Седум секунди за политичка пресметка
Објавено во Рецензии
on 2 - 09 - 2015 Автор: Љубомир Костовски
[Рецензија: За Заев изборите се „нус-продукт“]
Познатиот автократ, кардиналот Ришелје, стана познат, меѓу другото, и по тоа што изјави дека ако му дадат кои било две реченици кои ги изговорил кој било човек, ќе направи тој да заврши на бесилка. Во основа, тој не демонстрираше само моќ, иако недвосмислено ја имаше, туку обвинителска еквилибристика, кога се може да се извртува до монструозни финалиња. Се чини дека некои актуелни текстопишувачи во медиумите се обидуваат тоа да го направат со далеку поголеми амбиции – да земеме истргнат збор од политички говор за да му направиме голема штета на говорникот.
Во случајот се зема зборот „нус-продукт“ од говорот на Заев пред Собранието за да се направи една теза за тоа дека, наводно, опозицијата се плаши од изборите. Сè околу тој говор, настан пред сè, амбиентот и околностите кои доведоа до враќање на опозицијата во Собранието, не постои во текстот, ниту во овој неделник кој има и свој дневен портал.
Линк до оригиналниот напис: За Заев изборите се „Нус-Продукт“
Датум на објавување: 01.09.2015, 17:33
Датум на рецензирање: 02.09.2015
Рецензент: Љубомир Костовски
„За лидерот на СДСМ, Зоран Заев, предвремените парламентарни избори закажани за април 2016-та се нус-производ. На Заев му се „лизна“ признание. Тој призна дека не сака да се соочи на избори со политичката конкуренција, дека тој не посакува избори. Медиумите одамна пишуваат дека опозицискиот лидер се плаши од избори и сака да избега од нив. Партискиот рејтинг, неуспехот на неговото сценарио и слабата поддршка се доволни причини за тоа.
Како подршка на текстот се дава видеоснимка во траење од седум секунди, која е само доказ дека зборот „нус-продукт“ навистина постои. Но, тој збор е само дел од обраќање во кое се става на знаење дека цел на опозицијата е враќање на институциите во живот, нивно обновување, а дека дури потоа изборите се можни. Овој збор, инаку, не е ниту дел од обраќањето, туку е само дел од неколку реченици кои беа одговор на Заев на прашање на новинарите дали ако не се исполни Договорот од Пржино, СДСМ би одела на избори на 24 април? Одговорот гласи „На нови криминални избори зарем треба Социјалдемократскиот сојуз и опозицијата да учествуваат? Најважната работа за нас е, во целиот овој период до изборите, да се вратат во нормала институциите на системот, да ги вратиме демократските институции, а како нус продукт, на крајот, да бидат слободни, фер и регуларни избори“.
Секако, во еден ришелјеовски приод, можете да истргнете кој било збор од чиј било говор и од тоа да правите политички ламент во која било насока. Но, тука не завршува логичката рашомонијада: зошто, пак, зборот „нус-продукт“ треба да се врзе за стравот? Како овој збор може да ја добие таа тангента кон одредена политичка опсесија, условно, на опозицијата? Одговор во логиката нема, ама за новинарите во овој неделник се чини постои некоја друга јазична шема која за „обичниот читател“ е недофатлива?! Но, тоа не било проблем, нели, да биде јасно за секого ако се пушти секвенца од целото прашање со одговорот, долга барем 20 или 30 секунди?! Нели е тоа сосема новинарски? Да не говориме дека обраќањето на лидерот не беше толку долго да не добие и свое претставување пред публиката во видеоформа, која, кај неделниците би била – по правило на жанровите – пообразувана и поквалификувана за да ги сфати работите.
Текстот во неделникот, инаку, е единствениот за големиот општествен настан, сам по себе (враќање на опозицијата во Собранието по година и неколку месеци) и нема никаква поврзница ниту за настанот, актерите, времето во кое се случува…
Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).
ИНФОГРАФИК
ВИСТИНИТОСТ
има факти
истргнат збор од реченица
веродостојноста на зборот е поврдена со најкус можен видео клип
ИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ
има евидентирани извори
официјални
релевантни
1 извор
еднострани
СЕОПФАТНОСТ
несеопфатнo
прикриени информации
ПРИСТРАСНОСТ
не може да се утврди
извртување на вистина (спин)
има лажно толкување
наклонетост
политичка пристрасност
КОМЕНТИРАЊЕ
има коментаторски елементи
интегрирано со фактите
ПЛАГИЈАТ
оригинално дело
ненаведен автор
КВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ
дезинформира
некреативен
сензационален
соодветен
тенденциозен
ФОТОГРАФИЈА
има
се работи за фотографија - дел од видео клип
ни манипулира ни информира - ставена е само како илустрација
ненаведен автор(извор)
ГОВОР НА ОМРАЗА
навредлив говор
нема говор на омраза
не потикнува на насилство
не дискриминира
УРЕДЕН ЗА ВЕБ
средно читлив
неквалитетни мултимедијални елементи
нема контекстуални линкови
делумно стилски уреден
неповрзан со тагови