verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Рецензија: Тесла бил против ГМО: патентирал природен начин да ја нахрани планетата

on 8 - 10 - 2013       

Тесла бил против ГМО screenshot resize crop

Се работи за уште еден текст кој е целосно пренесен од еден од српските портали, без притоа да се наведе од кој извор е пренесен, ниту, пак, е наведено дека станува збор за целосна, преведена копија. Текстот се занимава со дел од откритијата на американскиот научник од српско потекло, Никола Тесла, поточно за неговите размислувања околу решавањето на некои од најгорливите проблеми на човештвото, меѓу кои е производството на здрава храна.

Како дел од целината што се преведува, оставен е и насловот на оригиналниот текст, иако за генетски модификуваната храна, фактички во текстот воопшто не станува збор. Мотивот за такво нешто, иако може само да се претпостави, би бил тоа што темите за ГМО храна во последно време добиваат на популарност во балканските и светските медиуми поради контроверзите кои со неа се поврзани, па еден таков наслов гарантира читаност кај пошироката читателска публика. Но, овој наслов ги дезинформира читателите, бидејќи Никола Тесла никогаш не се произнесувал по прашањето на генетски модификуваната храна, бидејќи таа во негово време воопшто и не постоела!

Во својот есеј The Problem of Increasing Human Energy тој навистина се произнесува против производство и консумација на „вештачка храна“, но во време кога тој го пишувал есејот (1900 година) генетиката како наука била во зародиш, ДНК структурата воопшто не била откриена (тоа се случило во 1953 година), а за создавање на генетски модификувана храна воопшто не станувало збор!

Но, освен што насловот не соодветствува со содржината, самиот напис содржи поедноставени и непрецизно објаснети тези од есејот на Никола Тесла, а порталот што го пренесува овој текст воопшто не се ни потрудил да види дека материјалот што го презентира на својата читателска публика повеќе збунува и дезинформира одошто информира или едуцира.  За проблемот да биде поголем, при преводот и адаптирањето на текстот, испуштени се неколку реченици, што дообјаснуваат некои поими спомнати во написот (на пример, Factor Auctus) па читателот добива погрешна слика за што всушност се работи.

Тесла бил против ГМО screenshotЛинк до оригиналниот напис: Тесла бил против ГМО: патентирал природен начин да ја нахрани планетата

Датум и време на објавување: 1.10.2013

Датум на рецензирање: 6.10.2013

Рецензент: Југослава Дуковска

Вистинитост: Дел од наводите во текстот, а пред сѐ во насловот, се неточни – Никола Тесла не ни можел да се изјасни против генетски модификуваната храна, бидејќи таа во негово време воопшто не постоела, туку тој зборувал против производство на „вештачка“ храна и тоа е најголемата дезинформација во написот. Дури и технички гледано, ГМО храната не може да се смета за вештачка, бидејќи во прашање се постоечки видови на растенија во чијашто ДНК научниците внесле делови од други живи организми или хемиски соединенија.

Извори на информации: Еден од недостатоците на текстот е всушност тоа што нема извор на информацијата.

Содржајност: Иако може да се каже дека го задоволува минималното ниво на сеопфатност, написот е сепак нецелосен, а исто така прикриени се и некои детали кои би фрлиле поинакво светло на содржината.

Пристрасност: Написот само делумно ја прикажува вистината, а спинот е содржан во насловот – Никола Тесла никогаш не бил против ГМО, бидејќи не можел ни да биде. Искористен е неговиот став против она што тој го нарекува „вештачка“ храна, за да се извлече паралела со денешната ГМО храна. Може само да се претпостави дека, ако бил сега жив, ќе бил и против ГМО, но тоа никој не може со сигурност да го тврди.

Оригиналност/Плагијат: Текстот е пренесен од некој од српските портали (не може со сигурност да се каже кој, бидејќи неколку од нив ја објавуваат истата содржина, со идентичниот наслов), но тоа не е наведено во овој текст.

Квалитет на насловот: Најголем проблем со текстот всушност претставува насловот, кој е дезинформација, сензационалистички е и го наведува читателот на погрешен заклучок.

Фотографија: Илустрација на текстот е една фотографија на Никола Тесла, истата што ја користат и некои од српските портали.

Заклучок: Многу домашни медиуми често пренесуваат текстови од странски извори за кои проценуваат дека ќе бидат интересни за нивната читателска публика, но честопати некоректно го изоставуваат изворот на материјалот, а адаптацијата на четивото ја прават несмасно и без да водат сметка дали новиот производ ги има сите потребни елементи за да биде комплетна информација. Овој лежерен приод најчесто се среќава кај текстовите поместени во рубриките Занимливости, веројатно тргнувајќи од  ставот дека се работи за „лесна“, необврзувачка тематика. Сепак, коректноста и професионалноста треба да бидат принципи на работа на секој медиум без оглед на тоа дали се во прашање „тешки“ или „лесни“ теми, бидејќи само на тој начин се гради имиџ на кредибилен извор на информации.

Во конкретниов случај пренесениот напис за ставовите на научникот Никола Тесла не ги отсликува тие принципи, односно, постапено е некоректно и кон изворот од каде е пренесен текстот, и кон читателите кои се неточно информирани, но и кон делото на големиот научник чиишто генијални идеи неточно и нецелосно се пренесени кон поширокиот аудиториум.


Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

ИНФОГРАФИК

infoVistinitostВИСТИНИТОСТ

има факти

неточни наводи

неверодостојни наводи

infoVistinitostИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ

нема евидентирани извори

infoVistinitostСЕОПФАТНОСТ

сеопфатнo

прикриени информации

infoVistinitostПРИСТРАСНОСТ

делумно прикажува вистина

извртување на вистина (спин)

нема лажни информации

не аплиактивно

infoVistinitostКОМЕНТИРАЊЕ

има коментаторски елементи

интегрирано со фактите

infoVistinitostПЛАГИЈАТ

целосна копија

ненаведен автор, ненаведен извор

infoVistinitostКВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ

дезинформира

некреативен

сензационален

несоодветен

тенденциозен

infoVistinitostФОТОГРАФИЈА

има

соодветна

ни манипулира ни информира - ставена е само како илустрација

ненаведен автор(извор)

infoVistinitostГОВОР НА ОМРАЗА

нема навредлив говор

нема говор на омраза

не потикнува на насилство

не дискриминира

infoVistinitostУРЕДЕН ЗА ВЕБ

средно читлив

солидни мултимедијални елементи

нема контекстуални линкови

делумно стилски уреден

неповрзан со тагови

Претплатете се за најнови вести