verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

РТ – ударната тупаница на Путиновата пропагандна машинерија

on 29 - 03 - 2016       
Владимир Путин е чест гостин на РТ. Фото: скриншот
Владимир Путин е чест гостин на РТ. Фото: скриншот

 

Откако со ребрендира, РT стана главното орудие на руската пропаганда во странство, со главна цел – да ја промовира веќе зацртаната руска надворешно-политичка доктрина на геополитички судир со стариот соперник, Соединетите Американски Држави, и неговите сојузници, пред сè, Велика Британија и Германија

 

Пишува: Борис Камчев од Санкт Петерсбург

 

Сврзното ткиво на напорите на Москва да се конфронтира со Западот, откако Русија го анектираше Крим, изврши проруска окупација на делови од Југоисточна Украина и воено интервенираше во Сирија, се телевизиските и интернетски мрежи на Кремљ.

Најистурен од овие медиуми е меѓународниот ТВ-канал РТ (познат како „Раша тудеј“ (Russia Today) пред да се ребрендира), кој е позициониран како руски одговор на британската „Би-би-си“ и на американската „Си-ен-ен“. Кога стартуваше во 2005 година, програмската одредница на оваа државна телевизија беше да го шири русофилството глобално, матичната земја да допре до раштрканата руска дијаспора и да се претставува Русија во светот од секаков аспект –  географски, историски, социјално, технолошки, политички, економски и културно – во позитивно светло.

Откако со ребрендира, РT стана главното орудие на руската пропаганда во странство, со главна цел – да ја промовира веќе зацртаната руска надворешно-политичка доктрина на геополитички судир со стариот соперник, Соединетите Американски Држави, и со неговите сојузници, пред сè, Велика Британија и Германија. Траснформацијата почна во 2007 година, по знаменитиот минхенски говор на Владимир Путин. Од научно-популарен и емитуван само на англиски јазик, овој ТВ-канал стана мултијазичен, со неколку студија и со повеќе меѓународни дописништва, каде работат околу 2.000 вработени. Главните се во Москва, Лондон и во Вашингтон, каналот моментално се емитува и на шпански и на арапски јазик, а во најава е да почне емисии во германскиот и во францускиот етер.

Покрај „Раптли“ (Ruptly), видеоновинското одделение на РT, веќе почнаа да функционираат и неговите француски и германски веб-страници. Буџетот на каналот варира некаде од 700 милиони до 1 милијарда долари годишно.

 

ЛОБИСТ НА ИНТЕРЕСИТЕ НА КРЕМЉ

Некои западни земји, како САД, од поодамна се жалат дека РТ многу повеќе функционира како лобист на интересите на Кремљ, особено за време и по настаните поврзани со окупацијата на Крим и разгорувањето на конфликтот во Југоисточна Украина, а не како информативен медиум. Други, пак, како „Офком“ (Ofcom), британски регулатор за медиуми и за телекомуникации, по завршената истрагa лани, го обвинуваат каналот за нарушување на емитувачките кодекси на земјата и за необјективно известување.

Откако почна руската воена интервеција во Сирија, РТ се нафрли на „Си-ен-ен“, обвинувајќи дека таа ги надминала границите и станала „ужасна телевизија“ и дека се служи со „груба, валкана политичка пропаганда„, дури порачувајќи  ѝ да се засрами, како што вели водителката на РT. А, гревот на американската мрежа беше единствено тоа што во прилог од 19 октомври 2015 година предупреди дека Русија би можела да се соочи со терористички одмазднички напади, поради акциите во Сирија и ги наведе примерите на заложничките драми во театарот Дубровка во Москва во 2002 година и во училиштето во Беслан во 2005 година, кога во одмазда на чеченските милитанти, поради руската воена кампања во Чеченија, загинаа стотици луѓе, помеѓу кои и стотина деца.

Инаку, злокобното предупредување на „Си-ен-ен“ се оствари кога само 11 денови по емитувањето на прилогот, над Синај беше соборен руски патнички авион, „боингот“ на „Метроџет“, при што загина 224 патници и членови на екипажот. Подоцна се потврди дека во авионот била подметната бомба. Одговорноста за терористичкиот чин веднаш ја презеде Исламската држава, како одмазда за интервенцијата на Русија во Сирија.

Студиото на „РТ Америка“ се фокусира американското општество да го слика во негативно светло и САД се претставени како упропастена земја со коруптивен и неефктивен политички систем.

