verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Ромите – меѓу честитките и заканите

on 22 - 04 - 2015       
Марш на Ромите од Топана. Фото: ФОСИМ, јануари 2015
Марш на Ромите од Топана. Фото: ФОСИМ, јануари 2015

 

Како медиумите го покрија Меѓународниот ден на Ромите и дали тој беше искористен да се отворат прашањата за дискриминација врз Ромите

 

Пишува: Мирјана Најчевскаексперт за човекови права

 

Ромите се маргинализирана група затоа што припадниците на ромската заедница се почесто изложени на дискриминација и на етнички базирано насилство, затоа што потешко ги остваруваат основните права и слободи, затоа што се судираат со стереотипи и со предрасуди, затоа што со поголеми напори доаѓаат до заштита на своите права, затоа што во многу поголем број се сиромашни, без работа, со пониско образование и во полоша социјална положба од припадниците на другите етнички заедници во државата.

Медиумите претставуваат неопходна алатка во борбата со маргинализацијата и особено со структурната дискриминација на која се изложени Ромите, а која, меѓу другото, се карактеризира и со префрлање на одговорноста за актуелната состојба и за актите на дискриминација врз самата ромска заедница.

 

КАКО БЕШЕ ПОКРИЕН МЕЃУНАРОДНИОТ ДЕН НА РОМИТЕ

Меѓународниот ден на Ромите како ден издвоен за посебно одбележување, им дава можност на медиумите да постават одредени прашања, да направат анализи, ретроспективи или, пак, да проблематизираат одредени активности на државата.

Меѓународниот ден на Ромите беше медиумски покриен, меѓутоа, пред сѐ, на ниво на дневно информирање за конкретно случување, отколку во функција на искористување на денот како повод за поширок приказ на ромската заедница, нејзината специфична маргинализација, дискриминирачките практики и на улогата на државата во надминувањето и/или овозможувањето на истите.

Првпат по многу години, Ромите го одбележаа овој ден со протести и со конкретни барања упатени до власта. Дел од медиумите се концентрираа на протестите, додека дел на честитките:

Во помал број медиуми е направен обид за спојување на информациите за протестите и честитките и е направена кратка анализа на состојбите:

Што недостигаше во медиумите?

Прво, во многу мал број медиуми имаше објаснување за содржината и за идејата на самиот меѓународен ден на Ромите (зошто било потребно издвојување на ваков ден, кој го прогласил, кога…). Ретките објаснувања на содржината на овој ден почесто можат да се најдат во локалните медиуми отколку во националните (Ohridnews).

 

ДУПКИ ВО ДНЕВНИОТ РЕД

Второ, многу мал број медиуми го искористуваат меѓународниот ден како повод за анализа и за поширок приказ на ситуацијата во Македонија. Во неколку медиуми како спорадичен елемент на известувањето, спомнати се елементи од ситуацијата, меѓутоа без продлабочена анализа  (Кумановски муабети, 24 ВестиУтрински, Ирис МК…)

„Република Македонија ја поддржа Декадата на ромите (2005-2015), а целта е меѓународна иницијатива за подобрување на социјалната и економската положба на Ромите. Но, при крајот на Декадата на ромите, се чини дека работите останаа во место. Образованието на ромите за нијанса е подобрено, но социјалата е присутна се уште.“

Во неколку медиуми е презентиран напредокот на ромската заедница во остварувањата на правата и на слободите во Република Македонија.

„Ромите во македонското општество се рамноправни со останатите граѓани и ги уживаат придобивките да го негуваат својот јазик и да ги развиваат својата култура и традиции и активно да партиципираат преку своите партии во политичкиот живот.“ (МРТ)

Ако судиме по „откритието“ на МРТ и по издвоената изјава на премиерот, произлегува дека, всушност, Европа треба да учи од нас… За жал, медиумите не ја искористија дури ни оваа премиерска изјава да го предизвикаат пристапот, посочувајќи не само на бројните, негативни меѓународни извештаи за состојбата на Ромите кај нас, туку и на, преку „бомбите“, обелоденето омаловажување како дел од „нечепнатата тврдина“ – предрасудите кај сите нас, но, најмногу и најгрдо присутни кај некои актуелни политичари…

Трето, во ниту еден медиум, меѓународниот ден на Ромите не е искористен за формулирање конкретни прашања упатени до претставниците на власта. Прес-конференциите на кои се презентирани честитките од претставниците на власта до ромската заедница не беа искористени за поставување прашања и за проблематизирање на изнесените успеси.

Четврто, во многу мал број медиуми имаше објаснување за самиот протестен марш на Ромите и за поставените барања од страна на Ромите (МКД, А1он). Во ниту еден медиум не се интегрално презентирани барањата на Ромите.

Во многу мал број медиуми се појавија лични стории на Роми и нивни ставови и мислења (Бриф).

Наместо медиумите да го искористат постоењето на еден ваков посебен ден за анализи, колумни, ретроспектива, преглед на она што е направено и она што не е направено, проблематизирање на изнесени мислења и ставови, тие во најголем број од случаите се задоволија со кратки информации за настаните и со едноставно пренесување на изјавите на претставници на власта.

На ваков начин, посебно издвоениот ден ја губи смислата и основната намена, да стави на дневен ред одредени проблеми, да го сврти вниманието на јавноста, да ја размрда власта и да даде поттик за понатамошни промени.

 


Оваа анализа е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Анализата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на анализата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести