verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Рецензија: Зошто Груевски и Владата не се виновни за ниските плати и слабата економија!!!

on 29 - 10 - 2014       

Zosto Gruevski i Vladata ne se vinovni za slabata ekonomija-crop-resize

Во целиот овој текст, изместен е контекстот. Не станува збор вадење од контекст на нечија изјава, како што тоа понекогаш се прави, туку станува збор за цел еден напис, кој е земен и ставен во сосема погрешен контекст. И тоа не еден погрешен контекст, туку неколку. Како може еден напис, кој е со една одредена проблематика и се однесува на одредени земји, па дури и други континенти (сигурно не на европскиот), целиот да се земе и да се смести во сосема друг контекст кој нема врска со земјата со која се сака да се поврзе (Македонија), ниту со нејзината власт (актуелната македонска влада), ниту, пак, можат да се влечат паралели меѓу Боцвана и Македонија, а токму тоа и се прави. Просто да се изначуди човек.

ЛинZosto Gruevski i Vladata ne se vinovni za slabata ekonomijaк до оригиналниот напис: Зошто Груевски и Владата не се виновни за ниските плати и слабата економија!!!

Датум и време на објавување: 27. 10. 2014, 13:03

Датум на рецензирање: 29.10.2014

Рецензент: Владимир Петрески

Во текстот, централно место има напис на академско лице од регионот, кој, пак, претставува прераскажан напис од 2001 година, а чиј автор е нобеловецот по економски науки, професор Џозеф Штиглиц. Во овој 13 години стар текст, Штиглиц ја критикува практиката на Светската банка (СБ) и на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), за која се вели дека ги тера сиромашните земји да вршат приватизација, либерализација на сопствените национални пазари, што доведува до одлив на капиталот, потоа либерализација на цените, што, пак, доведува до протести во оние земји што ги спровеле ваквите економски мерки и до отежната економска состојба.

 

ВИКНЕТЕ ЈА НА ПОМОШ ТЕОРИЈАТА НА ЗАГОВОР

Ваквото сценарио за кое Штиглиц говори, потоа е пренесено на наше тло со една реченица, која ако не експлицитно, тогаш сигурно имплицитно вели дека ако Боцвана можела да се спротивстави на ова (оваа земја е дадена како пример за неспроведување на ваквите политики барани од СБ и од ММФ), зошто тоа не би го направиле и ние.

Проблемот е само што еден прераскажан текст, кој не се однесува на Македонија и кој е напишан пред 13 години, сега се бара да се земе како пример за да ги растуриме односите со СБ и со ММФ денеска, што е, се разбира, крајно неприфатливо. Сето ова претставува манипулација, која е недозволена во новинарството.

Инаку, манипулации има уште од самиот почеток на текстот:

„Џозеф Стиглиц, професорт по економија на американскиот универзитет на Стенфорд, е поранешен советник на екс-претседателот на САД Бил Клинтон и екс претседател на Светската банка за обнова и развој. Тој одлучи да „проговори“ за тоа како моќните западни банки и Меѓународниот монтераен фонд во своите тајни документи планира и ладнокрвно предизвикува социјални немири во голем дел на сиромашни и транзициски земји под мотото дека „помагаат“.“

Вакво монструозно тврдење дека меѓународните финансиски институции „во своите тајни документи планираат и ладнокрвно предизвикуваат социјални немири во голем дел на сиромашни и транзициски земји“ бара и јасни и недвосмислени аргументи и факти, според онаа познатата изрека: исклучителните тврдења бараат исклучителни докази. Овде, се разбира, не само што нема аргументи и факти, туку нема ништо.

Политиките на либерализација на економијата на една или повеќе земји во никој случај не значат ладнокрвно предизвикување социјални немири. Плус, па и се говори за „тајни документи“, кои ги нема никаде да ги видиме или барем некој компетентен да ни каже нешто за нив. Настрана фактот што СБ и ММФ не работат во вакуум, туку само по покана и во соработка со владите на земјите, кои, на крајот на краиштата, се тие кај кои се конечните одлуки кои политики ќе се спроведат, а кои не и кои таквите политики мора да ги објаснат пред своите граѓани и гласачи.

Покрај ова, голем дел од политиките за либерализација на пазарите и на пазарните цени се покажале и успешни во редица земји. Точно е дека во некои на почетокот имало пад во економијата, која потоа закрепнала. Не е дека овие политики секаде и нашироко предизвикале пропаст. Точно е дека при либерализација на цените некои од основните животни продукти поскапуваат, но други поевтинуваат (да се сетиме колку беше скапо кафето, на пример, во поранешна Југославија). Трети продукти, пак, кои воопшто ги немало претходно, сега се појавуваат на националните пазари. Точно е и дека капиталот знае да побегне од некои земји, ако тоа му се дозволи, но треба да се има и на ум дека таквиот капитал, кој едвај чека да побегне, по правило е мртов во својата матична земја и тој или малку по малку и онака излегува нелегално или само чека шанса да му се дозволи да биде инвестиран на друго место. Но, точно е и дека субвенционираните цени на некои производи и услуги прават нивната потрошувачка да биде злоупотребувана и тие да бидат поскапо препродавани на оние кои немаат пристап до нив. Таков е случајот со бензинот во Египет во моментов. Електричната енергија, пак, во земјите со цврсто регулиран пазар, каде што таа е значително поевтина, никој не ја штеди заради нејзината ниска цена. Како што е точно и дека редица неприватизирани јавни претпријатија редовно прават загуби, кои мора да се покриваат со големи пари од националните буџети, пари кои можеле да се потрошат многу поефикасно на друго место.

 

ЌЕ ВЕ МАВАМ СО АРГУМЕНТИ СТАРИ 11 ГОДИНИ

Исто така, треба да се каже дека СБ и ММФ не се имуни на влијанија од надвор, туку дека и тие се подложни на редица притисоци и барања да ги имплементираат пазарните и либералните политики, кои историски се имаат покажано како најуспешни, и тоа, особено ако се вратиме на 2001 година, значи 11 години по падот на комунизмот, кога поранешните социјалистички земји веќе привршуваат со приватизацијата, имаа либерализирани цени и бележеа значителен економски пораст, што значи дека рецептот за кој се говори овде имал силни индикации дека би можел да биде успешен и кај сиромашните земји во Азија, Африка и во Јужна Америка. Кај многу од нив тоа и се покажа точно. Но, она што е најбитно е дека денеска, 13 години подоцна, ваквата дискусија не е релевантна, политиките на СБ и на ММФ се многу изнијансирани и прилагодени на приликите во различните земји, што значи дека и оваа анализа е застарена.

Посебен проблем настанува, кога сето ова, пак, ќе се поврзе со Македонија и ќе почнат да се прават паралели со нашата земја. Дека оваа застарена анализа нема врска со Македонија покажува едноставниот факт што уште во 1991 година и со референдумот за независност, а особено со Уставот на самостојна Република Македонија, земјава се определи за либерализирани цени, пазарна економија и приватна сопственост на капиталот. Ова се случи без никакво мешање на СБ и на ММФ, туку како автентична желба на граѓаните на Македонија на тој начин да ја организираат својата економија и држава, а сето тоа поврзано со желбата за членство во ЕУ и во НАТО, каде што сите овие точки се услов за приклучување. Едноставно, со ваквите политики на СБ и на ММФ, Македонија нема никаква врска и поврзаност, зашто тие беа имплементирани уште пред нашите односи со овие две меѓународни институции да се воспостават.

 

БОЦВАНА ГИ ИЗБРКА, АЈДЕ И НИЕ „ПРЕД ДА БИДЕ ПРЕКАСНО“

Уште поапсурдно е да се бара Македонија да им каже „не“ на СБ и на ММФ и тоа денеска, во овој момент, врз основа на нечиј напис стар 13 години, па макар станувало збор и за нобеловец. Настрана фактот што ако денеска го прашате Штиглиц дали смета дека земјите на Источна Европа или, конкретно, Македонија треба да ги избркаат СБ и ММФ, тешко дека самиот тој би одговорил потврдно. Како пример тука треба да се  спомне Унгарија, која, ете, го „избрка“ ММФ и чиј авторитарен режим денес е најкритикуван во цела Европа (по оној на Путин во Русија), а што е поважно, не е дека на Унгарија ѝ цветаат рози сега без ММФ, туку земјата никако не може да се врати на патеката на економски пораст по големата рецесија од 2009 година. Тоа, повторно, значи дека присуството или неприсуството на ММФ во земјата има малку врска со економската состојба ако актуелната национална влада води погрешни политики.

