Рецензија:Скандал: Возрасна жена почина на влезот на „Зелено Пазарче“- повеќе од час никој не дојде да го земе безживотното тело
Објавено во Рецензии
on 29 - 04 - 2014 Автор: Југослава ДуковскаФотографија на мртва жена покриена со чаршав, легната на плочник, бомбастичен наслов кој раскажува сѐ , куди и осудува, непотребна драматизација, пристрасно коментирање и некоректен однос кон засегнатите страни, сето ова е проблем во врска со текстот кој е предмет на рецензијава. Разголувањето на интимата на еден човек во моментот на неговата смрт, недостоинственоста на ситуацијата во која тој го завршил животот, болката на најблиските, кои треба да се соочат и со смртта на саканата личност, сето тоа е дополнето и со сеирџискиот сензационалистички пристап во известувањето во овој напис, кој е евидентен.
„Правото на јавноста да биде информирана не може да биде оправдување на потребата од сензација.“
„Кога известуваат за настани кои предизвикале лични трагедии, болка и шок – новинарите, фоторепортерите и снимателите треба да покажат сочувство, дискреција и обѕир.“ Прирачник за етика во новинарството, Т. Чаусидис/З.Бојаровски, ЗНМ, 2012)
Линк до оригиналниот напис: Скандал: Возрасна жена почина на влезот на „Зелено Пазарче“- повеќе од час никој не дојде да го земе безживотното тело
Датум и време на објавување: 7.04.2014, 9:25
Датум на рецензирање: 16.04.2014
Рецензент: Југослава Дуковска
ДРАМАТИЗИРАЊЕ НАМЕСТО ИНФОРМИРАЊЕ
Фактите кои се изнесуваат во написот се добиени од местото на настанот, таков е барем впечатокот од прочитаното. Има исказ од анонимен сведок, кој би требало да ја потврди автентичноста на случката, но тој е повеќе политички коментар, а помалку појаснување за тоа што се случило.
Информациите се добиени од лице место – медиумот имал свој известувач од местото на настанот. Доказ за тоа се изјавите на очевидците и фотографијата на починатата. Меѓутоа, написот ги нема потребните елементи кои би го оправдале објавувањето на оваа информација. Несепофатноста се огледа во фактот што во написот не се регистрира обид да се добие званична информација зошто на надлежните служби им требало толку време да постапат во склад со своите надлежности и да го преземат телото на починатата жена. Мотивот за објавување на информација од ваков настан никако не смее да биде желбата за евтин сензационализам, туку известување за евентуално непрофесионално постапување на надлежните служби, кои од непознати причини не го кренале телото на мртвата жена долго откако таа починала среде улица.
Недостасува критичка дистанца во однос на настанот и актерите во него. Наместо се да информира за случувањето, се коментира и се зазема страна, а притоа, условно речено, на другата страна не ѝ се дава простор да даде свое објаснување за настанот. Се користат квалификации како:„вистински хаос и скандал“, се цитираат „разлутените минувачи и пазарџии“ како ги критикуваат надлежните:
„Каде се службите и министерот што не лаже секој ден да дојдат да го кренат безживотното тело. Ги нема !! Сигурно се на митинг на ВМРО, рече еден од случајните минувачи“,
но нема изјава од надлежните за тие самите да објаснат зошто им требало толку долго да реагираат и да дојдат да го подигнат телото на починатата.
Иако конципиран како вест, написот содржи многу коментаторски елементи на кои не им е место во информација од настан. Пренагласени се драмските елементи, кои ја доловуваат атмосферата од местото на случувањето, но се вишок во еден новинарски рапорт.
Насловот е непотребно предолг, во него е раскажана целата вест и тоа во детали, па дури е даден и ставот на авторот на текстот за самата случка.
ФОТОГРАФИЈА НА МРТВАТА ЖЕНА – ГРУБО НАРУШУВАЊЕ НА ПРИВАТНОСТА
Најголемиот проблем со оваа информација, всушност, и е фотографијата со која е илустрирана. Објавена е фотографија од човечко тело легнато на улица, делумно покриено со чаршав, а од написот дознаваме дека се работи за постаро женско лице, кое починало на улица, а чиешто тело надлежните служби долго време не го кренале.
Медиумите треба да известуваат за настани релевантни за јавноста. Медиумите не треба да известуваат за настани кои претставуваат лични трагедии на луѓе, ако тоа не претставува јасен и недвосмислен јавен интерес. Во овој случај нема никаков основ за објавување на фотографија на починатата жена и овој потег е чисто нарушување на приватноста и болката на семејството кое изгубило свој член на така ненадеен начин. Постапката е непрофесионална и треба да претставува пример како не смее да се постапува во вакви ситуации. Коректна реакција на еден медиум би била проблемот со несоодветното функционирање на надлежните служби во ваков случај да се истражи и, доколку има основ, да се искоментира или искритикува, а на засегнатите граѓани да им се остави на мир приватноста и да се почитува нивната болка и загуба.
Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).
ИНФОГРАФИК
ВИСТИНИТОСТ
има факти
точни наводи
веродостојни наводи
ИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ
има евидентирани извори
неофицијални, анонимни
нерелевантни
не може да се утврди
еднострани
СЕОПФАТНОСТ
несеопфатнo
можеби се прикриени информации
ПРИСТРАСНОСТ
делумно прикажува вистина
нема извртување на вистина (спин)
не може да се утврди
Не може да се утврди
КОМЕНТИРАЊЕ
има коментаторски елементи
интегрирано со фактите
ПЛАГИЈАТ
оригинално дело
ненаведен автор
КВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ
информира
некреативен
сензационален
несоодветен
јасен
ФОТОГРАФИЈА
има
несоодветна
ни манипулира ни информира - ставена е само како илустрација
ненаведен автор(извор)
ГОВОР НА ОМРАЗА
нема навредлив говор
нема говор на омраза
не потикнува на насилство
не дискриминира
УРЕДЕН ЗА ВЕБ
средно читлив
неквалитетни мултимедијални елементи
нема контекстуални линкови
делумно стилски уреден
неповрзан со тагови