verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Саше (Политико) викајте го и Грне, само не кршете го!

on 19 - 07 - 2015       
Саше Ивановски во неговата поранешна емисија Политико на Наша ТВ. Фото: Јутјуб скриншот
Саше Ивановски во неговата поранешна емисија „Политико“ на „Наша ТВ“. Фото: Јутјуб скриншот

 

Саше Политико можете да го обвинувате за физички терор. Дека го малтретира вицепремиерот Пешевски. Дека тоа му го правел и пред неговите деца. Но, оваа власт треба да знае дека и Љубе Бошковски, кој скапува во затвор наместен од агент провокатор, има деца!

 

Пишува: Веле Митаноски

 

Викајте ме и грне, само не кршете ме!“ Ова е една од кинеските мудрости што ми оставиле силен впечаток и траен спомен од двата, на моја среќа и задоволство, подолги престои во оваа древна цивилизација, денес Народна Република Кина. На поговорката се присетив по второто или трето тепање (!) на нашиот колега Саше Ивановски, попознат како Саше Политико. Особено, откако ќотек изеде од вториот човек на владата, вицепремиерот Владимир Пешевски. Не е вест кога „куче ќе касне човек, ама кога човек ќе касне куче“, тогаш тоа е вест. И тоа голема. Затоа, власта, со владиното физичко насилство врз Саше, мора да падне на колена, а Пешевски прв да замине и никогаш повеќе да не се врати во владините одаи.

Новинарството што го применува, практикува Саше Политико, можете да го наречете циркузантско. Можете да го наречете кловновско, но тоа има свое право на постоење, сè додека има консументи за него. А, очигледно, ги има. Сè додека има циркуска атмосфера, ќе има и циркузанти. Оваа власт која од Македонија направи циркус „Медрано“, сега не треба да се чуди што има циркузанти и кловнови, па макар и се удриле и од нејзината глава. Оваа власт самата си ја пееше песната: „Тра лала тралала ла – сама си го барала!

Саше Политико можете да го обвинувате за физички терор. Дека го малтретира вицепремиерот Пешевски. Дека тоа му го правел и пред неговите деца. Но, оваа власт треба да знае дека и Љубе Бошковски, кој скапува во затвор наместен од агент провокатор, има деца! Зборот ми е: што е потешко и животно загрозувачко, да му наместиш затвор на Љубета, каде ќе го „такват Шиптарите“, или да му наместиш клопка на Пешевски? Саше со колегите и со колешките, дури и да го наместиле Пешевски, на тоа имаат право. Тоа е само метод, алатка да стигнат до новинарскиот производ, каков и да бил тој! И многу е добро и поучно што го наместиле токму Пешевски. Па, токму тој, речиси до вчера, јадеше леб од новинарска, односно од новинска куќа. За тие што не чуле, или подзаборавиле, Пешевски беше едно време дел од екипата на „Дневник“.

Во март годинава, телевизија „Телма“ ја направи кампањата „Црвен телефон“ со која сакаше да порача дека нема да подлегне на политички притисоци, без разлика од која страна доаѓаат. Црвениот телефон е симбол, а агенцијата „Њу момент“ оценила дека токму линијата што за време на Студената војна ја користеле Америка и Русија е доволна провокација за успешна кампања. Затоа во информативните емисии на „Телма“ неколку дена имаше црвен телефон, чие ѕвонење го игнорираа сите новинари. Пораката беше дека никој не може да ѝ сугерира на телевизијата како да известува. Агенцијата „Њу момент“ освои „Сребрен лав“ за кампањата „Црвен телефон“ на најголемиот фестивал за креативни индустрии во Кан.

 

ЦРВЕНИОТ ТЕЛЕФОН И НА ТЕЛМА И ИЗБРИШАНОТО ПРАШАЊЕ КОН ГРУЕВСКИ

По тој повод, како реакција на забелешката на Атанас Кировски дека ,,тука (во Македонија) кампањата за еден куп луѓе беше спорна… во Кан препознаа дека е сосема ОК“, напишав: Искрени честитки и само едно скромно прашање до Атанас Кировски.

„Атанас, во секој случај честитки за признанието. Но, бидејќи, и јас, тогаш, истата вечер, бев еден од „малициозните“ (куп луѓе – според твојата хумана категоризација!), ајде сега и по овој повод, малку да ги раздвоиме работите. Едно е колешката Јасминка да „го тресне црвениот телефон“ од кампањата – производот на „Њу момент“, за кој тие го добиле признанието, секако, заслужено, а сосема друго, кога на истата колешка, некој од редакцијата ќе „ѝ го тресне“ сопственото прашање кон премиерот и од нејзината, ќе се најде на некоја друга телевизија! Кој беше тој „јунак“ Атанас, кој сопствената соработничка, така безочно и неколегијално ја понижи („ја тресна“) пред целата јавност!?“.

