verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Самракот на македонското новинарство: Каде е портирот?

on 2 - 03 - 2016       
Како епитаф. Фото: Adam Kuban/flickr, 2009
„Новинарство“ – натпис што личи на епитаф. Фото: Adam Kuban/flickr, 2009

 

Во една колумна на истово место минатата година забележав дека  најголемото зло што оваа власт на Груевски го направи e длабоката и главно вештачка поделба на македонското општество. Тоа особено важи кога станува збор за новинарството

 

Пишува: Александар ШОЉАКОВСКИ

 

Како некој чија судбина била поврзана со новинарството преку четири децении, си земам за слобода да оценам дека олку трагична состојбата во јавниот збор не била никогаш! Па, дури и во споредба со времето на едноумието. Новинарската професија и медиумите, најмногу по вина на политиката и на политичарите, стана највалканата дејност во ова општество. Иста како и политиката, впрочем. Македонскиот јавен збор во последниве десетина години особено, го доживеа својот целосен професионален и морален пад. Од релативно респектабилна дејност, новинарството стана една од најдолните професии.

Пред извесно време имав можност да се дружам со новинари од различни редакции. И од оние, да речеме, опозициски и од оние режимските. Впечатокот е дека и кај едните и кај другите владее длабоко незадоволство од сопствената позиција. Сите се сè послабо платени, условите за работа им се речиси никакви, работат многу, под перманентен притисок од можноста да останат без работа, нешто што се користи како постојанa пресија и закана за обезбедување на целосна сервилност и послушност.

Веројатно доста активни новинари се сеќаваат дека така не било. Односот кон новинарите почна да се менува со срамежливата, дозирана либерализација на информативниот простор во осумдесеттите години на минатиот век, кога политичарите почнаа да сфаќаат која е моќта на јавниот збор. Тоа беа златните години на новинарството, кои траеја сè до крајот на деведесеттите, кога политичката булумента на власт сфати дека новинарите не можат да ги придобијат со своите заложби за  нивното „подобро“ општество, но затоа можат да ги обессилат, да ги направат слични на себеси, со ставањето под диктат и со поткуп!

 

НЕКОГАШ БИЛО: СЛОБОДА НА ДВИЖЕЊЕ НИЗ ЦЕЛ ПАРЛАМЕНТ

Во тоа „златно време“, новинарите имаа значајни професионални слободи.  На пример (колку за илустрација), на почетоците на повеќепартискиот плурализам, новинарите имаа слобода на движење низ целиот македонски парламент. Бифето беше заедничко со пратениците. Таму се одвиваа суштествени дебати, критички расправи, полемики. Таму, на почетокот, заседнуваа дури и премиерите (Кљусев и Црвенковски). Едноставно, никому не му паѓаше на памет да го ограничи просторот за новинарите. (Сега новинарите се сведени на нешто како сервисна служба која има строго ограничен простор на движење во Собранието.)

Се сеќавам дека кога Ерол Ризаов на сред седница од новинарскиот балкон му возварти на Љубчо Георгиевски и кога беше отстранет од салата, сите новинари, во знак на протест, престанаа да ја следат седницата. Спикерот Стојан Андов дојде во собраниското бифе да ги наговара новинарите да не ја бојкотираат работата на законодавниот дом.

Полека, контролата врз движењето на новинарите во Собранието постојано се зајакнуваше. Во исто време, Собранието стана неинтересно како место каде што се одвива политичката дебата и каде што се одлучува суштински.

Во францускиот парламент, новинарите имаат посебни мошне пријатни простории  –  клуб на новинарите известувачи од Асамблејата. На влезот има портир кој го контролира влегувањето. На прашањето – зошто таква контрола, ми беше одговорено  – за да се спречат пратениците да влегуваат кај новинарите и евентуално да влијаат на нивното известување! Притоа, за новинарите акредитирани во Асамблејата нема никакви ограничувања во однос на движењето низ зградата.

Не знам зошто, но кога ќе стане збор за македонскиот медиумски простор, веднаш се потсетувам на оној виц – прашање за радио „Ереван“: „Дали е точно дека на Иван Иванович, ударник на трудот, на свеченост на Црвениот плоштад во Москва му е подарен најнов модел „волга“?“

Одговара радио „Ереван“: „Вашата информација е точна, но не сосема. Да, се работи за Иван Иванович, кој не е ударник на трудот, туку попрво безделничар и не станува збор за Црвениот плоштад туку за Невскиот проспект во Ленинград и не станува збор за „волга“ туку за велосипед. И не му е подарен туку – украден!“

 

АЛЧНА ВЛАСТ КОЈА САКА ДА ГОСПОДАРИ СО СÈ

Овие дигресии имаат само една цел, да покажат дека македонскиот слободен збор не само што не се реализира, туку просторот за него на сите начини се ограничува и се деформира. Огромниот дел од македонскиот информативен простор е на нивото на партиски агитпроп од времето по Втората светска војна, кога комунизмот ги зафаќа сите домени на власта. Главната алатка за ширење на идеологијата на едноумието се токму медиумите. Какви – такви во тоа време. Истата постапка ја примени и ВМРО-ДПМНЕ кога дојде на власт. Со своите потези и намери (главно мрачни), успеа да овозможи челните места во новинарството да ги запоседнат морално сомнителни персони, кои со новинарството (и особено со моралноста) немаат ама баш никаква врска. Тоа се лоши професоналци, лошо образувани, без поширока култура. Тие се налепија на исто таквите газди на медиуми со сосема лукративни цели, кои ги најмуваат своите медиуми на власта, како залог за нивните бизнис-апетити.

Сите елементи се вклопени. Алчна власт која сака да господари со сè,  медиумска сопственост во функција на збогатување, беспризорни „новинари“  кои немаат ни став, ни идеологија, ниту личен морал. Тие, „новинарите“, се свесни дека ова не може вечно да трае. Кај нив нема идеологија. Но, нека трае додека трае, а тие, кога ќе дојде промената, ќе се „прешалтуваат“. Како што тоа го правеа и претходно.

Оние, пак, кои во својата работа се раководеле од принципот на вистинитоста, реалната информација и од демократијата, едноставно немаат шанса. Затоа велам дека новинарството, она вистинското, едноставно ја губи битката, ако веќе не ја изгубило. Дури и оние прилози во медиумите кои не се однесуваат на тековната политика се лоши, лошо напишани, лошо редактирани.

Шансата медиумскиот простор да се преуреди во рамките Договорот од Пржино едноставно не постои затоа што деградацијата е веќе доведена докрај. Освен тоа, поделеноста на новинарите на режимски и на оние другите е постојано потхранувана, разликите се непремостливи. Новинарите ја испуштаат шансата, не во смисла на тоа да направат некој страшен пресврт и тие да го преуредуваат медиумскиот простор, туку во можноста на брановите на политичките „промени“ да се изборат за подобрување на сопствената позиција, да повратат дел од професионалното достоинство. За таква промена немаат  партнер – власта тоа нема да го дозволи, а опозицијата нема идеја како да го направи тоа.

Очигледно на нашето новинарство му треба некој вратар-портир, кој ќе насочува, но и ќе штити. Но, тоа е безмалку невозможно зашто дегенеративните процеси се премногу напреднати.

 


Оваа колумна е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Колумната e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на колумната е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести