Рецензија: Зоран Заев во Скопје, а Струмица се дави во поплави
Објавено во Рецензии
on 3 - 10 - 2013 Автор: Југослава ДуковскаУште од самиот наслов „Зоран Заев во Скопје, а Струмица се дави во поплави“ е евидентна намерата не да се известува за состојбата со поројниот дожд во Струмица, туку да се пишува за „ликот и делото“ на струмичкиот градоначалник. Самата содржина на написот тоа впрочем и речито го потврдува. Написот нема амбиции да информира, приказот на штетите од поројните дождови е даден на самиот крај, во последниот пасус од текстот, како нешто што е најмалку важно во целата работа. Но, затоа во поднасловот стои дека
„Дождови ја поплавија Струмица, а Зоран Заев од Скопје молчи и за штетите и за јавните набавки“
со што и несвесно е прикажан вистинскиот мотив за пишување на овој напис – да биде дел од кампањата против струмичкиот градоначалник и лидер на СДСМ, Зоран Заев, која владеачката партија деновиве ја води преку настапи и написи во медиумите, обвинувајќи го за корумпираност и непотизам.
Линк до оригиналниот напис: Зоран Заев во Скопје, а Струмица се дави во поплави
Датум и време на објавување: 1.10.2013, 13:01
Датум на рецензирање: 2.10.2013
Рецензент: Југослава Дуковска
Вистинитост: Иако е точна констатацијата дека големи делови од Струмица сѐ уште се изложени на опасност од поплавување при поголеми поројни дождови, тврдењето дека градот нема систем за одведување на атмосферската вода е невистинит, бидејќи се работи за проект на Владата на РМ за кој биле одвоени средства во 2006 година, но кој е само делумно завршен и чијашто реализација е запрена.
Извори на информации: Целиот напис се базира на тврдења непоткрепени од ниту еден извор на информации. Не е побарано објаснување од Општината зошто Струмица и натаму се поплавува после секој посилен дожд, ниту има автентични изјави на струмичани на таа тема, иако постојат фотографии од самото место на настанот, што значи дека редакцијата имала некого на лице место. Но, затоа, пак, се успеало да се утврди дека Заев не бил меѓу своите сограѓани кога се случило поплавувањето туку „уживал во удобната фотелја на Бихаќка“.
Содржајност: Со оглед на тоа што како единствен аргумент за нападот врз градоначалникот на Струмица се користи недоизграденоста на системот за одвод на атмосферските води, во информацијата се манипулира со причините зошто проектот не е довршен, при што вината му се припишува на Заев и само поупорниот читател, кој ќе пребара низ архивите и ќе побара дополнителни информации, ќе дознае што е всушност проблемот.
Пристрасност: Написот е школски пример за спин и политичка пропаганда, без многу огради и користење на ракавици во начинот на изразување и во дискредитацијата на „субјектот“ кој го „обработува“, а тоа е градоначалникот на Струмица и претседател на СДСМ, Зоран Заев.
Речениците од типот „Дождови ја поплавија Струмица, а Зоран Заев од Скопје молчи и за штетите и за јавните набавки“ и „Наместо да излезе на терен со сограѓаните, Заев ужива во удобната лидерска фотелја на Бихаќка“, освен што делуваат гротескно, не служат за да информираат туку за да оцрнат и дисквалификуваат.
Коментирање: Целиот напис е срочен во форма на критички памфлет, па коментаторските елементи го сочинуваат најголемиот дел од написот. Само последниот пасус има конкретни податоци, односно зборува за реалната слика на Струмица после поројниот дожд.
Квалитет на насловот: Насловот е сублимат на намерите изразени во текстот, а тоа е по секоја цена да се оцрни струмичкиот градоначалник.
Фотографија: Доколку написот беше реализиран во форма на репортажа од местото на настанот, односно Струмица по поројните дождови, фотографиите, кои се автентични и актуелни, иако не се сите со добар квалитет, ќе беа добра илустрација на таквиот текст. Но, со оглед на тоа што текстот повеќе се занимава со градоначалникот и прв опозиционер Заев отколку со последиците од дождовите, изборот на фотографиите не е докрај соодветен, односно тие не ја извршуваат докрај својата функција.
Говор на омраза: Елементите кои ги содржи написот укажуваат на намерата, преку овој текст, да биде дискредитирана личноста на градоначалникот на Струмица, Зоран Заев, во јавноста.
Заклучок: Информирањето за поплавувањето на некои делови на Струмица по последниот пороен дожд очигледно бил само добар шлагворт за објавување на уште еден од низата пропагандни текстови во кои на мета е градоначалникот на Општина Струмица и актуелен лидер на опозиционата СДСМ, Зоран Заев.
Се манипулира со фактите кои не и се познати на пошироката јавност, а тоа е дека Струмица се уште нема заокружен систем за одведување на атмосферските води, иако за тој проект Владата на РМ одвоила средства во износ од 1 милион евра. Но, и покрај тоа што средствата се издвоени со одлука на Владата непосредно пред формирањето на првата влада на премиерот Никола Груевски во 2006 година, овој владин проект бил започнат, па прекинат и оттогаш е закочена неговата реализација. Сепак, овде вината му е припишана исклучиво на Заев, кој е и прозван како главен виновник за тоа што Струмица има проблем со одводот на атмосферските води.
Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).
ИНФОГРАФИК
ВИСТИНИТОСТ
има факти
неточни наводи
неверодостојни наводи
ИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ
нема евидентирани извори
СЕОПФАТНОСТ
несеопфатнo
прикриени информации
ПРИСТРАСНОСТ
делумно прикажува вистина
извртување на вистина (спин)
лажни информации
наклонетост
политичка пристрасност
КОМЕНТИРАЊЕ
има коментаторски елементи
интегрирано со фактите
ПЛАГИЈАТ
не може да се одреди
ненаведен автор
КВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ
не информира
некреативен
сензационален
несоодветен
тенденциозен
ФОТОГРАФИЈА
има
соодветна
информира
ненаведен автор(извор)
ГОВОР НА ОМРАЗА
навредлив говор
нема говор на омраза
не потикнува на насилство
не дискриминира
УРЕДЕН ЗА ВЕБ
солидни мултимедијални елементи
нема контекстуални линкови
делумно стилски уреден
неповрзан со тагови