verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Рецензија: Железницата чека подобри вагони за подобри денови

on 16 - 07 - 2013       

Веста отвора премногу прашања во врска со железничкиот сообраќај во земјава, но не ги затвора. Почнува со став и завршува тврдење, кое има коментаторски елементи. За вакво нешто немало потреба во една телевизиска вест.

Рецензија: Железницата чека подобри вагони за подобри деновиЛинк до оригиналниот напис: Железницата чека подобри вагони за подобри денови

Датум и време на објавување: 11.07.2013, 20:35

Датум на рецензирање: 12.07.2013

Рецензент: Владимир Петрески

Вистинитост: Секако дека во веста има вистинити наводи. Најголем број се бездруго вистинити.  Но, има и непоткрепени и недоволно поткрепени ставови и коментари. Проблем е што и самата вест наместа е недоречена и нејасна. И во недореченоста страдаат деталите. А, деталите се неопходни за да се осознае вистината и читателот да не остане збунет или делумно информиран. Вака како што е објавена, веста покрај што информира, отвора прашања, кои едноставно требало да бидат објаснети или воопшто да не се отвораат во една кратка телевизиска вест.

Веста почнува со тврдење:

„Никој не сака да патува со воз.“

Ова е невообичаено за вест. Новинарско тврдење веднаш на почетокот на вест без извор. Настрана фактот што може и да биде збунувачко. Истиот ден, истиот медиум објавува уште една вест на слична тема, чиј наслов гласи: „По повод Пиво фестот во Прилеп, МЖ со вонредни возови на релација Скопје-Прилеп“. Веднаш се поставува прашањето: Ако никој не сака да патува со воз зошто тогаш МЖ вади вонредни возови за да превезува луѓе на пивски фестивал?

Збунетоста продолжува и кога ќе се земе предвид следното тврдење на авторот:

„Старите возови кои се обраќаат на линија еднаш дневно, ги принудија патниците, за поскапа карта на одмор наместо со воз да заминат со автобус.“

И тука веднаш се поставува прашањето: Ако возовите на МЖ се стари и ако сообраќаат само еднаш дневно, од каде најде МЖ возови за да превезува патници на пивски фестивал? Не е ли подобро овие вишок возови да не се користат за носење патници на забава, туку за проширување на линиите, кои транспортираат патници што имаат поважна работа отколку посета на пивски фестивал? Значи ли ова дека МЖ ги прекинал редовните линии за да заработи некој денар повеќе од транспорт на патници на пивски фестивал или станува збор за нешто друго?

На авторот на оваа рецензија, кој не е железнички инженер или експерт, како и најголем дел од публиката, не му е докрај јасно ни следново тврдење:

„Странците што минуваат низ трасата се жалат дека со нивните модерни вагони имаат проблем при транзитирање низ државава.“

Во што се состои проблемот? Имаме премалку локомотиви за „нивните модерни вагони“, па тие треба предолго да чекаат некоја локомотива да ги преземе? (Ако воопшто тоа така функционира во железничкиот сообраќај – рецензентот едноставно не знае). Дали нашите стари локомотиви се некомпатибилни во странските модерни вагони? Дали можеби ова нема врска со нашите локомотиви, туку со компатибилноста на пругите? Што е проблемот? Зошто странците имаат проблем со транзитирањето низ државава при користење на железничката траса низ Македонија? Едноставно не знаеме.

Проблематично е и следново тврдење:

„Но Дерковски охрабрува. Вели дека наскоро ќе се набавуваат нови вагони за патничкиот и товарниот сообраќај.

Со тоа ќе се зголеми и бројот на возови со што ќе се придонесе кон зачестен возен ред, па патниците ќе се вратат на далеку покомотното и поекономично патување како низ државава така и во странство.“

И овде не е сѐ баш најјасно. Авторот испуштил да каже дека, покрај нови вагони, се очекуваат и нови локомотиви. Со оглед на тоа што Дерковски во својата изјава кажува дека МЖ има само 6 локомотиви, може да изгледа збунувачки како тоа бројот на возови ќе се зголеми само со нови вагони и ист, мал број на локомотиви и во ситуација кога заради нивен недостиг има мал број линии. Гледачот/читателот може да добие погрешен впечаток дека бројот на локомотиви ќе остане ист, што би значело и дека бројот на возовите ќе остане ист, само што тие би содржеле повеќе вагони.

