verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Референдумот не е крај на приказната за независноста на Шкотска

on 25 - 09 - 2014       
Еден од многуте пропагандни визуелни пораки пред шкотскиот референдум – шкотското знаме дигитално исцртано врз човечко лице. Фото: Jame McFarlane, 2014

Еден од многуте пропагандни визуелни пораки пред шкотскиот референдум – шкотското знаме дигитално исцртано врз човечко лице. Фото: Jamie McFarlane, 2014

Доколку на изборите во 2015 година победат ториевците, тогаш Камерон во 2017 година ќе мора да го одржи ветувањето и да го спроведе референдумот за останувањето или излегувањето на Велика Британија од Европската унија. И, доколку би било изгласано излегувањето до ЕУ, тоа би можело да ја воведе земјата во уставна криза, бидејќи шкотскиот парламент во тој случај би можел да каже дека не ја признава таквата одлука.

(Првиот дел од анализата можете да го најдете овде)

 

Пишува: Доц. д-р Светлана Вељановскадоктор по меѓународно право

 

Ден по референдумот се покажа дека комесарот за проширување и соседска политика на ЕУ, Јоханес Кан, беше во право кога побара трпение од медиумите, односно да не се прејудицираат работите пред тие да се случат.

Во нашите медиуми како и насекаде во светот осамнаа информации за тоа како се одвивало референдумското изјаснување.

Утрински весник извести дека:

Вкупно два милиони луѓе со право на глас се определиле за останување на земјата во Велика Британија и против отцепувањето, што претставува 55 отсто од гласовите. За независност на Шкотска гласале 1,6 милиони гласачи или 45 отсто од Шкотланѓаните. Одзивот на гласањето е исклучително висок за шкотските и за британските прилики и изнесува 84,5 отсто,што претставува рекорд за гласањето во демократски уредените држави.

Сепак, не се отстапи од известувањата во претходните денови кога се сметаше дека очекувањата биле поинакви и тоа е посочено со следниот пасус:

„Крајниот исход од референдумот претставува изненадување, затоа што сите претходни прогнози и мерења на расположението на гласачите навестуваа „мртва трка“ до крајот и сосема неизвесен резултат при гласањето. Непосредно пред завршувањето на кампањата, неколку угледни агенции предвидуваа победа на кампањата „Заедно е подобро“ со 52 отсто, наспроти 48 отсто што се очекуваше дека ке ги освојат сепаратистите.“

Макфаксги пренесе ставовите на врвот на ЕУ за изјаснувањето на шкотланѓаните:

„Британскиот премиер Дејвид Камерон изјави во петокот дека е пресреќен од резултатот на шкотскиот референдум и нагласи дека прашањето за шкотската независност е „решено за генерацијата“, додека претседателот на Европската комисија , Жозе Мануел Баросо оцени дека одлуката на Шкотите да останат во Обединетото Кралство е добра за обединета Европа, а претседателот на Европскиот совет, Херман ван Ромпуј, истакна дека ја почитува референдумската одлука“.

ноизвестуваше и за нередите кои се случија во судирите помеѓу приврзаниците на унијата со Обединетото Кралство и поборниците на независноста на Шкотска по прогласувањето на резултатите од референдумот.

„Според портпаролот на полицијата во Глазгов, Енди Бејтс, вкупно на централниот плоштад се собрале околу 700 лица. Шест од највоинствените биле уапсени во петокот, а уште петмина во саботата, откако полицијата спровела истрага за одговорноста за инцидентите. Бејтс за телевизијата STV не ја исклучи можноста од нови приведувања, по анализата на снимките од камерите за видеонадзор.“

А1-он порталот,Телеграф,Алфапренесоа уште веднаш изјава одлидерот на Каталонија дека овој епилог во Шкотска нема да го обесхрабри односно дека процесот во овој дел на Шпанија ќе продолжи:

 „Шкотска, каде за разлика од шпанската, британската Влада дозволи одржување на референдум за независност, испрати силна и јасна позитивна порака, мобилизирајќи се да гласа, истакна Мас на прес-конференција во Барселона.Каталонскиот процес продолжува и се чувствува посилен, бидејќи видовме како една земја од ЕУ успеа да се согласи и да го дозволи ова гласање. Ова го кажувам, бидејќи ако некој смета дека победата на одговорот „не“ во Шкотска може да фрли сенка врз каталонскиот процес, тогаш се лаже, додаде Мас.Тој нагласи дека „нема да има преседан со Шкотска, но можеби првиот пример ќе биде овој на Каталонија“.

 

Се чувствува ли разочарување во медиумите поради неизгласаниот референдум ?

Ако проанализираме добар дел од медиумите може да забележиме и ваков аспект. Само како пример:

  • SKY mkпишува за притисокот врз Шкотите од страна на Вестиминстерската палата;
  • Нова тв тврди дека : Референдумот во Шкотска и рече «не» на независноста. Но, самата кампања им даде елан на повеќе сепаратистички движења во Европа.“;
  • Утрински весник објаснува дека Шкотскaта националистичка партија на премиерот Салмонд, која жестоко се залагаше за незaвисност, според првичните анализи, не можеше да мобилизира доволно гласачи во своите упоришта. Големите градови, како Глазгов или Данди се изјаснија „за“ отцепување, но одзивот на рефeрендумот таму не беше доволно висок за да може да го промени резултатот во другите региони.

Обидите да се објасни поради што не беше доволен бројот на гласовите на приврзаниците за отцепувањето на Шкотска, можеби е најилустративно прикажан од страна на порталот Локално мк :

Таму е пренесена изјавата на Премиерот на Шкотска и лидер на националистите Алекс Салмонд кој вели дека:

„е убеден оти резултатите од спроведениот референдум за независност не ја одразува реално визијата на гласачите за иднината на нивната татковина. Според него, тие сакаат независна Шкотска, но биле заведени од Лондон. Британските водачи ветија малку пред гласањето повеќе овластувања на Единбург, ако гласа за зачувување на Унијата. Иако тој ги окарактеризира овие ветувања како хистерија сега е убеден дека токму овие ветувања се конфузни и ги промениле вистинските намери на повеќето гласачи,кои гласале со “Не”. Тој е убеден дека неговите сонародници сега ја разбираат измамата и гневни се на оние кои гласале за останување во рамките на Велика Британија.“

Исходот од референдумот на кој се решаваше дали Шкотска по 307 години ќе го напушти сојузот со Англија, Велс и Северна Ирска во Обединетото Кралство, покажа всушност дека граѓаните се определија за посигурната варијанта поради стравот од непознатото, што беше зачинето со многу предупредувања за идни блокади и тешкотии во функција да се спречи верижната реакција којашто можеше да ги поттикне вековните тенденции на други региони во Европа.

Сепак, ова не е крај на приказната за Шкотска и Велика Британија. Доколку на изборите во 2015 година победат ториевците, тогаш Камерон во 2017 година ќе мора да го одржи ветувањето и да го спроведе референдумот за останувањето или излегувањето на Велика Британија од Европската унија. И, доколку би било изгласано излегувањето до ЕУ, тоа би можело да ја воведе земјата во уставна криза, бидејќи шкотскиот парламент во тој случај би можел да каже дека не ја признава таквата одлука. Така, тенденцијата за отцепување на Шкотска не завршува со резултатите од овој референдум, а медиумите и во следната година ќе имаат полни раце работа да ја „креираат новата британска иднина во или вон ЕУ.“

(крај)


Оваа анализа е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Анализата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на анализата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.

Претплатете се за најнови вести