verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Рецензија: Врие во СДСМ: Незадоволство од стравот на раководството од избори

on 2 - 09 - 2013       
Овој напис го има и на: Албански

Насловот бомбастичен – во текстот ниту трага од најавеното. Иако се тврди дека „Во СДСМ врие“ од незадоволство што новото раководство се определило да не учествува на евентуални предвремени парламентарни избори, самиот напис поставува прашања (без прашалник) и донесува мислења на консултирани аналитичари, но не дава ниту еден аргумент или изјава, па дури ниту анонимна, во полза на тврдењето дека во опозициската партија постои раширено незадоволство на членството од одлуката на партискиот врв. Тезата од насловот, се чини како да се гради исклучиво врз основ на коментар на приватниот Фејсбук профил на близок соработник на поранешниот претседател:

„Сега кога не здробија на криминални локални избори остро изјавуваме дека веќе на такви избори не учествуваме. Добро бар ги добивме Ранковце, Струмица, Куманово и Центар… ,,која осмислена и принципиелна“ стратегија, напиша на својот профил на фејсбук Савова.“

Без оглед колку и да оди во прилог на кажаното во насловот, ова мислење не може да биде кредибилен израз на „вриеж“ од незадоволство во партија доколку стои осамено, бидејќи „вриежот“ би подразбирал дека таквото расположение е детектирано барем кај уште некој член на таа партија.

Заинтригиран од насловот, кој тврди дека врие во најголемата опозициона партија, внатре во текстот читателот добива поинаков материјал. Па, оттаму и чувството дека насловот е сосема несоодветен со содржината. Според поставените, а неодговорени прашања, на текстот повеќе би му прилегал наслов кој поставува дилема, од типот: „Има ли незадоволство во СДСМ по одлуката на раководството за бојкот на изборите?“

Во СДСМ врие – незадоволство од стравот на раководството од избори

Линк до оригиналниот напис: Во СДСМ врие – незадоволство од стравот на раководството од избори

Датум и време на објавување: 27.08.2103, 10:43

Датум на рецензирање: 30.08.2013

Рецензент: Југослава Дуковска

Вистинитост: Текстот не нуди ниту еден аргумент кој би го оправдал насловот освен наводниот коментар на Наташа Савова на нејзинот Фејсбук профил. Наместо изјави од членови на оваа партија, се цитираат мислења на политиколози.

Извори на информации: Соговорниците, чиишто изјави се користат како поткрепа на тврдењето дадено во насловот, го анализираат однесувањето на СДСМ на политичката сцена, но не даваат, ниту пак можат да дадат потврда на тезата од насловот дека внатре во партијата врие, туку само да нагаѓаат, бидејќи не се членови на оваа партија.

Содржајност: Во текстот се наведува што би можело да предизвика незадоволство односно вриеж меѓу членството на Социјалдемократскиот сојуз, но не информира што навистина се случува во таа партија.

Пристрасност: Написот е политички неизбалансиран и не ја кажува целата вистина.  Авторот не вложил труд да открие какво е навистина расположението на СДСМ по одлуката на раководството, но затоа пак насловот, како и самата содржина на текстот, се сугестивни и пласираат спин дека раководството, кое „се определило за безвреден извештај“ стои пред неизвесноста „дали партиските реформи ќе ги зафатат оваа есен“.  Целиот текст заличува на обид оваа опозициона партија да се претстави во негативно светло, што, ставено во контекст на дневнополитичкиот момент на неговото објавување, може да се толкува како политичка пристрасност.

Фотографија: Фотографијата што го следи текстот е само илустрација – слика од зградата во која се наоѓа седиштето на некоја партија е чест, но неинвентивен начин на илустрирање на темите поврзани со конкретна политичка партија, како што е тоа во овој случај.

Заклучок: Новинарските анализи за внатрепартиски случувања се популарно политичко четиво, посебно кога се „гарнирани“ со шпекулации и кулоарски пикантерии. Но и за нив, како и за другите форми на новинарско изразување важи едно основно правило – тезата дадена во насловот треба да е поткрепена со материјал во самиот текст. Една релевантна и издржана новинарска анализа на внатрешните трендови или случувања во одредена партија подразбира истражување, пронаоѓање на соговорници и информации „од прва рака“. Доколку такво нешто не може да обезбеди, новинарот не би требало да посегнува по силни, бомбастични наслови само за да создаде сензација, бидејќи бргу ќе биде „прочитан“ од своите читатели.


Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

ИНФОГРАФИК

infoVistinitostВИСТИНИТОСТ

нема факти

не е апликативно

не може да се утврди веродостојноста на наводите

infoVistinitostИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ

има евидентирани извори

неофицијални

нерелевантни

повеќе извори

еднострани

infoVistinitostСЕОПФАТНОСТ

несеопфатнo

можеби се прикриени информации

infoVistinitostПРИСТРАСНОСТ

делумно прикажува вистина

извртување на вистина (спин)

лажни информации

наклонетост

политичка пристрасност

infoVistinitostКОМЕНТИРАЊЕ

има коментаторски елементи

интегрирано со фактите

infoVistinitostПЛАГИЈАТ

не може да се одреди

ненаведен автор

infoVistinitostКВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ

не информира

некреативен

сензационален

несоодветен

тенденциозен

infoVistinitostФОТОГРАФИЈА

има

соодветна

ни манипулира ни информира - ставена е само како илустрација

infoVistinitostГОВОР НА ОМРАЗА

нема навредлив говор

нема говор на омраза

не потикнува на насилство

не дискриминира

infoVistinitostУРЕДЕН ЗА ВЕБ

средно читлив

неквалитетни мултимедијални елементи

нема контекстуални линкови

делумно стилски уреден

неповрзан со тагови

Претплатете се за најнови вести