Текст во кој вистинитоста е во нокаут
Објавено во Рецензии
on 23 - 06 - 2015 Автор: Владимир Мирчески
[Рецензија: Заев признава дека ВМРО-ДПМНЕ води и е со поголема поддршка кај граѓаните]
Имаме пристрасен производ, крајно неизбалансиран, со јасна навивачка нота, без желба и цел за придржување кон професионалните стандарди. Класично „клеветничко“ четиво со силна доза невистинитост и вонконтекстуални интервенции, кои сериозно го поткопуваат неговиот легитимитет како информативен материјал. За жал, ова повеќе наликува на нечие продолжување на политичката борба, ама преку медиумски средства.
Линк до оригиналниот напис: Заев признава дека ВМРО-ДПМНЕ води и е со поголема поддршка кај граѓаните
Датум и време на објавување: 16.06.2015, 09:31
Датум на рецензирање: 18.06.2015
Рецензент: Владимир Мирчески
МЕДИУМСКО ЗАЛОЖНИШТВО ЗА ПАРТИСКИ ЦЕЛИ
Може да се каже дека позната изрека на Карл фон Клаузевиц, „Војната е едноставно продолжување на политиката, но со други средства“, со извесни модификации, подолг период се применува во дел од домашните медиуми, кои најчесто се само продолжена рака на власта во нејзината битка со опозицијата. Пристапот е применет и во овој случај – преку наводни „новинарски“ текстови, се тера политичкиот судир со јасно заземање страна. Конкретно, настапот на претседателот на СДСМ е искористен или, ако сакате, злоупотребен, за на јавноста да ѝ се сервира една „диригирана варијанта на вистината“. Имено, се тврди oти „Заев признава дека ВМРО-ДПМНЕ води и е со поголема поддршка кај граѓаните“, за само неколку редови подолу во истиот текст да се пренесе изјавата на Заев, во која тој вели дека „Груевски опстојува на анкетите високо. Да веќе сме исто, приближени, но прашањето е зошто не паѓаат“. Значи, првиот опозиционер не признал дека власта води, туку дека се на исто, приближени! Во нормалното, професионално новинарство, меѓу овие две реченици нема и не може да има знак на изедначување. Не само што едната со другата формулација се контрадикторни, туку јасна е намерата за спинувања на изјавата на опозиционерот. Тој, демек, јавно признава дека, и покрај сите негови напори, премиерот и неговата партија се недофатливи?! Тој не го вели тоа. Со ова вистинитоста на текстот добива нокаут.
ДОСТА ЗА ПАРТИСКИТЕ БРИФЕРИ МАСКИРАНИ КАКО „ЕКСПЕРТИ“
Во делот на изворите, ситуацијата е поделена – да, за основната теза која се пласира, се користат јасно наведени извори на информации иако, како што рековме, извитоперени, додека за другите наоди и формулации нема какви било релевантни или прецизирани извори. Не знам по кој пат се повторуваат фразите „познавачи“ и „експерти“, иако од нив во написот нема ни трага, ни глас. Тоа се тие познати „анонимни извори“. На таков наплив на „анонимки“ како може да се верува?! Сметам дека треба да се каже доста на партиските брифери маскирани како неутрални „познавачи на проблематиката“, чија основна задача е да се шири „штапската“ мисла како единствена вистина. Оттука, за содржајноста е излишно да се зборува, зашто неа ја има во мали количества наспроти високите дози пристрасност, манифестирани и преку неколкуте коментаторски „проблесоци“:
„… Ова е главната причина зошто Заев бега од избори, бидејќи и самиот е свесен дека ја нема поддршката од мнозинството на граѓаните и токму поради тоа оди на рушење на разговирте поставувајќи нереални барања кои во никој случај не би можеле да бидат прифатени, туркајќи ја државата кон уште поголема криза.“
Новинарот треба да прави разлика меѓу фактите и мислењата, меѓу веста и коментарот – член 13 од Кодексот на новинари.
Конечно, за финална оцена, ќе го искористиме Кодексот за да повториме кон што треба да се придржува едно кредибилно новинарско четиво:
Почитувајќи ги етичките вредности и професионалните стандарди во пренесувањето на информациите, новинарите ќе бидат чесни, објективни и точни. Право и должност на новинарите е да настојуваат да ја спречат цензурата и искривувањето на вестите.
Тоа, во овој случај не е сторено.
Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).
ИНФОГРАФИК
ВИСТИНИТОСТ
има факти
неточни наводи
неверодостојни наводи
ИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ
и да и не
официјални, анонимни
повеќе извори
еднострани
СЕОПФАТНОСТ
несеопфатнo
прикриени информации
ПРИСТРАСНОСТ
делумно прикажува вистина
извртување на вистина (спин)
не може да се утврди
наклонетост
политичка пристрасност
КОМЕНТИРАЊЕ
има коментаторски елементи
интегрирано со фактите
ПЛАГИЈАТ
не може да се одреди
ненаведен автор
КВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ
дезинформира
некреативен
сензационален
несоодветен
тенденциозен
ФОТОГРАФИЈА
има
ни манипулира ни информира - ставена е само како илустрација
наведен автор(извор)
ГОВОР НА ОМРАЗА
навредлив говор
нема говор на омраза
не потикнува на насилство
не дискриминира
УРЕДЕН ЗА ВЕБ
читлив
неквалитетни мултимедијални елементи
нема контекстуални линкови
делумно стилски уреден
неповрзан со тагови