verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Репликација наместо плуралитет

on 4 - 10 - 2016       
Бесмисленоста на пренесување истоветен текст во различни медиуми. Фото: strumicadenes.mk
Бесмисленоста на пренесување истоветен текст во повеќе медиуми. Фото: strumicadenes.mk

 

 

Самото постоење на поголем број регистрирани медиуми, со различни имиња, уредувачки одбори и новинари, не го прави информирањето на граѓаните побогато и поразновидно и не нуди поголем број информации врз основа на кои граѓаните ќе можат да стекнат што е можно пореална слика за одреден настан, односно да изградат сопствен став за одредена појава или ситуација

 

Пишува: проф. д-р Мирјана Најчевска, експерт по човекови права

 

Кога една информација едноставно се копира во различни медиуми, тоа не само што не го збогатува информирањето на граѓаните, туку само создава привид на плуралитет кој ја оневозможува вистинската разновидност. Реликт од минатото е еден медиум да мора да ги покрие сите најважни информации. Да, во услови кога постои само еден, на пример, дневен, печатен весник, тоа и навистина беше потребно, па и неизбежно, меѓутоа во услови на постоење на голем број медиуми, можна е и специјализација и/или приоритизација.

На пример, насловот „Заврши седницата за пратенички прашања во Собранието“ со целосно истоветна содржина беше пренесен од десетици медиуми во Република Македонија:

Се поставува прашањето, што добиваат граѓаните од реплицирањето на истоветен текст под насловот на различни медиуми?

Ваков вид реплики се секојдневно присутни низ медиумите во земјава. На пример, под насловот „Силвана Бонева добила од ДИК 12.000 евра за патни трошоци“, истоветниот текст е презентиран во голем број медиуми:

Во пренесената информација е содржана и изјавата на Силвана Бонева, според која, „сè е исплатено согласно законот“, што проблемот го прави уште поголем од бесмисленоста на пренесување на истоветен текст во различни медиуми.

 

ОТСУСТВО НА АНАЛИЗА

Во отсуство на анализа и на проблематизирање на оваа изјава (за кој закон станува збор, што, всушност, вели законот и колку би требало Бонева да добие доколку навистина се изврши пресметка според параметрите дадени во законот), јавноста добива впечаток дека Бонева дала одговор на обвиненијата и дека, можеби, сумата е малку поголема, меѓутоа за тоа е виновен законот, а не треба да се бара вина кај самата Бонева и тој што ги потпишал патните налози. Во дадениов случај, ниту елементарната логика, ниту пресметките што секој може да ги направи, не можат да оправдаат таква сума.

Пренесувањето на изјавите на високи функционери без да бидат ставени во одреден контекст или/и да бидат анализирани, односно проблематизирани, а во услови на копирање на текстовите, може да се претвори во неконтролирано ширење дезинформација.

Сличен е примерот со текстовите што се однесуваат на седницата за пратенички прашања во Собранието, во кои е пренесено и прашањето упатено до премиерот од страна на пратеничката Рената Десковска и одговорот на премиерот на поставеното прашање

На прашањето за обвинувањата од случајот „Трезор“ на СЈО и дали знаел за тоа и дали има уште такви случаи,  премиерот Димитирев рече дека „ставањето на предметите во функција на политиката јасно кажува оти СЈО работи по инструкции на опозицијата“. Димитриев не го коментираше предметот и остави простор, како што рече, за него да се произнесат надлежните институции.

Меѓутоа, ниту еден медиум не го регистрира и не укажа на фактот дека премиерот, всушност, воопшто не одговори на поставеното прашање. Ваков вид избегнувања да се одговори на прашање поставено од страна на пратеник, го става новинарот пред следната можност: или да нагласи дека премиерот не одговорил на прашањето (со или без напомена дека зборувал за други прашања наместо на поставеното прашање) или да го анализира со што се отвора простор за понатамошно поставување прашања од страна на медиумите.

Без соодветна анализа или барем поентирање на отсуството на одговор, граѓаните добиваат впечаток дека е даден одговор и дека прашањето е апсолвирано (независно од тоа што самата пратеничка не е задоволна од добиениот одговор).

Отсуството на анализирање, односно проблематизирање изјава на политичар или висок функционер, може не само да создаде забуна, туку да се изгради и сосема погрешна перцепција во врска со информацијата што се нуди.

 

КОЈ Е ЃУЛЕН?

На пример, во поголем број медиуми со многу сличен (па дури и истоветен) речник, се пренесени изјави на високи функционери од Турција во врска со настаните од 15 јули 2016 година:

Боздаг обелодени дека се поднесени обвиненија против 70.000 лица, кои се осомничени за поврзаност со исламскиот свештеник Фетулах Ѓулен, кој живее во егзил во САД, а кого официјална Анкара го обвинува за неуспешниот воден удар во Турција, извршен на 15 јули;

 

Анкара подготви нова листа со 20,000 осомничени приврзаници на Ѓулен;

 

Заменик-гувернерот на Измир приведен под сомнеж за поврзаност со Ѓулен.

Во овие написи се зборува за следбеници на Ѓулен, за апсењето на приврзаници на Ѓулен, за луѓе во врска со Ѓулен… Тој што ги чита овие написи стекнува впечаток дека станува збор за некое ново кривично дело – следбеник, односно приврзаник на Ѓулен. За информацијата да стане навистина релевантна, медиумот треба да објасни за кое кривично дело се обвинети, односно осомничени сите овие луѓе, или, ако нема ваков податок, тогаш да го проблематизира актот на апсење извршен само врз основа на искажана симпатија за одредена идеја или за конкретен човек.

Улогата на медиумот не е да биде гол генератор и дистрибутер на информации, туку да систематизира, анализира, поврзува, гради стории, кои ќе ѝ овозможат на јавноста да формира мислење базирано на факти сместени во одреден контекст.

Плуралитетот на медиумскиот простор се воспоставува со разновиден пристап и различни перспективи на гледање на еден ист настан, што подразбира и презентирање на сопствената перцепција и/или посочување на елементите на различност, кои можат да послужат во градењето став, односно мислење за конкретниот настан.

Во остварувањето на еден ваков пристап, изјавите (особено оние на високи функционери во власта) не можат да бидат замена за фактите, туку само основа за понатамошна анализа и испитување и во никој случај јавноста не смее да добие впечаток дека станува збор за потврдени факти само заради тоа што голем број медиуми без никакво објаснување пренесуваат истоветен текст.

 


Оваа анализа е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Анализата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на анализата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести