример ,,Шилегов и шефот на кабинет се селфираа со Кристоф Најдовски во Париз, а Ирена Попова и Жугиќ кај се кријат кај ци ти кај ци ти”. 

Не ретко на овој портал се објавуваат сексистички, манипулативни наслови кои омаловажуваат јавни личности само затоа што се жени. Пример за тоа е написот насловен: ,,Палевски: Анахрона елита или како ја пер**шев Оливера” (објавен на втори февруари 2020 година), во кој новинарката Оливера Трајковска е изложена на неосновани и навредливи коментари, тешки за процесирање. Целосно се презема Фејсбук статус од Љупчо Палевски, на него се лепи фотографија од Трајковска и тоа се пласира како медиумски производ кој добил дури 18.000 кликови.

Во текстот, пак, ,,Министерството за култура нема пари да го награди тимот на Медена земја, не планира да им додели ниту државна награда”, почетокот или лидот, е фрапантен:

Во гнасните усти да не ја ставите повеќе!!! А за сликање први бевте… Гнаси! Не било законски, а гледам законски е амебите и паразитите што зимаат плати, а седат дома.

После овој коментаторски дел, кој не се атрибуира на ниту еден извор, а текстот не е ни потпишан (како и повеќето написи), се продолжува во еден информативен наратив. Во него не постои новинарска известувачка дистанца, се користат навреди и сево ова едноставно е многу невкусно, непрофесионално и аматерски изведено.

Во текстот објавен на 31 јануари 2020 година, со наслов: ,,Релакс водата со канабис на рафтовите, Горска тврди дека нема забрана кој смее да не забрани кога газдата е прв сдсмовец во Кавадарци”,  се алудира на наводна политичка определба на сопственикот на компанијата, притоа, уфрлувајќи ја таа иста наводна политичка определба како став што е дел од официјално соопштение. Делот: ,,кој смее да не забрани кога газдата е прв сдсмовец во Кавадарци”, го нема никаде во официјалното соопштение од компанијата „Горска“ за чиј производ се однесува текстот.

Од наведените текстови  може да се заклучи дека непотпишаните автори се пристрасни, користат вулгарности, сексизам, тактики за манипулација, во насловите подметнуваат непостоечки факти со цел собирање на што повеќе кликови. А, слоганот на сајтот, ианку, е: ,,Во доказот е вистината”, што делува иронично.

Ваквите написи не само што дезинформираат, туку имаат непристојна терминологија и омаловажуваат јавни личности. Овие објави се вистинска слика за тоа што сè може да се претстави и протурка како новинарство.

Овој напис е преземен од проектот “Со критичко мислење до граѓани со медиумска умешност – КриТинк“, кој е спроведуван од Фондацијата „Метаморфозис“ и ЕВРОТИНК. Проектот е финансиран од Европската Унија. Ставовите и мислењата изнесени во овој напис не секогаш ги одразуваат оние на ЕУ. Написите од „Критинк“ се слободни за преземање со наведување на изворот и без измени и кратења.

Претплатете се за најнови вести