„Во Вашингтон постои мала група на конгресмени и политичари кои прават напори да ја минимизират штетата од ова оружје за масовна заблуда, изјави Ден Рапопорт, експерт за финансии од латвиско потекло кој живее во Вашингтон, округ Колумбија. Правиме напори регулаторите да го разгледаат нашето барање РТ да се регистрира според актот FARA (закон за регистрација на странски агенти од 1938 година), кој бара агентите на странски центри на моќ да ги обелоденат своите врски со странски влади и да предостават информации за нивните активности и финансии“.

Рапопорт има работено повеќе од две децении како финансиски аналитичар, брокер и банкарски советник за инвестиции во повеќе компании и банки во Москва. Но, поради неговите врски со руската опозиција и подршката што му ја дава на антикорупционерот Алексеј Навални, тој падна во немилост на режимот и замина од Русија во 2012 година.

 

РЕГУЛАЦИЈА ИЛИ НЕ

Спорно е прашањето дали „РТ Америка“ може навистина дa биде ставен под таква регулација. Се смета дека тоа би било повод Москва да ја зацврсти својата антиамериканска кампања дома и да се пожали пред светската јавност дека во САД навистина нема слобода на говорот. Таквиот акт би го погазил и првиот амандман.

Според некои рејтинзи, поради празнината што во САД постои, слични мејнстрим медиуми продлабочено да известуваат за такви теми како бунтот на афро-американските жители во Фергусон и во други градови, полициската бруталност, социјалната нееднаквост или пропустите во американското образование, „РТ Америка“ е најгледаниот странски канал во земјата со гледаност  шест и пол пати поголема од онаа на „Ал Џезира Америка“. Како што пишува „Обсервер“ (Тhe Observer):

„Може недвосмислено да се каже дека РТ е необјективен и не известува урамнотежено, но во најмала рака дава онолку легитимна претстава за САД и за американската реалност колку што дава и еден „Фокс нуз“. Генерално, овој канал известува со многу попродлабочени прилози отколку таквите мрежи како „Еј-би-си“, „Си-би-ес“ и „Ен-би-си“.“

Во Велика Британија, пак, „Офком“ вели дека РТ го нарушил кодексот за емитување и необјективно и пристрасно известувал од случувањата за време на војните во Украина и во Сирија. Регулаторот вели дека во еден од документарните филмови во кој украинските власти биле обвинети за геноцид, не биле дадени алтернативни погледи за тоа тврдење.

Според „Офком“ во последните 10 години рускиот канал го нарушил кодексот 14 пати. Сепак, регулаторот одлучил да не казнува повторно ако каналот изврши корекции во некои од програмите и ги емитува повторно. Се работи за две изданија на сега веќе завршената авторска емисија „трагач по вистината“ (The Truthseeker).

Во таа емисија се говорело дека „Би-би-си“ извршила инсценирање во една репортажа за напад со хемиско оружје во Сирија, додека во друг кадар во интервју со сириски доктор, британската телевизија го заменила зборот „напалм“ со „хемиско оружје“. „би-би-си“ го признала фактот со аудиомонтажата, но според мислењето на „Офком“, РТ „го прувеличил значењето на тоа истражување и со тоа ги довел во заблуда гледачите“.

Според РТ, тоа била последната истрага на „Офком“ во однос на руската телевизија и во меѓувреме биле прекратени уште две слични истраги.

Инаку, еден од главните медиуми на руската пропаганда е интернетот. Почнува со фабрикувана вест објавена на некаков познат портал или блог, која потоа ја преземат други веб-страници со сомнителна репутација. Потоа во игра се вклучуваат големите руски телевизиски мрежи како националните во Русија или РТ кои се повикуваат на „изворите“ на интернет и ја објавуваат информацијата што одредено време се врти во медиумскиот простор. Прашањето за нејзината автентичност никогаш не се поставува.

На тој начин неодамна се прошири дезинформација за Лиза, 13-годишното девојче на руски доселеници од Берлин, за нејзино наводно киднапирање и силување од страна на група бегалци.

На глобално ниво рејтингот на РТ е многу повисок од оној на „Си-ен-сн“, смета Иља Понамарев, пратеник во државната Дума, кому лани му беше одземен пратеничкиот имунитет поради неговиот критички однос кон власта (тој е единствениот депутат во Думата кој гласаше против присоединувањето на Крим). На едно свое предавање, кое се одржа лани во јануари во вашингтонскиот Центар за стратегиски истражувања и меѓунардни студии, тоj ова вака го образложи:

„Со изградбата на таканаречената „конзервативна интернационала“, Русија стана авангарада и носител на глабалните конзервативци и крстоносец против глобализацијата, и РТ е ’рбетот на оваа хибридна идеологија. Оваа телевизија апелира на 5 проценти од традиционалната десница и 5 проценти од левицата. Тоа е еднакво на 10 проценти на лојални гледачи во земјите во развој.“

 

ЛИНКОВИ:

 


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести