verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Рецензија: Зголемен интересот за купување на дрва од ЈП „Македонски шуми“

on 5 - 08 - 2014       
Овој напис го има и на: Албански

Зголемен интересот за купување на дрва од ЈП Македонски шуми NetPress-crop-resize

Обична вест од локално значење објавена на национален портал, искористена во политички пропагандни цели преку плиток спин, но и вест која има проблем со интерната логика и буди редица прашања во однос на понудените наводи, отколку што одговоара, со што се доведува во прашање нејзината вистинитост.

Зголемен интересот за купување на дрва од ЈП Македонски шуми NetPressЛинк до оригиналниот напис: Зголемен интересот за купување на дрва од ЈП „Македонски шуми“

Датум и време на објавување: 05.08. 2014, 15:23

Датум на рецензирање: 05.08.2014

Рецензент: Владимир Петрески

Пропагандата се познава по деталите, односно или по нивниот недостиг или по нивната нелогична употреба. Овде имаме проблем токму со деталите. Се вели дека

„По намалувањето на цената на огревните дрва од страна на Владата за 10 отсто за сите граѓани и 15 отсто за социјално загрозените семејства, зголемен е интересот за набавка на огревни дрва, велат во складот на Шумското стопанство „Бабуна“ од Велес кој е во рамки на ЈП „Македонски шуми“.

Добро. Нека биде така. Може ли да добиеме некоја информација која би го поткрепила ова тврдење? Очигледно не може. Она што го добиваме, од друга страна, се податоци и наводи кои се проблематични.

Во написот се вели дека ШС „Бабуна“ располага со „50-60 метри кубни дрва – бука“, како и дека тоа се количества што ќе се дополнуваат. Хммм… 50-60 кубни метри бука е количество кое е доволно за 5-8 домаќинства да ја поминат зимата, ако се знае дека едно домаќинство во просек троши 7-10 кубни дрва за една зима. Ова е едноставно премало количество и дури и целото тоа да се продаде од него не може да се донесе никаков заклучок за некаква поголема заинтересираност на граѓаните.

Понатаму, пак, се вели дека ШС располага и со дрва за огрев од даб, кои се во „поголеми количства“ (не се кажува колкави), но се додава дека за нив го нема владиниот попуст од 10-15 отсто и дека овој вид дрво за огрев чини 2.453 денари, наспроти буката која со попуст чини 2.050- 2.134 денари за метар кубен. Што да заклучиме од ова? Дека дрвата за огрев со попуст се во ограничени количества, само колку да се залажат граѓаните да мислат дека има попуст, но кога тие ќе се потрошат, ќе мора да се купува дабот, кој е поскап? Како поинаку ова да се сфати? Инаку, продажбата на дабот по повисока цена нема логика ако има поевтина бука за сите. Ниедно од овие прашања не се одговорени. Бројките само се ставени како такви без контекст (освен оној за попустот за кој е заслужна владата) и без никакви дополнителни информации. Нема ни информации колкави се расположливите количества и од едниот и од другиот вид дрва, дали се нуди сечење на дрвата и која е цената за тоа, како се регулира транспортот до домовите, итн. Ништо од тоа.

Изворите на информации се официјални, но се многу лошо искористени. Се гледа дека многу поважна била пропагандната вредност на веста, отколку информативната.

Насловот е исто онолку проблематичен како и веста. Тој ја содржи главната информација за зголемениот интерес за дрва за огрев и после ваков наслов секој читател очекува да добие информации како е зголемен интересот, преку кои показатели, но такво нешто во веста нема. Настрана фактот што насловот генерализира. Имено, целата вест се однесува на една испостава на „ЈП „Македонски шуми“ во Велес, а тој наведува на тоа дека интересот е зголемен во целото јавно шумско претпријатие.

На крај, вреди да се запрашаме што бара една ваква вест од комплетно локално значење на национален портал. Оваа вест е интересна само за жителите од Велес и велешко, евентуално од нешто поширокиот централен дел на земјава. Сигурно никој од Скопје, Охрид или Струмица нема да се запати во Велес со камион да купува дрва. Затоа на оваа вест и е место на некој локален портал или на локалните радио и ТВ станици. Но, целта овде не е информирањето за тоа како граѓаните да се снабдат со дрва за огрев (да било така веста ќе била сосема поинаку структурирана и побогата со податоци), туку да се заработи уште еден политички поен за власта. Без оглед колку евтин.


Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

ИНФОГРАФИК

infoVistinitostВИСТИНИТОСТ

има факти

точни наводи

веродостојни наводи

infoVistinitostИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ

има евидентирани извори

официјални

релевантни

1 извор

еднострани

infoVistinitostСЕОПФАТНОСТ

несеопфатнo

прикриени информации

infoVistinitostПРИСТРАСНОСТ

делумно прикажува вистина

извртување на вистина (спин)

не може да се утврди

наклонетост

политичка пристрасност

infoVistinitostКОМЕНТИРАЊЕ

има коментаторски елементи

интегрирано со фактите

infoVistinitostПЛАГИЈАТ

целосна копија (агенциска вест)

ненаведен автор, ненаведен извор

infoVistinitostКВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ

не информира

некреативен

сензационален

несоодветен

тенденциозен

infoVistinitostФОТОГРАФИЈА

има

соодветна

информира

ненаведен автор(извор)

infoVistinitostГОВОР НА ОМРАЗА

нема навредлив говор

нема говор на омраза

не потикнува на насилство

не дискриминира

infoVistinitostУРЕДЕН ЗА ВЕБ

читлив

квалитетни мултимедијални елементи

нема контекстуални линкови

стилски уреден

поврзан со тагови

Претплатете се за најнови вести