Го добив овој одговор: „Веле, новинарство во стилот на Саше Политико на „Телма“ нема да има…“ Тој, пак, го доби, овој, мој одговор: „Не, Атанас, напиши го тоа јавно, не се согласувам. Напиши, јавноста треба да знае, кој првин го пушти прилогот, а кој го симна од програмата. Јас и ти работиме за јавност!“

Овде едно мало појаснување. За мене, како дел од „купот луѓе од Македонија“ (Кировски), не беше спорна кампањата, туку фактот што истата вечер, кога Јасминка го тресна црвениот телефон, уредништвото на „Телма“ ѝ нејзе ја тресна од земја, со тоа што од програмата го симна нејзиното прашање поставено на премиерот Никола Груевски. И наместо на „нејзината“ телевизија, нејзиното прашање се емитуваше на некои „туѓи“ телевизии!

Зошто на „Телма“ не би смеелео да се постави едно „ала Саше Политико“ прашање? Зошто тоа би било физички или духовен терор врз премиерот? Да се разбереме. Саше Политико не случајно никна на оваа, од временски и политички аспект, почва. Тој не можеше да никне ниту порано, ниту во некое идно време. Токму ова е времето на херои и на антихерои од ковот на Саше. Саше е само одговор на еден духовен терор. Според кои критериуми теророт на Саше е помал од оној на Миленко, на Јади Бурек, на „колумните“ на Латас и на „писанијата“ на Ивчева, за кои нема категоризација во новинарството! Но, на власта не ѝ пречат! Таа ги форсира! Убаво ѝ мирисаат! Зошто? Затоа што форсира атмосфера на кич, на превртени вредности, затоа што создава кичеста грандиозност на секој чекор. Или, како што вели премиерот: Да личи на мермер, ама да не е мермер! Ако оваа власт се обидела и делумно успеала да измисли дрвено железо, тогаш не смее да го тепа Сашета. И него таа го измисли. Или го создаде, сеедно!

 

ГОСТУВАЊЕТО КАЈ САШЕ ПОЛИТИКО

Со Сашета Политико, имам и едно лично искуство. Ме покани во една негова телевизиска емисија, од која подоцна го наследи прекарот. Има мои колеги, сериозни луѓе, новинари кои минале низ сите „сита и решета“, што се вели – асални луѓе, а Сашета го нарекуваат – Поликлинико! Ако. Нека го викаат како сакаат, само да не го кршат! Ме покани Саше во една негова телевизиска емисија. Ајде, си велам, во новинарската кариера сум направил интервјуа со личности од светски калибар, а и самиот сум давал интервјуа, сум гостувал во емисии и во дебати. Зошто да сум посиромашен со едно искуство од гостување кај водител како Сашета (скраја да е кај Јанковци!), па фатив пат за Скопје. Претходно, побара да му испратам нешто што ќе ме претстави кај него. Му испратив некои интервјуа, книгата „Рани спомени“… Кога стигнав во неговата телевизија, рече дека ништо од тоа не прочитал и дека „ќе импровизираме!“ И – импровизиравме! Но, друга е поентата. Му велам, „се изнамачив со автобусот, уште влегуваше во Гостивар и во Тетово, речиси пет часа пат од Охрид до Скопје“. „Ама, атерот ти е голем“, му велам. „Каков автобус, какви бакрачи“, вели Саше. „Па, јас добив информации дека ти се имаш збогатено од новинарството, дека имаш медиуми, дека доаѓаш со некое бесно возило, а не со автобус! Па, јас те викнав да те растурам во емисијата, а не да те сожалувам!“ Ова е чиста вистина, како што е вистина дека во македонското новинарство денес егзистира и еден Саше –Политико. Ако.

 

И КУЛТУРНА И ДУХОВНА ПРЕРОДБА

Деновиве, колегата Бранко Тричковски напиша: „Жабата што леташе треснува на земја!“ И на ова место сметам дека е соодветно да се каже дека паралелно со политичката обнова, нужна е и културна обнова на Македонија!”

Така е Бранко, но, пред сѐ, потребна е духовна и морална обнова!

Се разбира и кадровска. Од врвот, до дното. Инаку сѐ ќе биде дно. Големиот Гете, чии дела Наполеон ги носел под мишка, дури и во походите против неговите сонародници, во „Фауст“ пишува: Човекот има две души, една која го воздигнува во небото и друга која го влече, го валка по земјата!

На Гете се потсетив по еден од поновите бисери од врвот, државната глава, на „библиска Македонија“- земја на чуда, перцепции и илузии! Нашиот мислител, оној кој, и покрај титулата и позицијата, не е ниту мало дете од еден Гете, оној со „втората душа“ тргнал од дефиницијата дека реалноста е илузија на перцепцијата! Ако ја промениш перцепцијата, ќе ја промениш и реалноста!

Се разбира, заборавил или не сакал да ни го приопшти познатиот феномен на чавката: Во нејзините очи, сите белци се црни, а сите црнци – се бели! Се разбира, ова е научно докажана – перцепција!

При крајот на обемната, од 911 страници, книга „Тито“, која деновиве ја објавија Иво и Славко Голдстеин, наидуваме на вакво објаснување зошто Јосип Броз и југоносталгијата се толку „ин“. Долгогодишниот близок соработник на творецот на југословенската социјалистичка федерација вели дека тоа е работа од кој агол се гледа, бидејќи „не станува збор за жал за поранешното, туку жал над сегашното“.

Да, за Сашета Политико ми беше темата. Е, па, извини Бранко (Црвенкоски) и Сашета Политико го факторизираа!


Оваа колумна е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Колумната e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на колумната е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести