verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Секој човек има право на слобода на мислите, совеста и верата (2)

on 30 - 06 - 2014       
Овој напис го има и на: Албански
Архиепископ Охридски и Митрополит Скопски г.г. Јован VI. Фото: ПОА

Архиепископ Охридски и Митрополит Скопски г.г. Јован VI. Фото: ПОА

 

Слободата на мислата, совеста и верата, претставува базично човеково право. Нивото на неговото практикување и заштита претставува еден од реперите за нивото на демократичност на една држава. Во услови на постоење на доминантни религиозни заедници и видлива врска меѓу етничката и верската припадност, може да се појават деформации кои тешко се идентификуваат. Медиумите имаат можност да ги адресираат овие деформации и да влијаат директно на јавното мислење.

 

Пишува: проф. д-р Мирјана Најчевскаексперт за човекови права

 

(Првиот дел од анализата можете да го најдете овде)

 

2. Втора линија на прекршување

Втората линија на прекршување на Уставот и меѓународните договори се однесува на серијалот судски процеси против Јован/Зоран Вранишковски и дел од следбениците на ПОА.

Впечатливо е отсуството на интерес кај медиумите за квалификациите кои со леснотија ги даваат високи државни функционери. На пример, на А1он е пренесена изјавата на Иво Котевски (во својство на заменик министер за внатрешни работи) според која

Здружението „Анастасија“ од с.Нижеполе, Битола и со купување на недвижен имот на територијата на РМ, а со цел да го прикријат движењето на криминално стекнатите пари и истите да ги прикажат пред државните органи како да се од легални извори-донации, пријавените физички лица и правното лице сториле кривично дело „перење пари и други приноси од казниво дело“ предвидено во чл.273 од КЗ на РМ

За наведеното дело (ако е тоа направено од страна на група луѓе) во Кривичниот законик е предвидена казна од најмалку пет години затвор. Меѓутоа во судската завршница на случајот, сите обвинети (освен Вранишковски) се условно казнети (што никако не може да биде казна за делото кое што го спомна пред медиумите заменикот министер).

Медиумите ја пропуштија шансата да го постават прашањето за можна злоупотреба на должност на заменикот министер кој си дозволи да ја наруши пресумпцијата на невиност и да го замени судот, кој е единствен надлежен за примена на законот во одредувањето на вината и одредувањето на висината на казната. За ваков настап заменикот министер би можел (во најмала мера) да одговара за клевета.

Доколку се анализира соопштението на МВР за спроведената акција во Мај 2012 година, може да се постави прашањето за називот на акцијата. Имено, именувањето на полициската акција со називот “Расколник“ може да значи употреба на полицијата за прогон врз основа на верско убедување. Со ваквото именување, не само што се задира во слободата на уверување и, спротивно на Европската конвенција за човековите права, се оневозможува промена на убедувањето, туку се поттикнува и непријателски однос на јавноста кон осомничените и отворено се манифестира поддршка за една верска заедница (МПЦ) во чиј внатрешен речник се употребува и терминот @расколник“.

Како резултат на ваквото именување, медиумите кои понатаму известуваат за судскиот случај го етикетираат осомничениот  (следат неколку карактеристични наслови):

…и понатаму го шират анимозитетот.

Прекршувањето на Уставот во делот кој се однесува на одвоеноста на верските заедници од државата (и покрај јасната манифестација на вакво прекршување, како во постапките и изјавите на МПЦ, така и во постапувањето на државните органи), не само што не беше поентирано во медиумите, туку, напротив, и самите медиуми го поддржаа и раширија ова прекршување. На пример, насловите:

…создаваат впечаток дека Вранишковски се наоѓа во затвор не заради тоа што го прекршил законот, туку заради тоа што ги прекршил правилата на една верска заедница, и согласно тоа, доколку верската заедница реши да го помилува (според своите внатрешни одредби) тоа автоматски ќе се рефлектира и врз изречената казна затвор.

Во изјавите на црковните претставници се оди дури и чекор понатаму и се утврдува дека:

Јован треба да биде ослободен, бидејќи со неговото држење во затвор, МПЦ ништо не добива.

Во многу мал број медиуми се даваат информации во кои се спомнува можноста за толкување на овој вид расправи како облик на мешање на верските заедници и државата:

Во Синодот на МПЦ, како што пишува „Дневник“, има различни мислења за тоа дали Вранишкоски треба да биде помилуван – некои сметаат дека треба да остане во затворот бидејќи сторил криминал и црквата не може да се меша во работата на правосудните органи, а други, пак, се повеќе сметаат дека „дамката што другите православни цркви и ја припишуваат на МПЦ треба да се отстрани“.

За медиумите ова очигледно не претставува никаков предизвик за натамошна анализа и поставување на прашањето за одвоеноста на верските заедници од државата.

НОВА е еден од ретките медиуми кои ја идентификува врската меѓу донесувањето на одлуката на Апелациониот суд и иницијативите во МПЦ. Меѓутоа, под насловот „Случај Вранишковски: Одложено судењето додека СПЦ чека одговор од МПЦ“, нема анализа која би ја објаснила оваа врска.

 

3. Трета линија на прекршување

Третата линија на прекршување на Уставот и на меѓународните договори ја претставува инструментализацијата на државата од страна на МПЦ.

Во написите на голем број медиуми може да се претпостави врската меѓу проблемот со регистрацијата на ПОА и судските процеси кои се водеа/водат против Јован/Зоран Вранишковски и покрај тоа што во насловот или дури и во самата содржина на информацијата врската се негира. На пример, во анализата на Сител ТВ под насловот „Вранишковски не е прашање на МПЦ и Синодот туку на државата“ од една страна се истакнува:

Токму неговото ослободување деновиве во јавноста се поврзува со решението за статусот на МП, што според верските аналитичари е замена на тези. Слободата на Вранишковски нема да донесе автокефалност, бидејќи тој проблем е многу подлабок.

а од друга страна:

Клековски очекува дека Претседателот на државата, во една законска процедура би требало да потпише помилување на Вранишковски.

Може да се постави прашањето, зошто претседателот би требало да даде помилување на Вранишковски? Затоа што е сторено неправо со неговото судење или, пак, затоа што тоа го бара СПЦ или МПЦ?

Слични прашања можат да се постават и во врска со анализата направена во дневниот весник Вечер, во која, меѓу другото, се вели:

Во МПЦ засега официјално не го коментираат ниту најновото барање на Вранишковски за регистрација, иако неофицијално велат дека таквото име всушност ги разоткрива сите политички намери на Вранишковски, ниту пак го коментираат повикот на СПЦ за обновување на разговорите.

Зошто би требало МПЦ да го коментира барањето за регистрација на една верска заедница? Зошто воопшто МПЦ би се мешала во она што претставува државна процедура на регистрирање?

Многу незабележана остана изјавата на Валентина Божиновска (претседателка на Комисијата за односи меѓу верските заедници) според која:

„државата може да покрене одделни процеси, во случај кога нема резултати од „дипломатијата на црковната власт“: „Спорот меѓу МПЦ и СПЦ, покрај тоа што е црковно, е и големо политичко прашање, за кое ќе треба помош од политичарите“.

Оваа изјава го потврдува фактот на отворено мешање на државата и верските заедници.

Можеби највпечатливо е ова мешање на двете линии на прекршување во написот на порталот Кајгана, каде што е дадена хронологијата на државната интервенција која се манифестира во сукцесивно поведување на постапки.

Дури и во информирањето за одлуката на Европскиот суд за човекови права (која се однесува на правото на регистрирање на ПОА), се спомнува судењето на Вранишковски, кое се однесува на обвинението за проневера на пари и нема (или не би требало да има врска) со слободата на уверување. На пример, дневниот весник Слободен печат, под наслов „ПОА мора да се регистрира, Јован да се ослободи“, се тргнува од претпоставената врска меѓу нерегистрацијата на ПОА и судењето на Вранишковски.

Слободата на мислата, совеста и верата, претставува базично човеково право. Нивото на неговото практикување и заштита претставува еден од реперите за нивото на демократичност на една држава. Во услови на постоење на доминантни религиозни заедници и видлива врска меѓу етничката и верската припадност, може да се појават деформации кои тешко се идентификуваат. Медиумите имаат можност да ги адресираат овие деформации и да влијаат директно на јавното мислење.

 (Крај)


Оваа анализа е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Анализата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на анализата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести