Сексистичка повраќаница
Објавено во Рецензии
on 17 - 08 - 2016 Автор: Силвана Жежова[Рецензија: НЕКОЈ ПОМАГА НА ПОПЛАВЕНИТЕ, НЕКОЈ ВОДИ ЉУБОВ: Кој е човекот со кого Фатиме така интимно си шепоти?]
Текстот е дискредитирачки, дискриминирачки и сексистички во однос на јавната обвинителка од Специјалното јавно обвинителство, Фатиме Фетаи. Во него се изнесуваат непоткрепени тврдења за приватниот живот на Фетаи, што воопшто не е јавен интерес. Од интерес на граѓаните е работата на Специјалното јавно обвинителство, случаите и предметите по кои постапува, но не и приватниот живот на вработените. Насловот на текстот е тенденциозен, бидејќи тоа што Фетаи не беше снимена со камери како помага во поплавените подрачја, не значи дека истото не го сторилa. Но, дали помагала или не, е нејзина лична приватна одлука и не е работа за која граѓаните треба да бидат информирани.
Линк до оригиналниот наслов: НЕКОЈ ПОМАГА НА ПОПЛАВЕНИТЕ, НЕКОЈ ВОДИ ЉУБОВ: Кој е човекот со кого Фатиме така интимно си шепоти?
Датум и време на објавување: 15.08.2016
Датум на рецензија: 17.08.2016
Рецензент: Силвана Жежова
СЕКСИЗАМ
Текстот на самиот почеток се обидува да го доведе во прашање професионалното работење на обвинителката Фатиме Фетаи, со неосновани сексистички тврдења дека, наводно, на „романтичен начин напредувала во кариерата“. На Фетаи ѝ се припишува арогантно и непрофесионално однесување, без притоа да се прикажат докази за тоа.
„Фатиме Фетаи важи за најдраматичната, драматуршки најспремна обвинителка во тимот на Катица Јанева, а многумина уште од почетокот на работата на СЈО велат дека целосно ја фрлила во сенка Катица со нејзините актерски способности, исклучително арогантно и непрофесионално однесување, но и по разните шпекулации и интриги кои се појавија во врска со нејзиниот романтичен начин на напредување во кариерата“.
Материјалот се потпира на шпекулации, а единствената цел е да се покаже поврзаноста на Фетаи со лидерот на опозицијата Зоран Заев, со што би се довеле во прашање независноста, објективноста и веродостојноста на нејзиното работење. Текстот не нуди никакви докази за наводна блискост со Гаврил Бубевски, за кого во текстот, повторно без докази, се тврди дека е кум на адвокатот на Заев и е близок со лидерот на опозицијата.
„Уште веднаш излегоа шпекулации за тоа како таа и нејзиниот колега од СЈО (инаку кум на адвокатот на Заев) Гаврил Бубевски, останувале до доцна во ноќта во просториите на СЈО, а неретки биле и целодневните заеднички „работни“ задачи во канцеларијата на Бубевски. Често се зборуваше и за нивните заеднички долги прошетки за време на работните часови на СЈО, кога заедно излегувале на ручеци и се задржувале долго. Да не заборавиме и на долгите сесии ручеци заедно со Гаврил и Вицето во Струмица, на сметка на грчки бизнисмен, и платен претстој во еден од најексклузивните хотели во Струмица.“
„НЕИДЕНТИФИКУВАН МАЖ“
Кога веќе објавиле фотографија од Фатиме Фетаи со, како што пишува во текстот, „неиндетификуван маж“, можеле барем да се потрудат да го идентификуваат, бидејќи фотографијата сама по себе ништо не значи. Приватниот живот на Фетаи е нејзина лична работа. Воопшто не е од јавен интерес со кого јавната обвинителка била на ручек, кој прв стигнал, а кој последен станал! Во конкретниот случај е нарушена и приватноста на човекот што е прикажан на фотографијата.
„На фотографијата можеме да ја забележиме Фатиме Фетаи, на ручек заедно со засега неидентификуван маж, а според испраќачот на фотографијата ручекот изгледал многу романтично но немало никакви поблиски контакти. Не можеше да ни каже дали прв пристигнал партнерот или Фатиме бидејќи кога „фотографот“ ги забележал тие веќе биле седнати, но заедно станале од масата и си заминале.Сепак, не треба да се скока во заклучоци, ние не знаеме но можеби се работи и за нејзиниот сопруг?“
Во тексот нема ниту збор за предметите што СЈО досега ги отвори, со што се прикриваат информации кои се важни за граѓаните. Но, затоа пак, во него има навредлив говор и полова дискриминација кон јавната обвинителка Фетаи.
Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).
ИНФОГРАФИК
ВИСТИНИТОСТ
има факти
не може да се утврди точноста на наводите
не може да се утврди веродостојноста на наводите
ИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ
има евидентирани извори
анонимни
нерелевантни
1 извор
еднострани
СЕОПФАТНОСТ
несеопфатнo
прикриени информации
ПРИСТРАСНОСТ
не може да се утврди
извртување на вистина (спин)
не може да се утврди
наклонетост
политичка пристрасност
КОМЕНТИРАЊЕ
има коментаторски елементи
интегрирано со фактите
ПЛАГИЈАТ
оригинално дело
ненаведен автор
КВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ
дезинформира
некреативен
сензационален
несоодветен
тенденциозен
ФОТОГРАФИЈА
има
соодветна
манипулира
ненаведен автор(извор)
ГОВОР НА ОМРАЗА
навредлив говор
нема говор на омраза
не потикнува на насилство
дискриминира
полова дискриминација
УРЕДЕН ЗА ВЕБ
средно читлив
нема мултимедијални елементи
има контекстуални линкови
делумно стилски уреден
неповрзан со тагови