„Саботирана“ вистина како одмазда за критичко новинарство
Објавено во Рецензии
on 9 - 10 - 2015 Автор: Југослава Дуковска
[Рецензија: Саботерот Среќко Поповски дел од аферата „Телеком“- се офајдил ли и тој од милионскиот колач?!]
Нагласено плукачки текст во кој отворено се напаѓа една конкретна личност, со име, презиме и фотографии одблиску од личноста за која се зборува небаре се работи за осуден криминалец или злосторник, на читателите им е подметнат како новинарско-истражувачко четиво, иако нема ништо заедничко со тоа. Работата да биде уште полоша, неаргументирано се напаѓа колега од друг медиум, чијшто единствен докажан „злостор“ во овој исклучително непрофесионален текст е – тоа што прави емисии во кои ја критикува власта. Другите работи со кои се инсинуира во написот се или без никаков доказ и основа или се смешни, или и двете.
Линк до оригиналниот напис: Саботерот Среќко Поповски дел од аферата „Телеком“- се офајдил ли и тој од милионскиот колач?!
Датум и време на објавување: 26.09.2015, 13:20
Датум на рецензирање: 4.10.2015
Рецензент: Југослава Дуковска
Од почеток до крај овој напис е преполн со невистинити тврдења претставени како факти од кои се извлекуваат целосно неточни или недокажливи обвинувања на адресата на новинарот Среќко Поповски од телевизија „Алсат-М“. Тој, според написов,
„е дел од аферата „Телеком“, како владин советник на тогашниот премиер Владо Бучковски,“
бидејќи во 2006 година бил советник во кабинетот на тогашниот премиер, па според тоа, не се исклучува можноста и тој како дел од Владата на тогашниот премиер Владо Бучковски, која е вмешана во оваа милионска афера, добро да се офајдил.
Еве што „истражувачкото новинарство“ во овој напис „открило“:
„Токму Среќко Поповски, во 2006 година беше раководител на одделение во владиниот Генерален секретаријат, со што не се исклучува можноста и тој како дел од Владата на тогашниот премиер Владо Бучковски која е вмешана во оваа милионска афера, добро да се офајдил.“
За веќе подолу во текстот да се признае што е она што, всушност, најмногу пречи кај Поповски – а тоа е критикувањето владини политичари во неговата емисија „Саботажа“:
„Токму во екот на оваа афера, новинарот кој сега секоја недела монтирајќи на најгруб и непрофесионален начин невистинити видео материјали против владејачката партија “саботира“ владини политичари, бил владин советник на политичари кои земале до 12 милиони евра во мито за да спречат влез на други сериозни странски компании во телекомуникацискиот пазар кои би донеле пониски цени и поквалитетни услуги од монополската компанија.“
Според логиката употребена во написов, во евентуалната корупција за која станува збор, Среќко Поповски можеби можел да биде соучесник само затоа што работел како службеник во Владата, каде работеле и работат и стотици други владини службеници, но од некоја причина само неговото име се провлекува низ овој плукачки текст како можно инкриминирано во аферата. Еве уште еден пример како целосно неточни тврдења им се подметнуваат на читателите како факт:
„Името на Поповски се поврзуваше и со низата опозициски новинари кои земале средствa и од проектот Фабрика 2, кои се обезбедени од фондацијата Отворено општество, во сопственост на СОРОС, за да пишуваат нарачани текстови.“
Конструкцијата „се поврзуваше“, сама по себе нема голема тежина, но, ставена во контекст на уште една стара, јавно позната афера, сепак успешно ќе послужи за дискредитирање на Поповски без докази, што, очигледно е и интенцијата зад овој текст. Доволно широките и лабаво формулирани обвинувања оставаат доволно простор за извлекување доколку некој некогаш го повика на одговорност авторот на текстот и медиумот што го објавил ова, а сепак доволно се провокативни за да нанесат штета на угледот на колегата новинар.
На ништо незаснованите шпекулации, покажуваат дека не е водено многу сметка за издржаноста на објавените тврдења, туку само за ефектот кој бомбастично срочените наслов и содржина на написов, ќе го предизвикаат кај читателите.
Навредите и квалификациите од кои „врие“ овој текст, напати се дури и апсурдни и покажуваат од каде, меѓу другото, потекнуваат информациите што се пласираат:
„За Среќко Поповски се врзува и приказната од новинарските кулоари, дека кога требал својата сопруга да ја вработи во Канал 5 (која и денеска работи таму), клечел на колена и молел со солзи во очите да му излезат во пресрет, иако на митингот на 17-ти Мај гордо се слика пред знамето на ЛГБТ, пишуваше неодамна порталот Инфомакс.“
Поврзувањето на наводното ургирање на Поповски да си ја вработи сопругата во провладината „Канал 5“ со темата за ЛГБТ, само бидејќи тој е сликан на протестот пред Владата на РМ, на кој, меѓу многубројните знамиња го има и виножитото кое ги симболизира барањата за правата на ЛГБТ-заедница, навистина ќе беше урнебесно да не е толку сериозен контекстот на ова тврдење. По таа логика, зад Поповски можело да биде и албанското или српското знаме, кои, исто така, се вееја на некои од протестите пред Владата, па со право би се поставило прашањето дали, во тој случај, Поповски ќе беше прогласен за проалбански или просрпски новинар?!?
Единствена дефиниција за овој текст е еден непрекинат спин, од насловот па сè до последната реченица. Спинувањето на вистината преку користење на еден-два познати во јавноста факти како темел за ѕидање на кула од невистини се потпира на информациите за аферата „Телеком“ и сведочењата на инволвирани лица за обемот и за деталите на оваа коруптивна афера од времето кога на чело на македонската Влада бил Бучковски. На оваа информација, која допре до пошироката јавност, се доѕидува тврдењето дека штом Поповски бил раководител на едно од одделенијата на владиниот Генерален секретаријат, кои, според официјалната веб-страница на Владата на Република Македонија ги има 14, тој можеби „добро се офајдил“ од парите во корупцискиот скандал со продажбата на македонскиот „Телеком“. Притоа, без сомневање е земено предвид дека на просечниот читател она „не се исклучува можноста“ далеку помалку ќе му тежи на кантарот на веродостојноста од бомбастичниот втор дел на реченицата „добро се офајдил“ за на тој начин да се дискредитира колегата Среќко Поповски.
Не можејќи, веројатно, да најде ништо друго што Поповски навистина би го прикажало како личност со криминални склоности, написот на крајот се служи со уште една безобѕирна и невтемелена инсинуација:
„Покрај тоа што Поповски беше дел од советничкиот тим во Владата на РМ за време на последниот мандат на СДСМ, јавноста го памети и како советник за односи со јавност на поранешниот скопски градоначалник Ристо Пенов, човекот чии бизниси во времето кога беше градоначалник на Скопје, од тогашната опозиција беа окарактеризирани како матни и сомнителни.“
Дали ова значи дека и другите лица вработени, како и Поповски, во времето на Пенов во Градското собрание, треба да бидат етикетирани како потенцијално корумпирани? На оваа наметната дилема овој напис, се разбира, не дава одговор.
Ширењето невистини, спинувањето и невтемелените тврдења дефинитивно не се нешто што може и треба да најде место во еден напис кој се пласира како новинарски труд. Но, особено згрозува и загрижува кога предмет на навредливите инсинуирања е колега, новинар, човек кој го јаде истиот медиумски леб „со седум кори“. Ваквите писанија се основа за девалвирањето на вредноста на новинарската професија, што е општоприфатена констатација за состојбите во македонското новинарство. Од вакви текстови новинарите би требало да се срамат.
Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).
ИНФОГРАФИК
ВИСТИНИТОСТ
има факти
неточни наводи
неверодостојни наводи
ИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ
има евидентирани извори
неофицијални
нерелевантни
1 извор
еднострани
СЕОПФАТНОСТ
сеопфатнo
прикриени информации
ПРИСТРАСНОСТ
прикажува невистина
извртување на вистина (спин)
лажни информации
наклонетост
политичка пристрасност
КОМЕНТИРАЊЕ
има коментаторски елементи
интегрирано со фактите
ПЛАГИЈАТ
не може да се одреди
ненаведен автор
КВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ
дезинформира
некреативен
сензационален
несоодветен
тенденциозен
ФОТОГРАФИЈА
има
соодветна
манипулира
ненаведен автор(извор)
ГОВОР НА ОМРАЗА
навредлив говор
говор на омраза
не потикнува на насилство
дискриминира
социјална
УРЕДЕН ЗА ВЕБ
средно читлив
неквалитетни мултимедијални елементи
нема контекстуални линкови
делумно стилски уреден
неповрзан со тагови