Селективна приказна за аџилакот во Мека
Објавено во Рецензии
on 29 - 12 - 2015 Автор: Љубомир Костовски[Рецензија: Со фалш-турски пасоши од фабриката за афери се продавале визи за аџилак по 400 евра]
Иако текстот што го рецензираме има наднаслов „Се расплеткува клопчето“ (една од најкористените стилски фигури во новинарството), се чини дека написот ептен ја заплеткува целата ситуација во аферата со работилницата за лични карти. Секако, без да навлегуваме во толкување на процесот на истрагата, по повод ова откритие и вредноста на најдените материјали (докази), одново имаме исфрлување на дилемата како еден медиум може да добие цела сторија и да пополни страница со интригантна содржина, повикувајќи се на полициски извори? Потоа, наводно најдените материјали се врзуваат за ИВЗ. Дали тоа значи дека имаме сосема поинакви интереси во аферата со лични карти? Каде е тука обвинението против СДСМ?
.Линк до оригиналниот напис: Со фалш-турски пасоши од фабриката за афери се продавале визи за аџилак по 400 евра
Датум и време на објавување: 27.12.2015 18:34
Датум на рецензирање: 28.12.2015
Рецензент: Љубомир Костовски
ФИЛМСКА КОНЕКЦИЈА!
„Фалсификуваните турски пасоши, кои меѓу другото, биле откриени во фабриката за афери, најверојатно биле користени и за вадење виза за аџилак во Мека, кои потоа биле продавани. Дознаваме дека ова сега интензивно се проверува во Исламската верска заедница со цел да се утврди кои се лица со турски патни исправи изминатиов период добиле виза за аџилак. Односно ќе се утврдува дали тие лица воопшто постоеле или лажните пасоши биле само начин да се добие виза во Саудиска Арабија, а која потоа била продавана на други лица по цена од неколку стотици евра“.
Најновата истрага за она што е најдено во работилницата за изработка на лични документи на лицето наречено Чауш (Захир Бекири), како да навестува дека наместо некаков мал стан, сме добиле пештера на Али Баба! И во неа имало сè, освен дрога, која иницијално била поводот за влез во веќе познатата во јавноста адреса, да не речеме целиот тој кварт со неколку дузини живеалишта!
Текстот поаѓа од тоа дека најдените фалсификувани патни исправи на друга држава се „фактор плус“ во истрагата. Значи, оценува или така може да се претпостави дека сè друго останува во игра (фалсификувани лични карти и снимки од прислушувани разговори). Ама, од друга страна, целосно неновинарски, односно без доволна широчина во информирањето за да се покрие аферата, не ни дава како читатели објаснување, ниту тоа го бара од својот извор, зошто истрагата се стеснува на Чауш? Иако во станот, со доказите кои сега се користат, има три лица: едното од нив е син на споменатиот осомничен, вториот е самиот Чауш, кој е во притвор (ама стар, недоотслужен), додека синот е пуштен веднаш(!)
Но, најчудно од сè беше пуштањето на најзакоравениот криминалец, со 19 кривични дела зад себе – Аднан Сума на слобода и тоа веднаш? Посебно зашто истиот веќе одговарал за фалсификување на патни исправи и се смета за балкански „специјалист“ по тоа прашање?
Како тоа изворите од истрагата го издвојуваат само Чауш од малата група, а највештиот меѓу нив го држат на слобода? Меѓутоа, со оваа сторија, фактички, ни се помага да заборавиме на Сума, а да се „концетрираме“ на Чауш. Ова јасно покажува дека новинарот во пишувањето на сторијата бил селективен, влегол во веројатен спин (значи да се подзаборава актерот кој по грешка е на „погрешно место“ во текот на полицискиот упад, а кој е познат по врски со власта). Па, на криминалец со досие по прашање на фалсификати, кој е на слобода и може да влијае на сведоци, да речеме, како и на прикривање докази, му се дава извештај преку медиум до каде оди истрагата!
Ова е, секако, најзначајниот дел од сторијата – полицискиот извештај, кој не смеел никому да се дава – тоа е казниво дело. Особено за оној кој ја дава информацијата. А, не е без одговорност ниту тој што ја пренесува во јавноста. Исто така, се отвораат и картите на истрагата – за тоа до каде одат работите.
Тука мора да додадеме дека текстот не е правен во форма во која би изградил ѕид меѓу себе и изворот (изворите) кои ги даваат фактите, туку преку стари текстови за трговијата со пасоши (на автотрот) се настојува да се даде дополнителна поткрепа на кажаното.
Сторијата содржи шпекулативност и, секако, своевидно оцрнување на личноста и на првиот човек на ИВЗ, кој и онака беше обвинуван дека тргува со визи за аџилак. Овој текст без сомнеж ќе ги заостри старите нетрпеливости во ИВЗ, а ефенди Сулејман Реџепи може да го стави на „столбот на страмот“, наводно, како близок со лидерот на СДСМ, Заев, и со министерот Спасовски! Крајната цел е по секоја цена како генерален виновник за „фабриката“ да исплива СДСМ, макар и по цена на една „филмска конекција“.
Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).
ИНФОГРАФИК
ВИСТИНИТОСТ
делумно
не може да се утврди точноста на наводите
не може да се утврди веродостојноста на наводите
ИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ
има евидентирани извори
официјални, анонимни
релевантни, нерелевантни
повеќе извори
повеќестрани
СЕОПФАТНОСТ
несеопфатнo
можеби се прикриени информации
ПРИСТРАСНОСТ
не може да се утврди
извртување на вистина (спин)
не може да се утврди
наклонетост
политичка пристрасност
КОМЕНТИРАЊЕ
има коментаторски елементи
интегрирано со фактите
ПЛАГИЈАТ
оригинално дело
наведен автор
КВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ
информира
некреативен
сензационален
соодветен
тенденциозен
ФОТОГРАФИЈА
има
соодветна
ни манипулира ни информира - ставена е само како илустрација
ненаведен автор(извор)
ГОВОР НА ОМРАЗА
нема навредлив говор
нема говор на омраза
не потикнува на насилство
не дискриминира
УРЕДЕН ЗА ВЕБ
читлив
солидни мултимедијални елементи
нема контекстуални линкови
стилски уреден
неповрзан со тагови