Овие нејаснотии не покажуваат дека веста не е вистинита или дека наводите не се точни, но сигурно покажуваат дека вистината и наводите во веста се недоречени. Таа е така изработена што содржи нејасностии и фактите се „флуидни“ и недофатливи или, во најмала рака тешко дофатливи.

Извори на информации: Извор на информациите во веста е вистинскиот човек – директорот на Македонски железници – Оливер Дерковски. Но, изворот не е искористен на вистински начин. Директорот на МЖ едноставно можел да биде прашан да ги разјасни сите нејаснотии и да расчисти и некои дополнителни детали.

На едно место Дерковски вели дека:

„Единствена можност и цел да функционира оваа компанија добро е само да се развива превозот на стока, односно каргото, да се воспоставуваат стандардите коишто владеат во Европа и да се отвораат нови коридори за транспорт на стоката.“

Ако е така, тогаш Дерковски бездруго требало да биде прашан зошто МЖ не е меѓу првите инвеститори и основачи на регионалната железничка компанија „Карго 10“, во која главни основачи се железниците на Србија, Хрватска и Словенија, а Македонија е во втор план, иако земјава е дел до главната железничка траса на Коридорот 10. Тој, исто така, требало да биде прашан кој тоа треба во МЖ да ги воспостави стандардите кои „владеат во Европа“, ако не самата МЖ.

А, покрај тоа, ова беше и одлична прилика Дерковски да биде прашан до каде е набавката на 6 нови локомотиви и 150 нови вагони за кои компанијата доби кредит од Европската банка за обнова и развој уште пред 9 месеци.

Но, ништо од ова не  прашано и никакви поконкретни податоци за овие прашања во веста нема.

Содржајност: Оваа вест е и премногу сеопфатна во однос делумните информации што ги нуди, кои само ги загатнуваат нештата, но кои не нудат конкретни информации и не ги објаснуваат работите до крај.

Станува збор за телевизиска вест. Во радиските и ТВ вестите нема простор за многу детали, зашто времето е кратко и мора да се каже само она што е најважно.

Но, оваа вест е организирана на таков начин и загатнува толку многу работи како во минута-две да може да објасни редица проблеми и прашања околу железничкиот сообраќај во Македонија, па дури и да понуди решенија. Тоа е многу тешко. Затоа и конкретни одговори не дава ниту директорот Дерковски, кој начелно говори за развој на превозот на стока, европски стандарди и нови коридори.

Оваа вест, ваква каква што е, можела да има смисла кога би била направена како сторија, значи кога би ѝ се дало повеќе време за да се расчистат деталите. Но, со оглед на тоа што станува збор за вест, таа требало да има помали амбиции. На пример, можела да се сконцентрира да нѐ информира до каде е набавката на новите локомотиви и вагони и да добиеме информации дали МЖ е задоволна со реставрацијата на постоечките локомотиви и како тоа се одрази врз железничкиот сообраќај и севкупната работа на МЖ.

Или, пак, да дознаеме со какви тоа поточно проблеми се соочуваат странците кога нивните вагони треба да транзитираат низ земјава. Сигурно претставува сериозен проблем и за нашата железница и за нашата држава ако не можеме правилно и навремено да ги опслужуваме странските вагони. Или, пак, можело да се извести за тоа кои линии ќе бидат засилени и кои нови линии ќе бидат отворени кога ќе стигнат новите вагони. Ова би било интересно за патниците, кои користат железница.

Ваква, каква што е , иако веста е сеопфатна, таа наместа е нејасна и недокажана.  Почнува со тврдење дека никој не сака да патува со воз, па кажува колку отсто од приходите на МЖ биле од билети, па говори за вината што ја има кризата во Грција за намалениот транспорт на стока, за проблемите што странските вагони ги имаат кога транзитираат низ земјава, за на крај неодредено да се истакне дека се очекуваат нови вагони (локомотивите се заборавени) и да се понуди оптимистичка визија дека со тоа патниците ќе се свртат кон железничкиот сообраќај. Сето ова е ставено во неполни 15 реда и затоа редица информации се едноставно недоречени.

Пристрасност: Сомневања за спин можат да се имаат со оглед на тоа што веста на крај завршува со позитивно и оптимистичко тврдење дека:

„ ќе се зголеми и бројот на возови со што ќе се придонесе кон зачестен возен ред, па патниците ќе се вратат на далеку покомотното и поекономично патување како низ државава така и во странство“.

Од друга страна, пак, директорот Дерковски вели дека иднината на МЖ ја гледа во каргото, во европските стандарди и новите коридори. Значи нешто многу повеќе од  новите вагони. Но, ова само по себе не е доволно да се каже безрезервно дали ова тврдење е ставено заради пристрасност или станува збор за убедување на авторот. Особено што првиот коментар: „Никој не сака да патува со во воз“ е отворено критичен. Во ваква ситуација, кога постојат само бегли сомневања, фер е да се каже дека веста е непристрасна и не содржи спин.

Коментирање: Веста почнува со став, а и завршува со своевиден коментар. За такво нешто немало потреба. Многу подобро ќе беше ако скапоцениот телевизиски простор се искористеше за дополнителни информации од кои гледачите на прилогот и читателите на сајтот самите ќе можеа да извлечат свои квалификувани заклучоци.

Квалитет на насловот: Насловот е соодветен на веста каква што е. Точно е дека МЖ чека подобри времиња. Но, од друга страна, тој е премногу генерички. Кој тоа не чека, или не посакува, или не се надева на подобри времиња? Подобро ќе беше насловот да содржеше новост во или информација – можеби тоа дека само 8 отсто од приходите на МЖ се од карти или дека заради кризата во Грција драстично е намалена побарувачката и на услугите за превоз на стока или нешто слично.

Фотографија: Веста нема фотографија, но затоа има видео на местото каде што по правило стојат фотографиите. Некои портали применуваат ваков пристап, додека други вадат фотографија од видеото и неа ја ставаат горе, додека видеото оди под текстот. Двата пристапи имаат и позитивни и негативни елементи. Ако има фотографија, страната изгледа побогато. Но, во тој случај читателот треба да оди надолу за да види дека има и видео клип. Со оглед на фактот што неговото постоење не е соопштено никаде, така можело да се случи видеото да не биде забележано. Така што, овој пристап со поставување само на видео е сосема легитимен.

Уреден за веб: Она што паѓа во очи е фактот што во текстуалната вест ги нема изјавите на директорот на МЖ, Оливер Дерковски, што ги има во видеото. Тоа е штета. Редица посетители на сајтот можеби нема да го отворат видеото, ќе се „фатат“ за текстот и така нема да ги прочитаат изјавите на Дерковски. Без нив, текстуалната вест е нецелосна и делува осакатено и уште понедоречено. Изјавите на директорот на МЖ секако требало да бидат вклучени во текстуалната вест  на истите места на кои се и во телевизиската вест – и заради целовитост и за да се биде консеквентен.

Заклучок: На коментаторски елементи во една вест не им е место. Особено не на почетокот на веста и на тврдења на крајот од веста. Исто така, во кратка телевизиска вест од 90 секунди не е упатно да се отвораат премногу прашања за кои нема време да се одговорат. Ако се отвораат повеќе прашања треба од уредникот да се побара повеќе простор за сторија. Што и не би било лошо зашто новинарот успеал да добие извор кој е најрелевантен кога станува збор за железниците.

Отворањето премногу прашања во една вест доведува до тоа некои од нив да останат неодговорени или не до крај разјаснети и да го збунат гледачот/читателот.


Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

ИНФОГРАФИК

infoVistinitostВИСТИНИТОСТ

има

не може да се утврди

не може да се утврди

infoVistinitostИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ

има

официјални

релевантни

1 извор

еднострани

infoVistinitostСЕОПФАТНОСТ

сеопфатна

можеби

infoVistinitostПРИСТРАСНОСТ

делумно

нема

нема

infoVistinitostКОМЕНТИРАЊЕ

има

интегрирани

infoVistinitostПЛАГИЈАТ

оригинално дело

наведен автор

infoVistinitostКВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ

не информира

некреативен

несензационален

соодветен

јасен

infoVistinitostФОТОГРАФИЈА

нема

infoVistinitostГОВОР НА ОМРАЗА

нема

нема

infoVistinitostУРЕДЕН ЗА ВЕБ

читлив

квалитетни

нема

делумно уреден

не

Претплатете се за најнови вести