verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Регулаторот, ако сака, може да го спречи говорот на омраза на Неделковски (ДОПОЛНЕТО)

on 21 - 03 - 2016       
Овој напис го има и на: Албански
Говор на омраза и преку бодење на „ликови“ што не му биле симпатични. Фото: Скриншот
Говор на омраза и преку бодење на „ликови“ што не му биле симпатични. Фото: Скриншот

 

[Реакцијата содржи корекција на погрешно наведениот контекст кај делот од цитираниот член број 43 од Законот за аудио и аудио-визуелни и медиумски услуги, извинување на грешката и упатување на вистинските членови кои на медиумскиот регулатор Агенција  за аудио, аудио-визуелни и медиумски услуги и овозможуваат да реагира во случаи на дискриминациски говор. Ова е поправената верзија на текстот.]

 

Ниту „Канал 5“, ниту Основното јавно  обвинителство, а најмалку Агенцијата за медиуми, смеат да се амнестираат од говорот на омраза на Миленко Неделковски

 

Пишува: Љубомир Костовски

 

Деновиве добивме прва реакција, веројатно по долго време, на соодветно програмско тело – на Агенцијата за аудиуо и адиудиовизуелни медиумски услуги, во врска со емитувањето на шоуто на Миленко Неделковски.

По опсервацијата на речиси двомесечната продукција на овој шоумен на програмата на „Канал 5“, снимките од јануари и од дел од февруари годинава, програмскиот сектор на Агенцијата што врши надзор врз она што им се нуди на консументите, бара од директорот на Агенцијата да преземе конкретни чекори кон „Канал 5“, а снимките од тие емисии да ги достави по службен пат до Комисијата за заштита од дискриминација за понатамошно постапување!

За тоа шоу, да потсетиме, веќе има поднесено најмалку три кривични пријави до Основното јавно обвинителство (ОЈО) од Хелсиншкиот комитет и ЛГБТИ-центарот за поддршка. Поднесоците се однесуваат на предизвикување национална, расна и верска омраза, раздор и нетрпеливост (член 319, ст. 1 од КЗ на РМ), потоа на ширење расистички и ксенофобичен материјал преку компјутерски систем (член 394-г, ст.1 од КЗ на РМ) и кривично дело расна и друга дискриминација (чл.417, ст.1 од КЗ на РМ). За некои од тие дела, да потсетиме, може да се добие казна затвор во траење од десет години.

 

НАДЗОРОТ ГО КОНСТАТИРАШЕ ТОА ШТО СИТЕ ГО ГЛЕДАМЕ

Освен кривичните пријави и досега имало силни реакции во стручната јавност и кај професионалците токму во однос на вокабуларот, стилот и на своевидните „сценски“ дејства на Неделковски во неговото полноќно шоу. Речиси да немаше новинар од независниот атар чиј портрет не беше обесуван на ортомата за сушење алишта, како своевиден јавен линч, но и како гест на поттикнување насилство кон нив!

Тоа, констатира надзорот на Агенцијата, е направено и во емисијата од 15 јануари, кога самиот автор, кој прави дејства од типот на забодување со игла на ѕид на портрети на лица, чии погледи и ставови не му се бендисуваат, а и тој признава дека „боцка луѓе“!
Факт е дека и покрај трите пријави, ОЈО има постапено единствено по последната кривична пријава, но и тогаш, екипата на обвинителот Марко Зврлевски не утврди елементи на говор на омраза. Со тоа, како да беше дадена можност и понатаму да се игнорира говорот на омраза со кое е засегнато граѓанството и кој поради начинот и местото каде се манифестира, е особено опасен!
Со извештај за извршен програмски надзор, објавен од страна на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, тоа тело генерално го прави првиот голем чекор во однос на недопирливиот шоумен, кој, секако, ја има силната поддршка од врвот на државата. Впрочем, негов гостин, да не зборавиме, неколкупати бил и самиот експремиер Груевски, што од друга страна би можело да значи дека политичарот кој толку пребира каде ќе се појави и колку ќе говори пред камери, нема скрупули кон манифестациите на ширењето на говорот на омраза.

Анализата што ја прави телото на АВМУ доста детално ги опишува вербалните игри и „опишувања“ на одредени политичари од редовите на СДСМ и нивните наводни сексуални ориентации од страна на Неделковски, а тоа го прави и со наши колеги.

