verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Рецензија: Законот за медиуми гарантира слобода на изразување

on 6 - 06 - 2013       

Сугестивен и декларативен наслов – за тие што читаат само наслови и веруваат во нив.

Рецензија: Законот за медиуми гарантира слобода на изразувањеЛинк до оригиналниот напис: Законот за медиуми гарантира слобода на изразување

Датум и време на објавување: 05.06.2013; 14:20

Датум на рецензирање: 06.06.2013

Рецензент: Биљана Илиќ

Вистинитост: Написот на Комуникации е кус извештај за дебатата за новиот закон за медиуми, што ја организираше Министерството за информатичко општество. Текстот се темели на искази во дебатата, пренесени коректно, иако во скратена форма и делумно надвор од поширокиот контекст на исказите.

Извори на информации: Изјавата на неименуваниот претставник на ЗНМ (игнорирањето на неговото име е некоректно), го задоволува минималното ниво на напор да се обезбедат повеќестрани извори на темата. Сепак, авторот можел да се потруди да обезбеди и изјави од други учесници во дебатата.

Содржајност: Главниот проблем на овој напис е неговата несеопфатност и површност. Имено, во него ги нема најважните поенти на дебатата, кои би укажале на контроверзноста на темата. Секако, тоа и не морало да биде амбиција на авторот, но вака, насловот, амбициозен носител на аголот, не е оправдан.

Во изјавите на цитираната Мирка Велиновска, на запоставениот Миленко Неделковски и во некои други искази, јасно се присутни тезите и „аргументите“ на страната која го поддржува законот и јавно ги стигматизира неговите критичари. Тој „сок“, исцеден од дебатата во некои други извештаи, за жал, го нема во овој текст.

Пристрасност: Написот не ја прикажува целата вистина. Реакцијата на претставникот на ЗНМ, Фиљана Кока, која го заговара концептот на саморегулација во медиумите, овде, во овој извештај, е сведена на нејзината куртоазна забелешка дека е добро „дебатите организирани од МИОА да продолжат со ваков јавен карактер“.

Кога веќе се пренесуваат обвинувачки наводи од исказот на Велиновска за ЗНМ (земена голема сума пари да се подготват забелешките итн), а не се почувствувала потреба дополнително за ова да се побара изјава од засегнатата страна, ЗНМ, можело барем исказот на новинарката да се пренесе во поголем обем, за да се видат аргументите за ваквите обвинувања.

Како и да е, извештајот не ја оправдува декларацијата во насловот и во лидот, реченицата во која речиси коментаторски, во форма на еден очигледен спин, се тврди дека „Законот за медиуми гарантира слобода на изразување“. Таа може да се сфати и како празна флоскула, бидејќи Уставот е тој што гарантира слобода на изразување и секој закон што сака да биде во согласност со Уставот, мора да ја преземе таа декларација. Прашање е колку декларативното се остварува во нормативниот дел на законите и во праксата.

Квалитет на насловот: Освен што е несоодветен на скромниот извештај и во извесна смисла тенденциозен, како носител на спинот, насловот е и некоректен, во таа смисла што не ја содржи неопходната атрибуција. Читателот е збунет – кој тврди дека Законот за медиуми гарантира слобода на изразување? Патем, големата буква „з“ во зборот „Законот“ означува дека таков закон постои и функционира, што не е точно, зашто постои само нацрт.

Фотографија: Фотографијата треба да биде илустрација на поимот „медиуми“. Но, со оглед дека се објавени повеќе фотографии од настанот (дебатата), веројатно со малку повеќе труд можело да се обезбеди автентична фотка.

Заклучок: Новиот закон за медиуми, кој е во подготовка, е исклучително важна тема за новинарите. Од тие причини, впечаток е дека извештајот на Комуникации е нецелосен и површен и не ги опишува конфликтните прашања во дебатата. Од друга страна, премногу лесно во насловот се спинува тезата дека новиот закон „гарантира слобода на изразување“, што е спротивно на оценките што стасаа и од домашните критичари на драфтот, но и од релевантни меѓународни организации и експерти.

Рецензија: Законот за медиуми гарантира слобода на изразување

 


Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

ИНФОГРАФИК

infoVistinitostВИСТИНИТОСТ

infoVistinitostИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ

infoVistinitostСЕОПФАТНОСТ

infoVistinitostПРИСТРАСНОСТ

infoVistinitostКОМЕНТИРАЊЕ

infoVistinitostПЛАГИЈАТ

infoVistinitostКВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ

infoVistinitostФОТОГРАФИЈА

infoVistinitostГОВОР НА ОМРАЗА

infoVistinitostУРЕДЕН ЗА ВЕБ

Претплатете се за најнови вести