verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Руска телевизија објави бесмислици за Македонија

on 17 - 02 - 2017       
Фиксацијата со Сорос и Македонија скарана со здравиот разум. Цариград ТВ, Москва. Фото: скриншот
Фиксацијата со Сорос и со Македонија скарана со здравиот разум. „Цариград ТВ“, Москва. Фото: скриншот

 

Според телевизијата „Цариград TВ“, милијардерот Џорџ Сорос стоел зад барањата на Грција за промена на името, знамето и на Уставот на Македонија и… ја вовел земјата во 20 век со новата технологијата на Втората индустриска револуција  –  преку донирање ТВ и радио-приемници

 

Автор: Борис Камчев од Санкт Петерсбург

 

Оваа телевизија се позиционира како православна и конзервативна, но завчера објави куп измислици, дезинформации и лаги кои, главно, се совпаѓаат со руската официjална пропаганда против легитимна промена на власта во Македонија.

Статијата со бомбастичен наслов „Доналд Трамп против неолибералите во Македонија“, дава еден комплот од неповрзани настани од сегашноста и од поблиското минато на Македонија, без да ги потврди коментаторите или институциите наведени во текстот со линк или друг извор.

Taa е целосно еднострана и полна со предрасуди и со апсурдности. Така, на пример, во една релативизација на политичката криза во Македонија, се вели:

„Во тек на две години, младинските и невладините организации организираа серија насилни протести, при што беа повредени десетици полицајци. Тоа испровоцира сериозна политичка криза. Опозициската СДСМ внимателно го координираше тој процес, а дејствата на партијата ја испровоцираа кризата уште пред три години, кога таа почнала незаконски да прислушува телефонски разговори за да ја симне од власт владејачката ВМРО-ДПМНЕ“.

Овој пасус не само што погрешно ги наведува читателите да помислат дека нешто не е во ред со младината во Македонија (на антивладините протести што се одржаа лани и во 2015 дојдоа еднакво млади, студенти, повозрасни и највозрасни граѓани од различно етничко потекло), туку и дезинформира во врска со политичката криза. Како прво, протестите не испровоцираа криза, туку обратно, кризата на владеење на коалицијата на власт испровоцира протести. И, како второ, партијата СДСМ не снимала тајно разговори од пред три години, туку владејачката ВМРО-ДПМНЕ (го правела тоа во тек на многу години, можеби од 2009 до 2014 година), за да има целосна контрола врз државата нарачала такви прислушувања, кои потоа беа протечени во јавноста со помош на неколку свиркачи од тајните служби.

Понатаму, во текстот се изнесуваат неколку егзотични, да не кажам трагикомични, наводи за улогата на милијардерот Џорџ Сорос и на неговата фондација во Македонија. Тоа што Сорос се обвинува за сите зла што ја навјасале денешна Македонија не е толку чудно –  во годината што измина тоа е главна фиксација на само на некои руски медиуми што пренесуваат информации за ситуацијата во Македонија, туку и на сите македонски провладни медиуми и портали. Таа заслепеност од активностите на Сорос стана своевиден raison d’état за нивното постоење. Но, да се напише следново, е, тоа е чиста политичко-пропагандна екзотика:

„Во последните 25 години неолибералните  странски агенти водат политика на разнебитување на власта на ВМРО-ДПМНЕ. Или, поточно, од моментот на прогласувањето на независноста на Македонија, кога Сорос ја почна својата дејност во земјата. Од самиот почеток тој предал „список на желби“: Промена на името на земјата, промена на Уставот и на знамето, како и давање посебни права на албанското малцинство“.

Нова дезинформација. Како прво, од осамостојувањето на земјата, ВМРО-ДПМНЕ не владее 25 години па „неолибералните странски агенти“ да се обидуваат постојано да ја поткопуваат таквата власт. И, како второ, Сорос не бараше промена на името, на Уставот и на знамето на Македонија, туку Грција. Напротив, Соросовата фондација беше првата која додели средства на тогаш сè уште непризнаената земја за спас на државата, во време кога Грција воведе трговско ембарго засновано на чист национализам и го блокираше признавањето на Македонија. Целосна замена на улогите. Списокот на тие желби беше, всушност, грчки, а Сорос, напротив, се спротивстави на национализмот и на погубната политика на Атина кон Македонија.

Но, послeдниот пасус на статијата објавена од „Цариград ТВ“ е бисер сам по себе и ја оставам без коментар. Можете сами да процените до каков апсурд и безумие може да доведе едно слепо извршување на инструкциите на Кремљ, каде што седат вистинските главни уредници на оваа и на многи други телевизии и медиуми во Русија.

„Сорос го финансираше огромниот НВО сектор во Македонија. Со пари на фондацијата „Отворено општество“ во 1993-95 се купувани радиоприемници и телевизори не само за жителите на престолнината (Скопје), но и за секое село во Македонија. Тоа беше отворен социјален експеримент, бидејќи во другите земји од Источна Европа, Џорџ Сорос финансираше само печатени медиуми. Имено, поради тоа, преку  разни македонски медиуми, тие успеаја да го задојат народот со лажни информации, да ги заострат антивладините општествени тенденции и владата на најголемата партија, ВМРО-ДПМНЕ, да биде спречена во заштита на националните интереси на Македонија“.

Инаку „Цариград ТВ“ e приватна телевизија во сопствеништво на Константин Малофеев, милијардер од списокот на „Форбс“, кој се претставува како православен филантроп и конзервативен идеолог, поддржувач на рускиот претседател Владимир Путин. Според него, оваа телевизија слободно може да се спореди со американскиот канал „Фокс нуз“, а Малофеев се претставува во улога на руски Роџер Ејлс, поранешниот директор на американската телевизија.

 


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести