verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Сеењето поделби и дискриминација е спротивно на Кодексот на новинарите

on 28 - 02 - 2020       

Линк до оригиналниот напис: Провинцијалки ни го окупираа Скопје – ,,Доаѓаат, студираат, а потоа прават се да се омажат овде”

Датум на објавување: 23.02.2020

Датум на рецензирање: 26.02.2020

Рецензент: Мирослава Бурнс

Во членот 10 од Кодексот на новинарите се утврдува принципот дека новинарот нема свесно да создава ниту преработува информации што ги загрозуваат човековите права или слободи, нема да говори со јазикот на омразата и нема да поттикнува на насилство и дискриминација по која било основа (национална, верска, расна, полова, социјална, јазична, сексуална ориентација, политичка…). Основно човеково право е правото да живее каде што сака, да се сели, да се преселува и за тоа никому да не полага сметка, доколку миграцијата не е спротивна на законите на земјата. Во случајов се работи за текст, во кој со низа паушални, неиздржани, стереотипни наводи, се дискриминира цела група на девојки, кои дошле да студираат во Скопје. Со сеење на поделби, не само по етничка, туку и регионална основа, се создаваат предуслови општеството да се држи во фиктивна состојба на загрозеност или едни против други. Во насловот се манифестира нетолеранција кон група на девојки кои не се родиле во главниот град и тие се претставуваат како некој вид натрапнички кои им земаат нешто што им припаѓа на оние кои се родени во главниот град, што е апсурдно во време и општество на пазарни вредности, конкуренција, борба на идеи и квалитети во кои за сите има место и можности. Како извор се користи извесна Ангела Кузмановска, која не е јасно зошто е релевантен извор, или зошто нејзиното мислење, доколку навистина таа постои, е важно да биде споделено јавно во медиум, особено зашто мислењето не обединува, туку разединува, дискриминаторско е, полно со предрасуди.

Со објавувањето на ставови кои се спротивни на човековите права и слободи, не се извршува одговорната функција на медиумот да биде глас на безгласните, да ги брани човековите права, достоинство и слобода, да го почитува плурализмот на идеите и ставовите.

Стереотипите се очигледни во тврдењата како на пример, дека девојчињата се облечени како да одат во кафеана, а не на факултет „најпрво фини и навидум културни“, „подготвени на се само да извлечат нешто од тебе“, да го запознаат градот и друштвото, дојдени со намера да се вклопат по секоја цена, потоа го покажуваат своето вистинско лице.

Навистина е апсурдно да се очекува дека некој би се преселил некаде за да не се вклопи и не е јасно зошто тоа што некој се обидува да се вклопи во некоја средина, негативно се контекстуализира во текстот. Понатаму, начинот на облекување е субјективна категорија која нема врска со местото од кое доаѓа некој.

Понатаму, се вршат очигледни поделби на ,„ние“ и „оние другите“, што е неетички.

Генерализацијата дека некој е дволичен, само зашто е роден надвор од Скопје е сериозен стереотип кој нема фактичка точност. Индивидуалните карактерни особини не се поврзани со местото на раѓање. Текстот има сензационалистички наратив, дискриминаторска заднина, некредибилен извор, односно пренесува јавно нешто кое што е спротивно на Кодексот на новинарите, односно членот 10, на начин што дискриминира личности, создава нетрпеливост, говори со јазикот на нетолеранцијата и свесно или не – создава раздор.

Новинарите треба да обединуваат, одговорно да информираат, да бидат свесни за својата општествена одговорност кон креирањето на јавното мнение и да одбегнуваат по секоја цена, дискриминаторски јазик. Во текстот тоа не е испочитувано и резултатот е сензационализам.

Овој напис е преземен од проектот “Со критичко мислење до граѓани со медиумска умешност – КриТинк“, кој е спроведуван од Фондацијата „Метаморфозис“ и ЕВРОТИНК. Проектот е финансиран од Европската Унија. Ставовите и мислењата изнесени во овој напис не секогаш ги одразуваат оние на ЕУ. Написите од „Критинк“ се слободни за преземање со наведување на изворот и без измени и кратења.

ИНФОГРАФИК

infoVistinitostВИСТИНИТОСТ

infoVistinitostИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ

infoVistinitostСЕОПФАТНОСТ

infoVistinitostПРИСТРАСНОСТ

infoVistinitostКОМЕНТИРАЊЕ

infoVistinitostПЛАГИЈАТ

infoVistinitostКВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ

infoVistinitostФОТОГРАФИЈА

infoVistinitostГОВОР НА ОМРАЗА

infoVistinitostУРЕДЕН ЗА ВЕБ

Претплатете се за најнови вести