Русија рај за инвеститори? Во моментов? Да не е и тропски рај, случајно?
Објавено во Рецензии
on 21 - 07 - 2015 Автор: Vladimir Petreski
[Рецензија: Русија ја замени Кина како рај за инвеститори од земјите на БРИКС]
„Русија ја замени Кина како рај за инвеститори од земјите на БРИКС?“ Го читате насловот и си велите да не сум бил јас на некоја друга планета изминативе неколку години? Ова што гледам дека Русија е под санкции од Западот, да не не се случило? Ова војнава во Украина, во која Русија е, исто така, длабоко загазена, да не не се случила? Падот на рубљата од 40 отсто и тој да не не се случил? Или, евентуално, да не се случила некоја нуклеарна војна во која Бразил, Индија, Кина и Јужна Африка се уништени, а само Русија останала од БРИКС-земјите? Ама, после се освестувате и си велите, па добро, ако имаше нуклеарна војна ќе знаев до толку.
Прашањето останува: како тоа Русија одеднаш станала рај за инвеститори кога во првиот квартал од годинава странските директни инвестиции бележат пад од 90 отсто, како што покажува графиконов на лондонски „Економист“:
Читате понатаму и во втората реченица се вели: „ Русија има голем потенцијал ако политичките ризици продолжат да се намалуваат.“ Аха, сега стигнавме до негде. Значи, се работи за нешто во стилот „што би било кога би било“. Ама, пак нешто ве копка: како тоа оваа земја која е во длабока економска криза и која никогаш не била нежна кон странските инвеститори, како што покажува и случајот „Магницки“, руски адвокат на странски инвеститор, кој беше брутално претепан до смрт од тамошната полиција и чие име сега стои во наслов на закон за заштита на странските инвеститори, усвоен во американскиот Конгрес, одеднаш станала рај за нив. Што се случило?
Линк до оригиналниот напис: Русија ја замени Кина како рај за инвеститори од земјите на БРИКС
Датум и време на објавување: 20.07.2015, 11:26
Датум на рецензирање: 21.07.2015
Рецензент: Владимир Петрески
На крај губите трпение, се разбира, и го наоѓате оригиналниот напис на „Блумберг“ за да видите што е работата. И, се разбира, нема никаков „рај за инвеститори“. Станува збор за нешто сосема друго. Насловот на текстот е: „Русија е најдобра во 2015 меѓу земјите на БРИКС во потенцијалот нештата да се свртат во обратна насока.“ И тоа ова го тврди некаков си инвестициски фонд, кој има намера да шпекулира кога станува збор за руските хартии од вредност, чија цена е толку многу ниска поради актуелната криза, што навистина ако работите тргнат на подобро и можеби би можеле да се направат некои пари, но тоа само ако сте професионален шпекулант со комарџиски порив и сте подготвени да ризикувате големи суми пари и тоа само во период од два-три месеци, како што вели инвестицискиот менаџер на лондонската инвестициска куќа ГАМ, Тим Лав. Тој признава, инаку, дека е „сѐ потешко да се погоди точно дали би било исплатливо да се инвестира во Русија заради политиката“ и подготвен е да инвестира евентуално 3,5 отсто од износот од 113 милијарди долари со кои управува. Плус, па, приказната е во тоа што хартиите од вредност поради тамошната криза се многу евтини, наспроти нивните цени во Кина, кои се сѐ уште скапи, а се вели и дека цената на нафтата се стабилизирала. Што, се разбира, не мора значи и дека ќе остане стабилна со оглед на фактот што Иран, земјата која ги има четвртите најголеми докажани резерви на нафта во светот, сега стапува на светскиот пазар по завршувањето на западните санкции откако се постигна договор околу нуклеарното вооружување и чија нафта се очекува да ја преплави планетата и нејзината цена повторно да падне. Секако, позитивен момент е тоа што пазарот за хартии од вредност во Русија не е нестабилен зашто нивните цени, заради кризата, се паднати драматично, тргувањето со хартии од вредност е, исто така, намалено драматично, што значи дека овие шпекуланти имаат намера да го соберат кајмакот од оние хартии од вредност за кои им се чини дека можат да пораснат. Но, тоа не значи дека баш така ќе се случи. Светските агенции известуваат дека се преброени повеќе од 20.000 војници од Русија како влегле во Украина во последно време, како и дека во земјата има нови големи количества оружје што значи дека се подготвува нова офанзива. Ова, пак, значи дека ќе следи и нов бран санкции од Западот, како што веќе се најавува во САД. Во таква ситуација цените на руските хартии од вредност можат да паднат и понатаму и овие шпекуланти можат да останат без своите пари или да претрпат големи загуби.
Но, нема ни збор од каков било „рај за инвеститори“, ниту, пак, дека Русија во БРИКС е „најдобра за инвестирање, надминувајќи ја Кина“. Единствено нешто што написот го кажува е дека овие шпекуланти решиле можеби да инвестираат некој мал дел од парите на своите клиенти во Русија во идните два-три месеци. И толку. Ништо повеќе.
Странските написи од областа на високите финансии користат многу жаргон, ставовите во нив се многу суптилни и станува збор за лични ставови на одредени луѓе, бизнисмени и слично. Никако за некакво општо прифатено мислење. Особено не кога се работи за инвестирање во Русија во овој момент кога целиот капитал оттаму е избеган во изминатите 18 месеци.
Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).
ИНФОГРАФИК
ВИСТИНИТОСТ
има факти
неточни наводи
неверодостојни наводи
ИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ
има евидентирани извори
неофицијални
релевантни, нерелевантни
1 извор
еднострани
СЕОПФАТНОСТ
несеопфатнo
прикриени информации
ПРИСТРАСНОСТ
делумно прикажува вистина
извртување на вистина (спин)
лажни информации
не аплиактивно
КОМЕНТИРАЊЕ
нема коментаторски елементи
ПЛАГИЈАТ
делумна копија
наведен автор
КВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ
дезинформира
некреативен
сензационален
несоодветен
јасен
ФОТОГРАФИЈА
нема
ГОВОР НА ОМРАЗА
нема навредлив говор
нема говор на омраза
не потикнува на насилство
не дискриминира
УРЕДЕН ЗА ВЕБ
читлив
не апликативно
нема контекстуални линкови
делумно стилски уреден
неповрзан со тагови