verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Рецензија: ВО ПРВИТЕ ШЕСТ МЕСЕЦИ: „Телеком“ и „Т-Мобиле“ со водечка позиција на пазарот

on 8 - 08 - 2014       

ВО ПРВИТЕ ШЕСТ МЕСЕЦИ  Телеком и Т Мобиле со водечка позиција на пазарот – TELEGRAF MK-crop-resize

Станува збор за вест која е крајно комерцијално пристрасна, вест со изместени приоритети, која е и премногу скратена, што на места е и нејасна. Насловот, пак, е посебна приказна и тој во себе не ја содржи главната ударната информација, туку кажува работи кои се познати со децении. Сѐ на сѐ, вест со лошо обработени информации.

ВО ПРВИТЕ ШЕСТ МЕСЕЦИ  Телеком и Т Мобиле со водечка позиција на пазарот – TELEGRAF MKЛинк до оригиналниот напис: ВО ПРВИТЕ ШЕСТ МЕСЕЦИ: „Телеком“ и „Т-Мобиле“ со водечка позиција на пазарот

Датум и време на објавување: 07/08/2014, 12:40

Датум на рецензирање: 07/08/2014

Рецензент: Владимир Петрески

Веста нема проблем со вистинитоста на изнесените информации, но има проблем со начинот на кој тие се изнесени, а уште повеќе со информациите кои не се изнесени, а морале да бидат за веста да биде објективна.  Таа е толку многу скратена што е едвај читлива. На 11 реда има 10 бројки, кои се хаотични и даваат погрешна слика. Веста потекнува од соопштението на „Македонски Телеком“ за полугодишните финансиски резултати и медиумот решил да го скрати драматично. Ова не би било невообичаено како резултат на уредувачката концепција во некои други прилики, но овде со кратењето се претерало со што е доведена во прашање објективноста. Покрај тоа, станува збор за една од 10-те компании во земјава со најголеми приходи и добивка , која бездруго заслужува поголем простор. Уредничкото кратење отишло дотаму што во веста на едно место се вели:

Бројот на ДСЛ-корисници е 190 илјади, што е пораст од 5,5%, бројот на Max TВ-корисници е 18,6 проценти…

Некаде има број на корисници, некаде проценти за кој не е јасно дали значат раст или пад и на крај тоа излегува нејасно. Потоа, многу е чуден критериумот по кој е избрано она што ќе оди во главата на веста. Се почнува со бројот на корисници на МАКС ТВ, иако телевизијата е четврт сегмент по големина во компанијата (после интернетот, мобилната и фиксната телефонија).

 

ВЕСТ НА УБАВИТЕ БРОЈКИ

Она што најмногу боде очи е изборот на објавените податоци, кој е крајно пристрасен. Ако оваа вест се спореди со целото соопштение, веднаш се гледа дека е одлучено да се објават бројки таму каде што Телекомот бележи пад во бројот на претплатници (без да се каже тоа), а проценти онаму каде што е забележан раст. Еве како е тоа направено:

Бројот MAX TВ-корисници пораснал за 18,6 проценти, а бројот корисници во мобилната телефонија е 1,2 милиона, во првите шест месеци

Кај МАКС ТВ има раст и е објавен процентот на растот, кај мобилната телефонија има пад и е објавен само бројот на корисниците, но не и падот.

Водечка позиција на пазарот со удел од 65,4 проценти во фиксната и 46,4 проценти во мобилната телефонија имаат „Македонски телеком“ и „Т-Мобиле Македонија“…

Овде се напишани само уделите во фиксната и мобилната телефонија во проценти, но не е кажано дека овие два сегменти бележат пад во приходите (податоци кои ги има во соопштението).

Бројот на ДСЛ-корисници е 190 илјади, што е пораст од 5,5%, бројот на Max TВ-корисници е 18,6 проценти, додека бројот корисници во мобилната телефонија е 1,2 милиона. Има намалување во приходите од продажба за 13,5% и нето-добивката пред оданочување за 35% – стои во соопштението на двете компании.

Кај ДСЛ корисниците има раст и таму е напишан и бројот на корисници и процентот на растот, додека кај МАКС ТВ е напишан само процентот на раст, иако тоа е нејасно направено, како да станува збор за бројки. Кај мобилната телефонија е напишан само бројот на корисници, но не е напишано дека таа бележи пад.

Кога станува збор за финансиските резултати, пак, тука веќе „немало каде да се бега“, падот е очигледен, и е напишано дека и приходите и добивката бележат пад. Но, и тука има проблем во однос на пристрасноста. Финансиските резултати се објавуваат токму заради податоците кои се однесуваат на приходите и особено добивката и тие се најважни во ваквите вести, кои и потекнуваат од „соопштение за финансиските резултати“, заради што овие два податоци требало да бидат на прво место. Овој медиум во рубриката „Поврзани вести“ има вести за други компании во чии наслови се вклучени токму податоците за добивката, како што и може да се види од скриншотот.

 

НАСЛОВ СО ИНФОМРАЦИИ СТАРИ СО ДЕЦЕНИИ

Насловот, како што кажавме, е посебна приказна. Главниот проблем со него е што тој не содржи никаква вест. Да се каже „ВО ПРВИТЕ ШЕСТ МЕСЕЦИ: „Телеком“ и „Т-Мобиле“ со водечка позиција на пазарот“ не значи ништо, односно во овој наслов нема ништо ново и тој не содржи вест. Телекомот во фиксната телефонија е на водечка позиција отсекогаш, откако е создаден како монопол, а истото се однесува и за мобилната телефонија каде компанијата е, исто така, во водечка позиција од 1996 година, кога стана прв провајдер на мобилна телефонија во земјава.

Она, што е важно и што можело да се каже, на пример, ако не во насловот, барем некаде во веста, е фактот што во изминатите 4 години од почетокот на 2010 година Телекомот бележи значителен пад во мобилната телефонија при што неговиот удел паѓа без прекин од 61,2 отсто на сегашните 46,4 отсто. Податоците за бројот на корисници и приходите во мобилната телефонија се многу важни за Телекомот зашто станува збор за сегмент, кој е најголем во работењето на компанијата. Овој податок го нема во соопштението, но секако го има во кварталните извештаи на АЕК за состојбите во телекомуникацискиот пазар.

Кога се пишува вест за финансиски резултати на една компанија, секогаш се соочуваме со редица податоци и информации. И тоа не само овие кои се во соопштението, туку и уште повеќе кои можат да се најдат во самиот финансиски извештај (консолидиран). Но, тоа не значи дека можеме да ги избереме само позитивните бројки, оние кои покажуваат раст во работењето, ниту, пак, негативните бројки, односно оние кои покажуваат пад. Тука мора да се има рамномерност. Критериумите се јасни. Најпрвин се пишуваат главните бројки, оние за добивката и приходите, а потоа за сегментите во кои работи компанијата според нивната големина. Уште еден критериум кој треба да се следи се оние бројки кои отскокнуваат, односно оние кои имаат најголем пад или раст. Ваквиот избор само на позитивни податоци ќе создаде погрешна слика кај читателот и ќе оддаде впечаток за комерцијална пристрасност. А, кога таквиот впечаток е точен, тоа не е во корист на медиумот.


Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

ИНФОГРАФИК

infoVistinitostВИСТИНИТОСТ

има факти

точни наводи

веродостојни наводи

infoVistinitostИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ

има евидентирани извори

официјални

релевантни

1 извор

еднострани

infoVistinitostСЕОПФАТНОСТ

несеопфатнo

прикриени информации

infoVistinitostПРИСТРАСНОСТ

делумно прикажува вистина

извртување на вистина (спин)

нема лажни информации

наклонетост

комерцијална пристрасност

infoVistinitostКОМЕНТИРАЊЕ

нема коментаторски елементи

издвоено од фактите

infoVistinitostПЛАГИЈАТ

институционално соопштение

наведен автор, наведен извор без линк

infoVistinitostКВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ

не информира

некреативен

несензационален

несоодветен

нејасен

infoVistinitostФОТОГРАФИЈА

нема

соодветна

ни манипулира ни информира - ставена е само како илустрација

наведен автор(извор)

infoVistinitostГОВОР НА ОМРАЗА

нема навредлив говор

нема говор на омраза

не потикнува на насилство

не дискриминира

infoVistinitostУРЕДЕН ЗА ВЕБ

читлив

квалитетни мултимедијални елементи

нема контекстуални линкови

стилски уреден

поврзан со тагови

Претплатете се за најнови вести