Насловот, пак, е посебна приказна:

Зошто Груевски и Владата не се виновни за ниските плати и слабата економија!!!

Ова е комплетно нејасно од гледна точка на заклучокот во текстот. Ако решението е бркање на СБ и на ММФ, тогаш Груевски и Владата белки се виновни зошто не ги „избркале“ овие две меѓународни финансиски институции. После осум години владеење, сигурно имало момент кога тие можеле да бидат „избркани“ и веднаш потоа да процветаме. Не може сета вина да се префрли врз СБ и врз ММФ, а од друга страна, власта која здушно и ентузијастички соработува со нив и нема никаква намера да ги „брка“, да е невина.

Се разбира, „бркањето“ на СБ и на ММФ би било катастрофален чекор, би ја претворило Македонија во нова Унгарија на европската политичка сцена и ништо не би се решило на економски план. Многу едноставно: ништо од она што се спомнува во написот како погрешни наметнати политики од страна на СБ и на ММФ не е актуелно во моментов во земјава. Станува збор за застарени политики, кои во актуелниов временски контекст не само што не се доминантни, туку се и маргинални. Настрана фактот што помошта што оваа власт ја добива од СБ се однесува на финансирањето на проекти и нема врска со либерализација на цени и слободно движење на капиталот. Кога станува збор, пак, за ММФ, актуелната власт и немаше аранжман со Фондот до изборите во 2013 година. Сето ова покажува дека насловот е едноставно неточен: причините за „ниските плати“ и „слабата економија“ немаат врска со СБ и со ММФ и тие треба да се бараат на друго место.

 

ИМАМЕ И ВИДЕОСНИМКА –  ДО ДУША, НА ДРУГА ТЕМА, АМА ИМАМЕ

Исто така, на крајот од написот е поместено и видеоинтервју со Џозеф Штиглиц, но кое нема врска ниту со текстот, ниту со темата. Ова интервју е значително поново, за разлика од прераскажаниот текст, и, што е најважно, не се однесува на земјите во развој и на неразвиените земји, туку на економските „прилики и неприлики“ во САД. Јасно е дека тоа е ставено само колку да се збогати написот и со видеосодржини. Но, тоа не може да се направи со видеоснимка на сосема друга тема, а да не говориме за фактот што тој, пак, не е воопшто ни преведен.

Овој текст никому не служи на чест. Ако веќе се сакало да се истражи влијанието на СБ и на ММФ врз македонската економија или врз економските политики на актуелната власт, тоа и требало да се направи на вистинскиот новинарски и професионален начин. Тоа значи дека треба да се изврши целата обемна истражувачка работа, па потоа да се види какви информации и факти ќе се добијат за на крај врз основа на нив да се извлечат заклучоци. Не вака. Не „прекутрупа“, што би се рекло, односно по скратен пат каде се искористил текст стар 13 години (и тоа прераскажан од друго лице) и врз основа на тоа се изградил став, кој само набрзина се „лупнал“ како таков во насловот, малку на почетокот и малку на крајот. Тоа во новинарството не се прави така.

 


Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

ИНФОГРАФИК

infoVistinitostВИСТИНИТОСТ

донекаде

и точни и неточни

неверодостојни наводи

infoVistinitostИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ

има евидентирани извори

неофицијални

нерелевантни

1 извор

еднострани

infoVistinitostСЕОПФАТНОСТ

сеопфатнo

прикриени информации

infoVistinitostПРИСТРАСНОСТ

делумно прикажува вистина

извртување на вистина (спин)

лажни информации

наклонетост

политичка пристрасност

infoVistinitostКОМЕНТИРАЊЕ

има коментаторски елементи

интегрирано со фактите

infoVistinitostПЛАГИЈАТ

делумна копија

наведен извор без линк

infoVistinitostКВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ

дезинформира

некреативен

сензационален

несоодветен

тенденциозен

infoVistinitostФОТОГРАФИЈА

има

соодветна

ни манипулира ни информира - ставена е само како илустрација

ненаведен автор(извор)

infoVistinitostГОВОР НА ОМРАЗА

нема навредлив говор

нема говор на омраза

не потикнува на насилство

не дискриминира

infoVistinitostУРЕДЕН ЗА ВЕБ

средно читлив

неквалитетни мултимедијални елементи

нема контекстуални линкови

делумно стилски уреден

неповрзан со тагови

Претплатете се за најнови вести