verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Рецензија: Жерновски навиваше во дрес со боите на Грција!?

on 19 - 06 - 2014       

maicka-zernovski-crop-resize

Без оглед што станува збор за напис објавен од забавен портал, темата е повеќе од сериозна. Камуфлиран како бенигна информација поврзана со актуелен спортски натпревар, овој текст всушност е политички атак врз опозиционен политичар, градоначалникот на Општина Центар, Андреј Жерновски. Во него без многу суптилност Жерновски е претставен како предавник на сопствената држава и нација бидејќи

„Дојде да навива на трибините во Борис Трајковски облечен во  „Адидас“ маичка или дрес, што ли ќе беше, во сина боја со бели ленти,  кои се националните бои на нашиот вчерашен противник – Грција.“

За да се подвлече драматичноста на предавството на Жерновски, во текстот има и вакви искази:

„Речиси сите беа облечени во боите на нацијата, освен тој…“

иако самите слики приложени како илустрација на текстот го покажуваат спротивното, поточно покажуваат шаренило на луѓе во разнобојна облека – иако навистина преовладуваат жолтата и црвената боја. Се сугерира дури и недостаток на национални чувства кај Жерновски:

„ Многумина кои го видоа на трибините гласно се запрашаа каде живее човеков? Дали  нема национално чувство или му недостасува осет за навивачки дрес-код!? Или…“

Во целиот напис не станува збор за ништо друго освен за тоа дека облеката на градоначалникот на Општина Центар била во боите на дресот на националниот тим на Грција (што е неточно, бидејќи според описот на грчкото знаме  тоа може да биде од изразито светлосина до потемна „маринско сина“ боја), а требала да биде во боите на македонското знаме (се работи за необврзувачки дрес-код кој некои од присутните го почитуваа, а некои не). Лајт-мотивот на овој текст-хибрид помеѓу извештај од настан и коментар е „предавството“ на Жерновски и содржи опасна теза за потреба од униформирање на истомислениците (па биле тие и навивачи на националниот тим) и како таков е наменет за пресметка со него и не е во функција на информирање на читателите.

Рецензија: Жерновски навиваше во дрес со боите на Грција!?Линк до оригиналниот напис: Жерновски навиваше во дрес со боите на Грција!?

Датум  и време на објавување: 16.06.2014, 9:29

Датум на рецензирање: 17.06.2014

Рецензент: Југослава Дуковска

 

ТЕМНОСИНАТА – БОЈА НА НАЦИОНАЛНО ПРЕДАВСТВО?

Очигледниот факт дека Жерновски на натпреварот Македонија-Грција бил облечен во тегет маичка, за што сведочат фотографиите, е искористен како основ за напад врз овој политичар. Оттука, текстот за кој станува збор навистина се темели врз факти, кои се точни и веродостојни, но тука завршува секоја сличност со новинарски текст кој донесува вистинити и кредибилни информации. Сета останата содржина претставува банализација и приземна злоупотреба на фактите со кои се оперира, како и пласирање на очигледни невистини.

Во написот е пробано да се прикрие она што е очигледно веќе и од самите приложени фотографии, а тоа е дека Жерновски не бил единствениот во салата Борис Трајковски кој не го „почитувал навивачкиот дрес-код“ за натпреварот на ракометната репрезентација на Македонија со Грција. Иако се парафразираат наводните коментари на присутните за несоодветниот избор на гардероба на Жерновски, нема изјава од самиот градоначалник на Центар со која би му се дала шанса самиот да ги објасни евентуалните мотиви за своето „предавство“.

Низ целиот напис провејува непријателски став кон Жерновски, кој е прикажан како да е издвоен од насобраните навивачи, со сугестивни забелешки и коментари кои треба да создадат впечаток дека тој не припаѓа таму.

Насловот содржи невистинит исказ – дека Жерновски навивал во дрес со боите на Грција. Жерновски не е облечен во дрес, тоа може да се посведочи од фотографиите, а исто така, но многу поважно е што воопшто се проблематизира носењето на облека во темно-сина боја на натпреварот, како бои на Грција, односно неносењето на „националните“ бои на Република Македонија.

Фотографиите, како примарен извор на информацијата се ставени во функција на тезите во текстот. Сепак, тие покажуваат колку се неточни тврдењата бидејќи на нив се гледа вистинско шаренило од разнобојна облека на присутните на трибините во салата Борис Трајковски (на некои од фотографиите дури преовладуваат други бои во однос на црвената и жолтата).

 

МОДНА ИЛИ ПОЛИТИЧКА ДИСКРИМИНАЦИЈА ?

Во написот има елементи на дискриминација, издвојување на една личност од останатите поради начинот на кој таа е облечена, што само на прв поглед звучи смешно. Ставен во контекст на анализа на однесувањето на еден политичар кој припаѓа на опозициониот блок, оваа „модна“ дискриминација зазвучува мошне сериозно и претставува обид за маркирање, сегрегирање на поединец од толпата.

Дали во Македонија постои дрес-код кој еден човек го става во ранг на предавници и која е тогаш облеката на вистинските патриоти? На ова прашање се обидува, додуша недугаво и несмасно, да даде одговор текстот кој е предмет на оваа рецензија. Тезата за патриотски и предавнички дресови е опасен преседан дури и за медиуми кои преферираат лежерни, „несериозни“ содржини и треба да се издвои и посочи како таква затоа што протнувањето на вакви написи со образложение дека се работи за текст со „лесни ноти“ може да биде вовед во пресметка со неистомисленици, кои нема да отскокнуваат само според бојата на дресот.


Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

ИНФОГРАФИК

infoVistinitostВИСТИНИТОСТ

има факти

точни наводи

веродостојни наводи

infoVistinitostИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ

има евидентирани извори

неофицијални

релевантни

1 извор

еднострани

infoVistinitostСЕОПФАТНОСТ

несеопфатнo

прикриени информации

infoVistinitostПРИСТРАСНОСТ

делумно прикажува вистина

извртување на вистина (спин)

лажни информации

наклонетост

политичка пристрасност

infoVistinitostКОМЕНТИРАЊЕ

има коментаторски елементи

интегрирано со фактите

infoVistinitostПЛАГИЈАТ

не може да се одреди

ненаведен автор

infoVistinitostКВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ

дезинформира

некреативен

сензационален

несоодветен

тенденциозен

infoVistinitostФОТОГРАФИЈА

има

соодветна

манипулира

наведен автор(извор)

infoVistinitostГОВОР НА ОМРАЗА

навредлив говор

нема говор на омраза

не потикнува на насилство

не дискриминира

политичка дискриминација,

infoVistinitostУРЕДЕН ЗА ВЕБ

читлив

солидни мултимедијални елементи

нема контекстуални линкови

стилски уреден

неповрзан со тагови

Претплатете се за најнови вести