 

АГЕНЦИЈАТА „ЗАБОРАВИЛА“ НА ЧЛЕН 23

Но, останува отворено прашање, по некои консултации со луѓе кои работеле на оваа подрачје и ја познаваат материјата, дека сепак и надзорното тело на Агенцијата како да ја „ишкало“ од себе можноста многу подиректно да си даде работа самото себеси!

Имено, во членот  48 од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги се вели дека „Аудио и аудиовизуелните медиумски услуги не смеат да содржат програми со кои се загрозува националната безбедност, се поттикнува насилно уривање на уставниот поредок на Република Македонија, се повикува на воена агресија или на оружен конфликт, се поттикнува или шири дискриминација, нетрпеливост или омраза врз основа на раса, пол, религија или националност. Посебните забрани од ставот (1) на овој член треба да бидат во согласност со практиката на Европскиот суд за човекови права“.

Овој член, јасно става на знаење дека она што се констатирало од страна на надзорниот орган во емисиите на Миленко Неделковски се недозволиви!

Дали има казна за ова во овој Закон? Дали Агенцијата миожела неѓшѕо да стори место да го префрлува случајот на Комисијата за заштита од дискриманација? Секако дека можела!

Во членот 23 од истиот Закон стои следното:

Доколку се констатира непочитување на одредбите од овој закон и подзаконските акти донесени врз основа на него, како и на условите и обврските утврдени со дозволата и другите акти на Агенцијата, против издавач на медиум, давателот на аудиовизуелни услуги по барање или операторот на јавни електронски комуникациски мрежи кои врши реемитување на програмски сервиси, директорот на Агенцијата може да ги преземе следниве мерки:

– ќе донесе решение со кое ќе го опомене,

– ќе поднесе барање за поведување на прекршочна постапка во случај кога и покрај донесеното решение за опомена продолжува со вршење на истата повреда за која е опоменет, во текот на годината,

– ќе достави предлог до Советот за одземање на дозволата или – ќе донесе решение за бришење од регистарот согласно со овој закон.

Ова не е целиот текст на членот, бидејќи се наведени и случаи каде Агенцијата донесува мерки и без опомена, што во случајот не е битно. Значи во член 48 имаме збор „забрана“, а во член 23, кој се бави со прашањата од казнената сфера, наведени се можни мерки. Во претходните два закони, кои се „матични за Агенцијата такви одредби постоеја и беа доста строги.

Што значи ова? Дека контролата и добриот извештај на надзорниот орган на Агенцијата, резултирала, всушност, на почетокот, со „ишкање“ на можноста самата Агенција да изрече мерка кон ТВ-студиото што ја емитува програмата. Како што видовме, не е точно дека Агенцијата имала врзани раце (не можела да примени мерка бидејќи ја нема во законот!), како што стои во извештајот на надзорното тело.
Понатаму, Агенцијата би можела секако и од своја страна да поднесе обвинение до Основното јавно обвинителство, ама, се чини, на крајот сè ќе заврши со доставување на анализираниот извештај до друга институција – Комисијата за заштита од дискриминацијата. Со тоа, пак, се остава простор Неделовски и понатаму да ги породолжи своите хомобофични и други недозволиви бравури, до неодредено време.

Но, во Агенијата треба да знаат дека во земјава постои и Закон за спречување и заштита од дикриминацијата каде во членот 4 јасно стои дека обврски во однос на заштита од емисиите во кои е констатирано она што го констатирало надлежното тело на Агенцијата се однесува, во една проактивна смисла и на „органи и организации кои вршат јавни овластувања и јавните установи и служби“ (што Агенцијата и е). Уште повеќе што членот 16 јасно наведува дека се однесува и на јавно информирање и медиуми, па одговорните во Агенцијата треба да го имаат прописот на маса.

Но, Агенцијата, да потсетува ја префрлува топката на телото кое е предвидено со овој Закон (Комисија за заштита од дискриминација) која дава мислења, препораки и слично и покренува постапка пред надлежен орган… што може да го направи со истоветна тежина и Агенцијата!

 

КОЈА КОМИСИЈА ЌЕ ГО ОЦЕНУВА МИЛЕНКО?

Посебен сомнеж во можната констатација на ова тело на Агенцијата носи фактот дека во Собранието на РМ неодамна имаше многу расправа околку неодамнешниот избор на нови членови во Комисијата. Тие нови членови се – Тони Науновски, Александар Даштевски, Александар Спасеновски, Нена Неновска-Георгиевска, Јован Ананаиев, Ирфан Дехари и Беким Кадриу.

За дел од овие имиња, за кои владејачкото мнозинство даде поддршка да членуваат во Комисијата за заштита од дискриминација, опозицијата обвини дека се приврзаници на ВМРО-ДПМНЕ за кои се барало место каде да се вдомат. Имаше забелешки, да потсетиме, дека пратениците ги добиле биографиите на само седум од 14-те кандидати (поширокиот круг на можни кандидати), а некои од нив, како Науновски, се токму познати по своите писанија во кои има – омраза!

 

—————————————————————————————————————

 

Дополнување/Реакција на авторот

 

Во врска со реакциите на овој текст, постои очевидна намера со користење на една проста лапсус каламити (грешка на моливот, односно на пишувачот) да се направи можен пресврт во однос на смислата на текстот, а тоа е дека постои очевидно кршење на човечките права низ шоуто на Миленко Неделковски и дека низа години оваа емисија опстојува на програмата.

Најпрвин грешката на авторот е во тоа што е погрешно цитиран член 43, наместо член 23 од погоре споменуваниот Закон, каде се наведени мерки кои Агенцијата може да ги преземе, ако веќе треба да се поврзе со споменуваниот член 48. За тоа може да се извинам, и се извинувам, ама немаме некоја суштинска промена во основниот факт дека во членот 48 стои оти телевизиите „не смеат да си дозволат да имаат на програмата“ и наведува какви содржини, а дека во делот од Законот каде имаме санкции (член 23) се предвидени и мерки.

Членот 48 се однесува на (да цитираме повторно):

Аудио и аудиовизуелните медиумски услуги не смеат да содржат програми со кои се загрозува националната безбедност, се поттикнува насилно уривање на уставниот поредок на Република Македонија, се повикува на воена агресија или на оружен конфликт, се поттикнува или шири дискриминација, нетрпеливост или омраза врз основа на раса, пол, религија или националност. Посебните забрани од ставот (1) на овој член треба да бидат во согласност со практиката на Европскиот суд за човекови права“.

Ама во член 23, насловен како Мерки доколку се повредат прописите – стои дека:

Доколку се констатира непочитување на одредбите од овој закон и подзаконските акти донесени врз основа на него, како и на условите и обврските утврдени со дозволата и другите акти на Агенцијата, против издавач на медиум, давателот на аудиовизуелни услуги по барање или операторот на јавни електронски комуникациски мрежи кои врши реемитување на програмски сервиси, директорот на Агенцијата може да ги преземе следниве мерки:

– ќе донесе решение со кое ќе го опомене,

– ќе поднесе барање за поведување на прекршочна постапка во случај кога и покрај донесеното решение за опомена продолжува со вршење на истата повреда за која е опоменет, во текот на годината,

– ќе достави предлог до Советот за одземање на дозволата или – ќе донесе решение за бришење од регистарот согласно со овој закон.

Ова не е целиот текст на членот, бидејќи се наведени и случаи каде Агенцијата донесува мерки и без опомена, што во случајот не е битно. Значи во член 48 имаме збор „забрана“, а во член 23, кој се бави со прашањата од казнената сфера, наведени се можни мерки. Во претходните два закони, кои се „матични за Агенцијата такви одредби постоеја и беа доста строги.

Но, во Агенијата треба да знаат дека во земјава постои и Закон за спречување и заштита од дикриминацијата каде во членот 4 јасно стои дека обврски во однос на заштита од емисиите во кои е констатирано она што го констатирало надлежното тело на Агенцијата се однесува, во една проактивна смисла и на „органи и организации кои вршат јавни овластувања и јавните установи и служби“ (што Агенцијата и е). Уште повеќе што членот 16 јасно наведува дека се однесува и на јавно информирање и медиуми, па одговорните во Агенцијата треба да го имаат прописот на маса.

Но, Агенцијата ја префрлува топката на телото кое е предвидено со овој Закон (Комисија за заштита од дискриминација) која дава мислења, препораки и слично и порекнува постапка пред надлежен орган… што може да го направи со истоветна тежина и Агенцијата!

Љубомир Костовски


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести