verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Рецензија: Зад истражувањето на „Еврометар“ стои опозиционерката Лидија Димова

on 9 - 12 - 2014       

Зад истражувањето на Еврометар стои опозиционерката Лидија Димова NetPress-crop-resize

 

Неуспешен обид за издвојување на новинарските елементи од партиските ставови. Напис полн со коментаторски елементи, од кои само дел се припишани на конкретен извор, имено на владејачката партија. Во текстот се наведени елементи од приватниот живот на поединци кои наликуваат на чаршиски муабети. Ако ова било обид за истражувачко новинарство, штета што целото дело не наликува на новинарски текст, туку на партиско соопштение.

Зад истражувањето на Еврометар стои опозиционерката Лидија Димова NetPressНаслов на анализираниот напис: Зад истражувањето на „Еврометар“ стои опозиционерката Лидија Димова

Датум и време на објавување: 02.12.2014

Датум на рецензирање: 07.12. 2014

Рецензент: Александар Пешев

Тврдења без ниту една бројка ниту изјава. Делови од текстот се атрибуирани како ставови на владејачката партија или како објави од друг медиум. Станува збор за околу три реченици во целиот текст. Понатамошните тврдења не се поврзани со извор, а нивната сличност со именуваните ставови на владејачката партија создаваат сомнеж за ископирани елементи од партиско соопштение. Нема факти кои се потврдени или поткрепени со аргументи. Презентираните тврдења за роднински и за партиски врски во именуваната организација, наликуваат на чаршиски муабети и не е консултиран предметот на приказната – самата организација.

Имаме обид за дискредитирање на емпириско анкетно истражување, со јасна и јавно достапна методологија и резултати. Алатката со која авторот се обидува да го дискредитира истражувањето е партиски став. Ако употребиме новинарски пристап на истражување, поконкретно пребарување по податоци (data mining), ќе утврдиме дека и други институции дошле до слични резултати. Како пример, може да се земе анкетата на Меѓународниот републикански институт (IRI).

Со исклучок на еден резултат, останатите наоди од истражувањето, кое се споменува и од сродните истражувања, воопшто не се споменуваат во текстот. Оттука се поставуваат неколку прашања: Зошто наместо проверка на наодите, методологијата и потврдување или дискредитирање на резултатите, авторот на публиката ѝ нуди информации за структурата на организацијата и непроверени тврдења за поврзаноста на организацијата со центри на политичка моќ? Зошто партискиот став е релевантен во текст за резултати од анкета? Дали истражувањето може да се прогласи за невалидно само поради тоа што поранешен член на именуваната организација денес е политички активен?

Особено интересен е еден од двата единствени делови на објавата кои се поврзани со извор на информации:

„Владејачката ВМРО-ДПМНЕ многу пати досега јавно обвинуваше дека МЦЕО е еднаква на СОРОС и дека МЦЕО постои само затоа што е добро платена од Владе Милчин и неговата СОРОС-Македонија.“

Тука авторот на текстот не одговара на едно од прашањата кое секој новинар треба да си го постави пред да стави одреден елемент во текстот кој го пишува: „Па што?“. Со тоа новинарот проверува дали дадениот елемент е важен за читателската публика. Останува нејасно зошто овој цитиран партиски став треба да е важен за читателот и како со цитирање на партиско тврдење се дискредитира емпириско истражување.

Не е понуден пристап (линк) до резултатите кои го мотивирале објавувањето на овој текст, со што не се задоволува принципот на сеопфатност. Публиката има пристап до кратко резиме од резултатите во форма на илустрација, која и ако се кликне, е мала и нечитлива. Во текстот се наведува само еден наод од истражувањето на организацијата која се критикува, што асоцира на обид за прикривање информации, особено ако се има предвид дека нема информации за примерокот, методите и за другите наоди.

Политичката пристрасност се согледува во тоа што споменатиот политички став речиси совршено се совпаѓа со коментарите во текстот. Имаме форшпан кој го кажува ставот на ВМРО-ДПМНЕ, дека организацијата МЦЕО е еднаква на „Сорос“, за подолу во текстот да се наведе следниов коментар во ист стил:

„Ваквите резултати од истражувањето на „Еврометар“ не се никакво изненадување ако се земе во предвид кој стои зад ова истражување, односно организација која е директно раководена од сопруг на висок фунцинер на СДСМ, како и актуелен партиски функционер на СДСМ и поранешен директор на оваа организација.“

Не се наведува кој го вели ова и од која стручност читателот треба да го прифати ваквото тврдење како точно.

Имаме неуспешен обид за комплетно отстранување на коментаторските елементи од објавата. Само мал дел од тврдењата се поврзани со официјален партиски став или информација од друг медиум. Дел од останатите тврдења се презентираат како „општо познати“, но со тоа не се правда нивното постоење. Фактите кои се нудат како општо познати се, впрочем, коментари од непознат автор.

Можеби ова дело ќе поминеше како колумна ако се знаеше кој е авторот. Ова се претвора во веќе стандардна забелешка за многу рецензии: Ако читателот не знае кој пишува, нема нити мотив нити причина да ги прифати понудените информации како проверени, а камоли вистинити.

Насловот е изведен од коментар во текстот. Ако се погледне сегашната организациска структура на организацијата за која се пишува, насловот и коментарите во текстот паѓаат во вода. Именуваната „опозиционерка Лидија Димова“ веќе не е член на прозваната организација.

Насловната фотографија е поврзана со непроверените тврдења во објавата. Илустрацијата која информира за дел од наодите од истражувањето, кои се наведени кон самиот почеток на написот, е спуштена кон крајот на текстот по коментаторските елементи. Намерно, за да не падне в очи и за да им се даде предност на непроверените тврдења, или случајно ? Тоа не се знае.

Имаме јасно прекршување на членот 7 од Кодексот на новинарите:

Новинарот ќе ја почитува приватноста на личноста, освен кога тоа е во спротивност со јавниот интерес.

Во текстот се споменуваат брачни врски во контекст на менаџментот на организацијата која објавува резултати од истражување. Во согласност со професионалните стандарди, потпирливоста врз и валидноста на објавени истражувања се проверува преку методологијата, начинот на избор на примерокот и репрезентативноста (претставителност на анкетираните за населението). Новинарот е должен да консултира стручни лица кои би понудиле мислења и аргументи за овие елементи. За избалансирано известување, новинарот е должен да понуди информации од други истражувања и да ги спореди резултатите од различни извори. Оттука, видното непочитување на приватноста на личноста во овој текст не може да се оправда со јавниот интерес.

Неоправданото непочитување на приватноста се употребува за поддршка на тврдења кои не се поврзуваат со емпириски наоди во понудено истражување. Неточни тврдења кои би можеле да се избегнат со основна проверка на организациската структура на субјектот на критика. Критикуваната страна не е консултирана за мислење. Издвоен е само еден елемент од истражувањето. Нема споредба со истражувања од други организации, иако има повеќе анкети од ваков тип и тоа од меѓународни организации. Обид за дискредитирање на истражувачки наоди со чаршиски муабети наместо со проверка на методологијата и на примерокот, проследена со мислења на стручни лица. Именувани ставови на политички партии кои наводно треба да послужат за побивање резултати. Објава која наликува на партиско соопштение, а не на новинарски текст.

 


Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

ИНФОГРАФИК

infoVistinitostВИСТИНИТОСТ

нема факти

не може да се утврди точноста на наводите

не може да се утврди веродостојноста на наводите

infoVistinitostИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ

има евидентирани извори

неофицијални

нерелевантни

1 извор

еднострани

infoVistinitostСЕОПФАТНОСТ

несеопфатнo

можеби се прикриени информации

infoVistinitostПРИСТРАСНОСТ

делумно прикажува вистина

извртување на вистина (спин)

наклонетост

политичка пристрасност

infoVistinitostКОМЕНТИРАЊЕ

има коментаторски елементи

интегрирано со фактите

infoVistinitostПЛАГИЈАТ

не може да се одреди

ненаведен автор

infoVistinitostКВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ

дезинформира

некреативен

сензационален

несоодветен

тенденциозен

infoVistinitostФОТОГРАФИЈА

има

несоодветна

манипулира

селективно наведен автор (извор)

infoVistinitostГОВОР НА ОМРАЗА

навредлив говор

нема говор на омраза

не потикнува на насилство

не дискриминира

infoVistinitostУРЕДЕН ЗА ВЕБ

читлив

неквалитетни мултимедијални елементи

нема контекстуални линкови

делумно стилски уреден

неповрзан со тагови

Претплатете се за најнови вести