Рецензија: Женска тепачка на плоштад Македонија – три лица завршија во болница
Објавено во Рецензии
on 22 - 11 - 2013 Автор: Тони ДимковНаписот е илустриран со несоодветна фотографија. Нагласена е родовата припадност со што е нарушен принципот на еднаквост меѓу половите и информацијата во целост е преземена од полициски извештај. Тоа се клучните забелешки за овој напис, кој не би можел да се нарече новинарски производ, туку информација поставена на огласна табла.
Линк до оригиналниот напис: Женска тепачка на плоштад Македонија – три лица завршија во болница
Датум и време на објавување: 16.11.2013
Датум на рецензирање: 22.11.2013
Рецензент: Тони Димков
Вистинитост: Фактите врз кои се темели написот се добиени, препишани или само пренесени од извештај на полицијата. Нема причина да не веруваме во нивната веродостојност.
Извори на информации: Единствениот извор кој може да се евидентира во написот е полицијата. Информациите од изворот соодветно се употребени во објавениот напис.
Содржајност: Текстот во целост е базиран на полицискиот извештај. Минималното ниво на сеопфатност е задоволено, иако нема изјави од очевидци или учесници во констатираното дејство. Имињата на учесниците во дејството соодветно се наведени со иницијали.
Пристрасност: Нема обид за извртување на вистината. Написот само ја пренесува информацијата добиена од изворот.
Оригиналност/Плагијат: Не може да се одреди дали написот е целосна копија на полицискиот извештај или целосна копија на напис објавен на друг портал. Освен датумот, не е наведено точното време во кое е објавена информацијата. Истата информација на истиот датум е пренесена во повеќе различни портали. Написот е објавен без наведен автор.
Квалитет на насловот: Насловот е јасен и соодветен за објавената информација. Дилеми предизвикува акцентирањето на половата припадност на учесниците во наведеното дејство.
Фотографија: Употребата на несоодветна фотографија е најголемата причина за рецензија на написот. Отсуството на автентична фотографија која би го илустрирала настанот можело да биде компензирано со неутрална фотографија. Во овој случај е употребена фотографија на која е прикажан судир меѓу полицијата и група граѓани што учествуваат во протест што нема никакви допирни точки со објавената информација. Затоа на овој начин е направена груба манипулација со фотографијата. Секако, не се објавени ниту авторството на фотографијата, ниту нејзиниот извор. Употребената фотографија е од протестот организиран поради убиствата кај Смиљковското езеро во април 2012 година.
Говор на омраза: Акцентирањето на родовата припадност на учесниците во дејството го суспендира принципот на еднаквост меѓу половите. Доколку стануваше збор за „машка“ тепачка, сигурно тоа немаше да биде спомнато во насловот. Во овој случај половата еднаквост е повредена со обидот да се постигне сензација.
Заклучок: Медиумите не се огласна табла на која може да се објавуваат соопштенија на државните институции без новинарска обработка. На тој начин само се девалвира новинарството како професија. Манипулацијата со несоодветни фотографии е неетички чин кој нема допирни точки со новинарството.
Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).
ИНФОГРАФИК
ВИСТИНИТОСТ
има факти
точни наводи
веродостојни наводи
ИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ
има евидентирани извори
официјални
релевантни
1 извор
еднострани
СЕОПФАТНОСТ
сеопфатнo
прикриени информации
ПРИСТРАСНОСТ
целосно прикажува вистина
нема извртување на вистина (спин)
нема лажни информации
не аплиактивно
КОМЕНТИРАЊЕ
нема коментаторски елементи
ПЛАГИЈАТ
не може да се одреди
ненаведен автор
КВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ
информира
некреативен
сензационален
соодветен
јасен
ФОТОГРАФИЈА
има
несоодветна
манипулира
ненаведен автор(извор)
ГОВОР НА ОМРАЗА
нема навредлив говор
нема говор на омраза
не потикнува на насилство
дискриминира
полова дискриминација
УРЕДЕН ЗА ВЕБ
средно читлив
неквалитетни мултимедијални елементи
нема контекстуални линкови
делумно стилски уреден
неповрзан со тагови